3/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за парнична постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005).

2. Роберт Бабамов од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека причините за нејзино поднесување биле на Судот да му се презентираат фактите во што се состоела неуставноста на Законот за парнична постапка, да се понуди предлог како тоа да се отстрани и да се презентира конкретен пример од судската пракса од кој можело да се види како се повредувале правата на граѓаните, токму поради тоа сто недостасувала одредба во Законот со која би се гарантирало правото на жалба кое е предвидено во членот 15 од Уставот на Република Македонија. Имено, со членот 361 и членот 370 од Законот за парничната постапка било предвидено дека второстепениот суд со пресуда може да ја преиначи првостепената пресуда кога одлучува по жалба. Но, Законот не предвидел право на жалба против второстепената пресуда со која предметната работа била мериторно одлучена од второстепениот суд, па поради тоа странката која била незадоволна од второстепената пресуда автоматски била ставена во ситуација да не може да изјави жалба и да ги заштити своите правни интереси со редовен правен лек.

Воедно, требало да се има предвид дека и во претходно важечкиот закон и во новиот Закон за парнична постапка, останало исто законското решение со кое не се предвидувало право на жалба против одлуките на второстепениот суд со кои се преиначувале првостепените пресуди, и законодавецот на тој начин го оневозможил остварувањето на уставното право на жалба.

Според иницијативата во Законот за парнична постапка требало да се предвиди одредба со која “ако второстепениот суд со своја одлука ја преиначи првостепената одлука, против таквата одлука може да се изјави жалба до Врховниот суд на Република Македонија”. На тој начин незадоволната странка ќе можела против второстепената одлука да изјави жалба до повисок суд, кој со своја одлука ќе оценел дали второстепениот суд правилно го применил материјалното право и ќе се спречеле злоупотреби во примената на законот од страна на апелационите судови.

Со иницијативата се изнесува и конкретен предмет од постапката, за да се видела оправданоста и потребата од вградување во Законот на нова одредба која ќе го разрешела изнесеното спорно прашање.

Од овие прицини предлогот во иницијативата е Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за парнична постапка.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува во целина Законот за парнична постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005) од аспект дека не содржи одредба која според подносителот на иницијативата Законот требало да ја содржи.

Оттука, треба да се истакне дека според членот 1 предмет на уредување на Законот за парнична постапка се правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓанинот во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанскоправни односи на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено за нив судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесените уставни и законски норми произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за парницната постапка кои се предвидени и содржани во Законот, но нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а трабало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поаѓајци од иницијативата со која се оспорува уставноста на Законот за парнична постапка од аспект дека не предвидува одредби какви законот според подносителот на иницијативата требало да ги содрзи, па поради тоа тој бил спротивен на Уставот, а имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.3/2006
19 април 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова