У.бр.32/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на член 52 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012 и 109/2013) и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2013, 113/2014).

2. Драган Насевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од актите наведени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Правилата за снабдување со топлинска енергија се повредувала одредбата од членот 35 од Уставот, според кој Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните и гарантира право на помош на немоќните и неспособните за работа граѓани и посебан заштита на инвалидните лица. Подносителот наведува дека тој е лице со посебни потреби на кое му е потребно доживотно лечење со хемодијализа. Тој смета дека како лице со посебни потреби треба да биде ослободен од плаќање паушал (фиксен дел) за топлинска енергија бидејќи неговиот стан бил физички одделен од главниот цевковод на топлина, не користел ангажирана моќност, користел други извори на топлина, така што смета дека нема основ за наплата. Во поднесокот укажува дека тој бил исклучен од системот на топлификација уште во 2006 година и бидејќи не користи топлинска енергија и услуги од Топлификација, смета дека не треба да склучи договор за колективно греење.

Во поднесокот понатаму подносителот наведува дека има поднесено барање до Регулаторната комисија за енергетика во Правилникот да се воведат одредби за обештетување на лицата – станарите кои имаат инсталирано грејни тела и кои на тој начин оддаваат топлина кон соседните станови кога е исклучено парното греење од Топлификцаија, како и обештетување на лицата за узурпација на станбениот просор во станот во кој поминувааат главните снабдителни цевки.

Подносителот со иницијативата бара Уставниот суд да ја испита уставноста на Правилникот за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинската енергија и да воведе одредба во Правилникот за обештетување на лицата кои имаат инсталирано сопствени грејни тела.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012 и 109/2013), исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

4. Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од изнесената уставно-судска практика произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија веќе ја оценувал уставноста на оспорената одредба и со Решение У.бр.125/2012 од 22 мај 2013, не повел постапка за оценување на нејзината уставност.

Судот во наведеното решение, анализирајќи ја спецификата на колективните објекти за домување и пасивното преземање на топлинската енергија при нејзиното поминување низ вертикалните цевки, укажал дека: „корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците. Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата“.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на одредбата од член 52 став 2 и не повел постапка за оценување на уставноста, а во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Во однос на второспорениот акт – Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2013, ниту во иницијативата, ниту во дополнението на иницијативата поднесителот не наведува ниту конкретна одредба која ја оспорува, ниту пак какви и да било општи причини за оспорување на овој акт, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по овој дел од иницијативата.

6. Во врска со барањето во иницијативата дека е потребно во Правилникот за снабдување со топлинска енергија да се воведат одредби за обештетување на лицата кои со своите посебно инсталирани грејни тела оддаваат топлина кон соседните станови, како и за узурпација на станбениот простор во станот во кој поминуваат главните снабдителни цевки, Судот утврди дека тие не спаѓаат во доменот на надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.32/2015
03.06.2015 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева