3/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 71 и 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/2003).

2. Владо Ушлиновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 2 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил согласен со Уставот, затоа што во него како лица кои имаат право на остварување на детски додаток не биле предвидени
корисниците на социјална парична помош, независно од тоа што овие лица за остварување на правото на детски додаток биле предвидени во членовите 5, 11 и 20 од Правилникот за условите, критериумите и начинот за остварување на правата за заштита на децата (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003), како последица на што, во примената на Законот на лицата корисници на социјална помош им се ускртувало правото на детски додаток.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член од Законот се определуваат субјектите и условите што тие треба да ги исполнуваат за да можат да го користат правото на детски додаток (корисник на право од пензиско и инвалидско осигурување според Законот за пензиското и инвалидското осигурување; лице кое е на отслужување на воен рок во Армијата на Република Македонија, а до заминувањето било во работен однос; невработено лице кое прима паричен надоместок; корисник на постојана парична помош според Законот за социјална заштита; воен инвалид, корисник на семејна инвалиднина и др.).

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, како и од фактот дека со иницијативата не се оспорува членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, поради неговата содржина, туку се оспорува поради содржина што ја нема и се бара истата да се дополни, заради полесно толкување во практиката, Уставниот суд не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.3/2004
15 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова