30/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јули 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (”Службен весник на Република Македонија” број 142/2012).

3. Анета Грујоска Китаноска, aдвокат од Кичево до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законските одредби означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со двете оспорени одредби се повредувале правата на граѓаните на Република Македонија на кои врз основа на правосилна и извршна пресуда требало да им се исплати надомест на штета од сторени кривични дела од Главата осумнаесета од Кривичниот законик.

Во врска со примената на наведените оспорени одредби Комора на извршители на Република Македонија завзела генерален став да се запре извршувањето на сите постапки поведени пред извршителите со барање за извршување врз основа на граѓански правосилни и извршни пресуди за надоместоци на штета од сторени кривични дела против честа и угледот од Кривичниот законик. Вака изнесените наводи се поткрепуваат со приложени докази (пресуда и барање за извршување).

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата смета дека граѓаните на кои им била досудена штета со правосилна и извршна судска одлука биле ставени во нееднаква положба по однос на сторителите на кривичните дела клевета и навреда, бидејќи не можеле да го реализираат добиениот надоместок кое нешто било спротивно на Уставот на Република Македонија. Исто така оспорените одредби имале ретроактивно дејство кое нешто се косело со законитоста и основната поставка на начелото на законитост-забрана за повратно дејство на законите. Оттаму, подносителот на иницијативата предлага Судот да ги укине оспорените законски одредби како неуставни и незаконити.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2012), со денот на влегувањето во сила на овој закон се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011 и 185/2011).

Според членот 25 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012), со денот на влегувањето во сила на овој закон се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/2011 и 185/2011) и според одредбите на друг закон.

5. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата произлегува дека во неа нумерички не се озчануваат уставните одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека се повредени со оспорените законски одредби, но од содржината на иницијативата лесно се препознава дека се бара оцена по однос на согласноста со член 9 и член 52 став 4 од Уставот.

Со решение У.бр.2/2013 од 20 март 2013 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 7 ставовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (”Службен весник на Република Македонија” број 142/2012).

Оспорената одредба била предмет на оцена по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.

Во постапката по предметот У.бр.2/2013, Судот, поаѓајќи од анализата на одредбите од членот 7 став 1 и 2 од Законот, утврдил дека истите се во корелација со новиот концепт за граѓанска одговорност за навреда и клевета преку нивна декриминализација, во кој е изразен интересот на општеството, според кој претходното законско решение за казнено-правна заштита од навредата и клеветата не е повеќе во функција и дека одговорноста за навреда и клевета треба да се бара во граѓанска а не во кривична постапка.

Во таа смисла, според Судот, со оспорените одредби се уредувал преодниот режим кој ги опфаќа постапките започнати пред влегувањето во сила на наведените законски измени, на начин што пропишува дека се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штета за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик изречени до денот на влегување во сила на овој закон, а постапката за таквите кривични дела кои се започнати пред влегувањето во сила на овие законски измени, но кои не се правосилно завршени се запираат, при што се пропишува можност за тужителите во одреден рок, да поведат постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон.

Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите (член 52 став 4 од Уставот) значи забрана на примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Исклучок од ова уставно начело е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оценил дека е неосновано тврдењето во иницијативата од предметот У.бр.2/2013 дека со оспорените одредби од Законот се повредувал член 52 став 4 од Уставот. Ова затоа што ставот 1 на членот 7 од Законот се однесува на правосилно изречените казни (парична казна или затвор) или надоместоци на штета за конкретните кривични дела изречени пред влегувањето во сила на законските измени, но кои казни не се извршени (извршувањето е во тек или сеуште не започнало), поради што законодавецот оценил дека не е справедливо сторителот на тоа и такво дело да ја трпи последицата изразена преку извршување на казната пропишана за кривично дело со закон кој ја загубил својата социјална функција и значење, што Судот оценил дека не може да се прифати како решение кое е понеповолно за граѓаните.

Со оспорениот став 2 од членот 7 се уредува правниот режим на постапките започнати пред влегување во сила на наведените законски измени, но кои сеуште не се завршени. Во таква ситуација, законодавецот определил дека таквите постапки (кривични или граѓански постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесета „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик) ќе запрат, затоа што оценил дека е неоправдано и несправедливо сторителот на таквите дела да биде суден според закон што ја загубил својата социјална функција и значење, но истовремено го определил начинот на кој постапките можат да продолжат (во постапка за утврдување на одговорност за навреда и клевета и надомесување на штета согласно со закон). Тоа значи дека законодавецот не задира во правото на оштетените да поведат граѓанска постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штета за сторена навреда и клевета, во која смисла и ја пропишува постапката за остварување на тоа право на оштетените.

Една норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Оттука, според Судот, со оспорените одредби со кои се пропишува преодниот режим во случајот на декриминализацијата на навредата и клеветата, не се пропишувало повратно дејство на законот кое е понеповолно за граѓаните, што би водело кон повреда на владеењето на правото, како што се наведувало во иницијативата, поради што не го поставил прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Врз основа на наведеното произлегува дека одредбата од Кривичниот законик веќе била предмет на оцена по однос на нејзината согласност со членот 52 став 4 од Уставот.

Во предметната иницијатива за разлика од претходната се бара оценување на уставноста и по однос на согласноста на оспорените законски одредби со членот 9 од Уставот. При тоа уставниот принцип на еднаквоста на граѓаните значи дека истите треба да се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај во правната положба на оштетен и сторител на кривично дело “Клевета“ и „Навреда“. Според тоа во иницијативата несоновано се тврди дека е повреден членот 9 од Уставот.

Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорениот член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (”Службен весник на Република Македонија” број 142/2012) и Судот не наоѓа основи за поинакво одлучување произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Со оглед на тоа што оспорениот член 25 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012) содржински е идентичен со веќе оценуваниот член 7 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (”Службен весник на Република Македонија” број 142/2012) Судот оцени дека правните гледишта за уставноста на првооспорената одредбата се идентични и по однос на второ-оспорената одредба. Според тоа Судот оцени дека второоспорената одредба е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Инаку, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да оценува законитост на закон, од кои причини не се впушти во оцена на изнесените наводи во иницијативата во насока на незаконитост на оспорените законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.30/2013
10 јули 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски