3/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 14 до 17, 53, 58 до 66,68, 92 и 96 од Законот за присилно порамнување, стачај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89).
2. На Уставниот суд на Република Македонја, Сашо Врбовски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се утврдувала надлежност на судот (советот за порамнување и стечајниот совет) да го определува управникот на присилното порамнување и стечајниот управник во постапката за присилно порамнување, стечај и ликвидација на правните лица (должници). Таквиот начин не бил во согласност со уставната положба на судството, бидејќи се запоставувале интересите на доверителите и се ограничувала сопственоста, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 6, член 30 и член 58 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 14 став 1 од Законот, кога советот за порамнување ќе утврди дека се исполнети условите за поведување постапка за присилно порамнување со заклучок може да определи управник на присилното порамнување. Со одредбите на ставовите 2 и 3 од овој член, како и со членовите 15, 16 и 17 од Законот се уредуваат прашањата што се однесуваат на условите за определување на управникот на присилното порамнување, престанокот за вршење на таа должност, неговите надлежности, надоместокот на трошоците и наградата на работата и надзорот над неговата работа.
Со член 53 став 1 од Законот сед одредуваат органите на стечајната постапка: стечајниот совет, стечајниот судија и стечајниот управник, а со ставот 2 од овој член се уредува дека во стечајната постапка, како советодавно тело, може да се формира одбор на доверителите.
Стечајниот управник, според член 58 од Законот, се определува со решение за отворање на стечајната постапка, а според член 59 од Законот, за сдтечаен управник може да биде определено лице што е стручно со оглед на природата и на обемот на стечајната маса и во чија непристрасност не може да се сомнева. За стечаен управник не може да биде определено лице кое не може да биде именувано за директор на претпријатие.
Понатаму, со одредбите на членовите 60 до 64 од Законот, се уредува статусот, надлежностите и работата, можноста од промена и разрешување, како и наградата за работа и надоместокот на потребните трошоци на стечајниот управник.
Заради заштитата на интересите на доверителите во стечајната постапка, согласно член 65 од Законот, стечајниот совет може да формира одбор на доверители, а на барање од доверителите чии побарувања изнесуваат повеќе од 50% од вкупниот износ на побарувањата на сите доверители, стечајниот совет е должен да формира одбор на доверителите, освен ако стечајната маса е незначителна или ако тоа би довело до значително зголемување на трошоците на стечајната маса. Со одредбите на членовите 66 и 68 од Законот, се уредува начинот на работа на одборот на доверителите, кој може да се свика и на барање од мнозинството членови на одборот, а во чија работа, без право на глас, учествуваат стечајниот судија и стечајниот управник.
На крајот, според оспорениот член 92 од Законот, е уредено дека со денот на отворањето на стечајната постапка им престануваат правата на работоводниот орган, застапникот, како и на органот на управување на должникот и тие функции преминуваат врз стечајниот управник, а со член 96 од Законот, се уредуваат прашањата за воведување на стечајниот управник во должноста.
4. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставнот поредок на Република Македонија.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.
Со член 98 став 1 од Уставот е утврдено дека судската власт ја вршат судовите, со ставот 2 дека судовите се самостојни и независни и дека судат врз основа на Уставот и законите и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот, а според ставот 5 од овој член на Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби од Уставот, а имајќи предвид дека со оспорените одредби од Законот се утврдува надлежност на судот да го определува управникот на присилното порамнување и стечајниот управник во постапката за присилно порамнување, стечај и ликвидација на правните лица (должници) и дека на таквиот начин, според мислењето на Судот, се обезбедува правната заштита на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и не се ограничува сопственоста и правата кои произлегуваат од неа. Во таа смисла, интервенцијата на судот во определувањето на управникот на присилното порамнување и на стечајниот управник во постапката за присилно порамнување, стечај и ликвидација, не значи ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа. Ова, дотолку повеќе што, во конкретниот случај, не се работи за чисто сопственички односи, туку за должничко-доверителски односи настанати во деловните односи помеѓу стопанските субјекти.
Исто така, тргнувајќи од карактерот и целите на институтите присилно порамнување, стечај и ликвидација, кои, според мислењето на Судот, се во интерес и на доверителите, а имајќи предвид дека со одредбите на Законот, (а особено со членовите 38, 53, 65 до 70, 129, 131, 135, 136, 139 и 146), се утврдени правата на доверителите и се заштитени нивните интереси, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорените одредби со одредбите на Уставот.
Понатаму, тргнувајќи од положбата на судството утврдена со Уставот и од принципот дека надлежноста на судовите и постапката пред нив се уредуваат со закон, Судот смета дека и од овој аспект, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со одредбите на Уставот.
Што се однесува до оспорувањето на наведените одредби од Законот, од аспект на нивната согласност со одредбите на член 58 став 1 од Уставот, Судот смета дека смислата на оваа одредба од Уставот е промоција на принципот на сопственоста и трудот како основа за управувањето и учество во одлучувањето, а не за заштитата на правото на сопственост во постапката за присилно порамнување, стечај и ликвидација.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.3/95):