3/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, сите оспорени одредби од Законот во делот: „и друг“, не можело да опстојуваат од причина што правото за слободен пристап до информации од јавен карактер можело да се остварува само согласно овој Закон, а не и со друг, како што било предвидено во наведените законски одредби. Покрај тоа, според иницијативата, не било јасно за кој друг закон станува збор, што значи дека тие биле нејасни поради што се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Оспорениот член 17 став 4 од Законот, во делот „решение“ не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причини што според одредбите на Законот за општата управна постапка, барањето можело да се отфрли само со заклучок, но не и со решение, како што предвидува оспорениот став.

Даденото законско овластување со оспорените одредби на член 29 став 3 и член 47 од Законот, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за финансии да донесе акт со кој се утврдува надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации, значело навлегување на извршната во законодавната власт, што било спротивно на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија. Имено, според иницијативата, овластувањето на Владата на Република Македонија со подзаконски акт да го утврдува надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации, немало уставна основа од причина што во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не биле содржани критериуми и мерила во врска со овие прашања и таквото законско овластување не било во согласност со владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 2 од Законот, правото за слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон.

Согласно член 3 алинеја 3 од истиот Закон, определени изрази во овој закон го имаат следново значење:

– „барател на информација“ е секое правно и физичко лице без дискриминација по која било основа, на начин и под услови утврдени со овој и друг закон“.

Во член 4 став 2 од Законот е предвидено дека слободен пристап до инфромации имаат и странски правни и физички лица во согласност со овој и друг закон.

Според член 15 став 2 од наведениот закон, за поднесеното барање од ставот 1 на овој член во електронска форма се применуваат одредбите на овој и друг закон.

Согласно член 17 став 4 од Законот, ако барањето и по дополнувањето не ги исполнува условите од член 16 на овој закон и поради тоа имателот на информации не може да го разгледува барањето, имателот на информации ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето.

Според член 29 став 3 од Законот, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за финансии ќе донесе акт со кој се утврдува надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации.

Во член 32 алинеја 12 од истиот закон е наведено дека Комисијата врши и други работи утврдени со овој и друг закон.

Согласно член 47 од Законот, Владата на Република Македонија актот од членот 29 став 3 на овој закон ќе го донесе во рок од четири месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието е одговорно за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ги уредува условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до инфформациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, јавните установи и служби, јаввните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес, утврдени со закон (член 1 став 1).

Во овој член се дефинира предметот на уредување на овој закон кој го опфаќа правото на слободен пристап на сите субјекти до информации од јавен карактер. Со оглед на предметот на уредување на Законот, а тоа е правото на пристап до информации од јавен карактер, од кое не ретко зависи остварувањето на некои други права на граѓаните, е потребно за неговата реализација, со посебни одредби да се предвиди посебна и побрза постапка, поради што се упатува на Законот за општата управна постапка.

Од анализата на оспорениот став 2 на членот 1, членот 3 став 1 алинеја 3, член 4 став 2, член 15 став 2, член 32 алинеја 12, сите во делот „и друг“, според Судот утврдува дека во остварувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се применува овој закон, но ја остава и можноста тоа да биде сторено и со друг законски текст со кој се регулира материја која има допирни точки со предметот на регулирање на овој закон и тие меѓу себе треба да бидат усогласени заради можноста надлежните органи да работат во координација. Такви се Законот за општата управна постапка како lex generalis, Законот за заштита на личните податоци, Законот за класифицирани информации и други.

Со ваквото законско решение се овозможува поширок пристап до информациите во подделените органи и институции, бидејќи овој закон по своето значење или супсидијарна примена претставува генерален акт, на кој во уредувањето на конкретната материја активна улога имаат и одделни закони. Оттука, не може да се прифати наводот во иницијативата дека со оспорениот дел од наведените одредби „и друг“ се повредува една од основните темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Оспорениот член 17 од Законот е поместен во Глава IV со наслов „Постапка за остварување на правото на слободен пристап до информации“, точка 6 со поднаслов „Дополнување и одбивање на барањето“. Ставот 4 на овој член од Законот предвидува ако барањето и по дополнувањето не ги исполнува условите од членот 16 на овој закон и поради тоа имателот на информации не може да го разгледува барањето, имателот на информација ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето.

Од анализата на оспорениот став 4 на членот 17 од Законот, јасно произлегува дека истиот ја уредува постапката за отфрлање на барањето, кога тоа, како иницијален акт, не содржи еден од битните елементи што ја сочинуват неговата форма, а поради што имателот на информацијата не може да постапува по него. Во тој случај, Законот има конкретна норма според која имателот на информацијата барањето со решение да го отфрли. Ова, всушност значи дека имателот на информации воопшто не започнал да постапува по барањето, тој не навлегол во мериторно решавање по предметот, туку поради формални недостатоци го отфрла уште на самиот почеток. Имено, во конкретниов случај станува збор за прашање од областа на слободен пристап до информации од јавен карактер со кое со основниот закон односно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се уредува неговото решавање.

Од наведените причини Судот оцени дека овој член од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата.

Оспорениот член 29 од Законот е содржан во Глава V со наслов: „Трошоци за посредување на информации“. Имено, од анализата на овој член произлегува дека тој го уредува прашањето за трошоците на постапката за пристап до информации од јавен карактер. Меѓутоа, од суштинско значење, според Судот, е ставот 1 на овој член од Законот каде е предвидено дека: „Увидот во бараната информација е бесплатен“. Ваквата определба на законодавецот е со цел да овозможи широко користење на правата од граѓаните утврдени во Законот.

Обврската за плаќање надоместок во висина на материјалните трошоци за добиен препис, фотокопија или електронски запис на информацијата, за кој Владата донесува акт со кој го утврдува надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информацијата, а по предлог на Министерството за финансии, не е во несогласност со Уставот на Република Македонија. Тоа воедно значи дека Владата на Република Македонија при определувањето на висината на надоместокот на материјалните трошоци за добиениот препис, фотокопија или електронски запис на информацијата треба да води сметка, висината на ваквиот вид трошоци, да биде разумна и соодветна во рамките на тоа што значат реални трошоци. Прашањето дали во донесениот подзаконски акт висината на трошоците ќе се движи во рамките на така даденото овластување може да биде предмет на оценка единствено преку оспорувањето на уставноста и законитоста на тој конкретен подзаконски акт.

Тргнувајќи од наведеното, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член 29 став 1, како и со член 47 (кој е во корелација со член 29) станува збор за мешање на извршната во законодавна власт – член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.3/2009
3 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк /сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски