31/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 април 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Статутот на Јавното претпријатие “Македонија пат” во Скопје, донесен со референдум на 15 јули 1991 година, во деловите што се однесуваат на посебниот општествен интерес.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од статутот означен во точката 1 од ова решение, затоа што на нив не била дадена согласност од Собранието на Република Македонија, поради што биле во несогласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека Јавното претпријатие “Македонија-пат” од Скопје, со референдум одржан на 16 октомври 1989 година, донело Статут, кој бил доставен на согласност до Собранието на Република Македонија. Потоа, на одредбите од Статутот што се однесувале на посебниот општествен интерес биле дадени забелешки, кои биле вградени во Статутот од Работничкиот совет, а на нив Собранието на Република Македонија, со одлука од 22 март 1990 година, дало согласност. Со Одлука У.бр.282/90, донесена од овој Суд на 29 мај 1991 година, одредцбите од Статутот што се однесувале на посебниот општествен интерес се укинати, затоа што не била обезбедена претходна расправа и не биле донесени со референдум, поради што биле во несогласност со член 46 став 3 и 5 од Законот за претпријатијата. По донесувањето на означената одлука на Судот, во Претпријатието била обезбедена претходна расправа на работниците по деловите на Статутот што се однесуваат на посебниот општествен интерес од 16 до 24 јуни 1991 година, а на 15 јули 1991 година биле усвоени со референдум. Судот исто така, утврди дека содржината на одредбите од Статутот усвоени на референдум е истоветна на содржината на одредбите вградени во Статутот од Работничкиот совет на Претпријатието на кои била дадена согласност од Собранието на Република Македонија.
4. Според член 118 став 1 од Законот за патишта (“Службен весник на СРМ” бр.15/80, 26/80, 18/82, 13/86, 28/88, 27/89, 10/90 и 11/91) на одредбите од статутот на организацијата за одржување на патишта кои се однесуваат на вршењето на дејностите од посебен општествен интерес, дава согласност Собранието на Република Македонија.
Според мислењето на Судот, согласноста на одделни делови на Статутот претставува облик на општествено влијание на вршењето на дејностите од посебен општествен интерес, кој во конкретниот случај е обезбеден со согласноста што Собранието на Република Македонија ја дало на одредбите вградени во Статутот од Работничкиот совет на Претпријатието.
Со оглед на тоа што со донесувањето на оспорените одредби по пат на референдум, одржан на 15 јули 1991 година, се отстранети причините поради кои се укинати одредбите од Статутот, а одредбите усвоени на референдум по содржина остануваат неизменети, Судот смета дека нема потреба од повторно давање согласност со означената законска одредба.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.