31/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за именување членови на Управен одбор на Јавното комунално претпријатие “Долнени” – Долнени, донесена од Советот на Општина Долнени, бр.07-534/9 од 30 декември 2003 година.

2. Мунир Колашинац од Лажани – општина Долнени на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата посебно прецизирани во дополнението на иницијативата, се наведува дека оспорениот акт не бил во согласност со Амандман 17 на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.91/2001) и со член 32 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002).

Подносителот на иницијативата наведува дека со донесувањето на оспорениот акт на претставниците кои учествувале во Советот им било скратено правото да бидат избрани во органите на управување односно во Управниот одбор на Јавното претпријатие. Со ваквата постапка, истовремено била направена повреда на член 32 став 1 точка 4 од Законот за локална самоуправа, бидејќи при донесувањето на Одлуката за именување на членови на Управниот одбор на ЈКП “Долнени” – Долнени, составот на комисијата која била формирана согласно став 2 од член 32 од Законот за локална самоуправа, не соодветствувал на пропорционалната застапеност на политичките партии во советот и како последица на тоа во составот на именуваните членови на Управниот одбор немало пропорционална застапеност на политичките партии.

Од овие причини, подносителот смета дека оспорениот акт не е во согласност со Уставот и Законот за локална самоуправа, поради што предлага поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Долнени на седницата одржана на 30 декември 2003 година донел Одлука за именување на членови на Управниот одбор на ЈКП “Долнени” – Долнени бр.07-534/9 и според содржината на член 1 за членови на Управниот одбор на ЈКП “Долнени” – Долнени се именуваат: Раде Јаковлески од Сенокос, Сабедин Рамадан од Дебреште, Зоран Дојчиноски од Лажани, Демиралија Ибески од Дебреште и Семедин Имери од Црнилиште. Во член 2 е регулирано дека со именувањето на новите членови на Управниот одбор на ЈКП “Долнени” – Долнени, на досегашните членови им престанува мандатот. Во член 3 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од објавувањето во “Службен гласник на општина Долнени”.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Во случајов оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба и не може да биде предмет на уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа не се регулираат никакви односи, туку поименично се наведуваат членовите на Управниот одбор на ЈКП “Долнени” – Долнени, а кои се именувани. Оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува поединечен акт, со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, истиот не е пропис, и нема основа за мериторна оценка на оспорениот акт. Оттука, Судот оцени дека не може да се впушта во анализа на основаноста на наводите на подносителот на иницијативата.

Поаѓајќи од оценката дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, а согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, во случајов не се исполнети процесните претпоставки Судот да одлучува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2004
7 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова