303/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/95), на седницата одржана на 22 ноември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 96 став 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Светозар Трајковски од Прилеп, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 96 став 2 од Законот за основното образование, затоа што на вработените во образованието од други струки (правници, економисти и други, а кои не се наставници) им била ускратена можноста да бидат бирани на управувачка функција, што не било во согласност со член 22 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека согласно член 96 став 1 од Законот , орган на управување во основното училиште е училишен одбор. Согласно став 2 на член 96 од Законот училишниот одбор е составен од 11 члена и тоа: четворица претставници од учителите, стручните работници и воспитувачите, тројца претставници од родителите на учениците, двајца претставници од основачот и двајца претставници од единиците на локалната самоуправа. Според ставот 3, пак, претставниците на основачот ги именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог на Министерството, претставниците на локалната самоуправа ги именува и разрешува органот на локалната самоуправа, претставниците на родителите на учениците ги именува и разрешува Советот на родителите, а претставниците на учителите, наставниците, стручните работници и воспитувачите ги именува и разрешува наставничкиот совет на училиштето.

Според ставовите 4 и 5 на член 96 од Законот, членовите на училишниот одбор се именуваат за период од четири години, а одлука на училишниот одбор се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на одборот.
4. Според член 44 став 3 од Уставот основното образование е задолжително и бесплатно, а според член 45 од Уставот граѓаните немаат право да основаат приватни образовни установи во основното образование.
Од цитираните одредби произлегува дека со Уставот му се дава посебен статус на основното образование, поради што е неспорен и статусот на основните училишта како јавни установи.
Според член 58 став 2 од Уставот учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека во јавните установи и служби учеството во управувањето и одлучувањето се уредува со закон пред се врз принципите на стручност и компетентност. Во таа смисла поаѓајќи од тоа дека струката, најопшто, е збир на работи кои по своите заеднички својства се карактеристични за една дејност за која е потребна определена спрема односно способност на субјектот да располага со стручно знаење од определена област како и тоа дека компетентноста подразбира збир на работи што ги врши некој субјект во власта или јавна случба односно дека тоа е подрачје во кое некое лице поседува знаење и искуство за вршење на тие работи, законот определувајќи ја структурата и составот на членовите на училишниот одбор се движел во рамките на двата принципа утврдени во член 58 став 2 од Уставот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 96 став 2 од Законот со означената уставна одредба.
Што се однесува до наводите во иницјиативата дека со оспорената одредба се повредува член 22 од Уставот, Судот оцени дека избирачкото право е општо политичко право утврдено во делот на граѓанските и политичките слободи и права и тоа право се однесува на изборниот процес во конституирање на органите на власта (избор на пратеници и одборници, предлагање и избор на претседател на Република) како и за остварување на одделни други политички права утврдени со Уставот (правото на предлагање за донесување закон – (член 71 став 2); донесување одлука на референдум и предлог за распишување референдум – (член 73 став 2 и 3 и член 74 став 2); предлог за пристапување кон изменување на Уставот – (член 130). Според тоа, исбирачкото право не ги опфаќа правата по основ на трудот, ниту остварувањето на правата на вработените и нивната положба, кои согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективен договор. Значи, избирачкото право не го апсорбира правото на вработените и другите лица да одлучуваат во работењето и изборот на органите на претпријатието, јавните установи и служби.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 96 став 2 од Законот со член 22 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. 303/95