305/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 13 декември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за условите и начинот на одржување на комунална хигиена на подрачјето на град Скопје, од Собранието на град Скопје на 3 октомври 1995 година.
2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Јавното претпријатие “Комунална хигиена” од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од решението, зато ашто градот Скопје согласно Уставот нема оригинерна функција на власт и нема уставна и законска основа да ја донесува оспорената одлука без да се донесе Законот за локалната самоуправа.
Со иницијативата се бара Судот да донесе времена мерка.
4. На седницата Судот утврди дека Собранието на град Скопје на 3 октомври 1995 година (“Службен весник на град Скопје” бр.7/95) донело Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за условите и начинот на одржување на комуналната хигиена на подрачјето на град Скопје, со која врши измена на став 1 на член 6 во смисла на тоа што собирањето и изнесувањето на сметот на подрачјето на град Скопје го вршат претпријатијата што се регистрирани и опремени за вршење на таква дејност.
5. Согласно член 117 став 1 од Уставот на Република Македонија, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон. Според став 2 на член 117 од Уставот, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат за прашања од значење на градот Скопје, а особено од областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детска заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и други области утврдени со закон.
Според член 2 став 3 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која се остваруваат заедничките потреби и интереси на граѓаните што произлегуваат од карактерот на градот Скопје како главен град на Република Македонија и како единствена просторна, урбана, економска, политичка и еколошка целина. Според ставот 4 на член 21 од Законот, за градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа ќе се донесе посебен закон, а според став 5 пак, одредбите од овој закон се однесуваат и на градот Скопје доколку со законот не е поинаку определено.
Согласно член 17 став 1 точка 9 од Законот за локалната самоуправа единиците на локалната самоуправа самостојно, покрај другото, ги уредуваат и организираат работите сврзани со јавната чистота во согласност со закон. Притоа, посебни закони за градот Скопје и за комуналните дејности не се донесени.
Од цитираните уставни и законски одредби произлегува дека работите сврзани со јавната чистота спаѓаат во надлежност на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, поради што Судот утврди дека градот Скопје со Законот за локалната самоуправа е овластен да ги уредува односите сврзани со јавната чистота, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и законот.
6. Во врска со барањето во иницијативата Судот да донесе времена мерка, Судот смета дека согласно Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, не се исполнети условите за изрекување на времена мерка и одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.305/95).