У.бр.31/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината на патниот налог („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата министерот за транспорт и врски со оспорениот Правилник, спротивно на член 8 став 1 алинеја 4 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ја презел законодавната власт, кога во оспорениот Правилник посебно пропишал патен налог за превоз на патници, а посебно патен налог за превоз на стоки.

Според подносителот на иницијативата, со таквото самоволно пропишување на формата и содржината на патниот налог била повредена и одредбата на член 56 ставот 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според која со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување. Во случајот, не се утврдувале и разработувале одредбите од член 3 точка 39 и член 6 став 1 алинеја 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај, туку се нормирале, односно креирале поинакви институти-термини отколку што биле пропишани со наведениот закон, како што бил „Патен налог за превоз на патници“ и „Патен налог за превоз на стоки“ што било недозволиво, кога би се почитувале наведените уставни и законски одредби.

Според тоа, оспорениот Правилник во целина, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 3 точка 39 и член 6 став 1 алинеја 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај и член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Врз основа на изнесеното, во иницијативата се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината на патниот налог, а потоа истиот да се укине или поништи.

Воедно, во иницијативата се предлага Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука, согласно член 27 став 1 од Деловникот, да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот Правилник, бидејќи со неговото извршување, би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник содржи вкупно 6 (шест члена) и според член 1 од истиот се предвидува дека со овој правилник се пропишува формата и содржината на патниот налог за превоз на патници и стока кој превозникот треба да го има уредно пополнет во возилото при извршувањето на превозот во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува Правилникот за формата и содржината на патниот налог, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2007 од 12 април 2007 година и е донесен од министерот за транспорт и врски на Република Македонија.

Меѓутоа, на 11 март 2015 година, министерот за транспорт и врски на Република Македонија под бр.01-4065 донесе нов Правилник за формата и содржината на патниот налог кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2015.

Во член 4 од наведениот правилник, се предвидува дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник, престанува да важи Правилникот за формата и содржината на патниот налог („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2007).

Според член 5 од истиот правилник, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Со оглед на фактот што новодонесениот правилник е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на ден 13 март 2015 година, а во смисла на член 5, истиот влегува во сила на 14 март 2015 година, сега оспорениот правилник со поднесената иницијатива престанува да важи и не е повеќе во правниот поредок.

Поради наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.31/2015
27 мај 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева