3/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 март 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 29 од Правилникот за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби на работниците во Општественото претпријатие “Македонија” во Битола, донесен од Работничкиот совет на Претпријатието на 20 февруари 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувала критериумот работен придонес за сите работници да се вреднува со истоветен и непроменлив број на бодови, а не во зависност од нивниот реален учинот, поради што одредбата била во несогласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во Правилникот се определени критериуми за утврдување редот на првенство за доделување на стан и дека со член 29 од Правилникот е предвидено по критериумот работен придонес работниците да се вреднуваат со 150 бода ако ги остваруваат обемот, сложеноста и квалитетот на работните задачи и постигнуваат ефекти во работата или со 240 бода ако со иновација или рационализација која е практично применлива во Претпријатието придонесат во работата на Претпријатието.
4. Според член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90) работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределбата според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општиот акт односно со колективниот договор.
Од изнесената законска одредба произлегува дека организацијата има право со општ акт да ги утврди основите и мерилата за распределба на средствата за решавање на станбените потреби на работниците, при што е должна со нив да ги изрази трудот и солидарноста, а како ќе ги вреднува е право на организацијата.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот се предвидува основ односно критериум со кој се изразува трудот, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.