32/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на посктапка за оценување на уставноста на член 48 став 2 во делот „освен за кози“ од Законот за шуми („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 7/2000 и 89/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 48 став 2 во делот „освен за кози“ од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите на подносителот оспорениот дел не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што нема никаква правна основа да и козата како и секој друг добиток не го ужива исклучителното право да се напасува на опреде­лени површини. Напротив целиот животински свет, без никаков исклучок што значи и козата согласно член 56 став 1 од Уставот е добро од општ интерес за Република Македонија и ужива посебна заштита.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за шумите се уредува одгледувањето, користењето и заштитата на шумите.

Шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Заштитата на шумите во смисла на овој закон покрај другото е и заштита од напасување од добиток и желадење.

Во член 48 став 1 од Законот е предвидено дека забрането е напасување на добиток и желадење во шуми.

Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека по исклучок од став 1 на овој член, на определени површини може да се врши напасување на добиток, и тоа: во шуми во кои не се вршат, односно не се извршени мелиоративни мерки, во кои не е во тек природна или вештачка обнова и подмладување кои не се издвоени за семенски насади, како и на необраснато шумско земјиште.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Маке­донија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колек­тивните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето. Според алинеја 3 од истиот член од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, содржината на оспорениот дел од член 48 став 2 од Законот во однос на наводите содржани во иницијативата дека со оспорената одредба им било ускратено правото на козите да се напасуваат на одредени површини во шумите, Судот оцени дека таквите наводи во иницијативата се неаргументирани и крајно несериозни, поради што постојат процесни пречки Судот да постапува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.32/2007
21 март 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи