30/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 81-ѓ став 3 и 4 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на Република Mакедонија“ бр.27/1986, 17/1991 и 84/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 81-ѓ став 3 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби не било предвидено донесување на решение за запишување на правата на недвижностите за лицата чии недвижности по пат на конверзија биле запишани во катастарот на недвижностите и за лицата кои имале правен интерес, односно им било повредено некое право од направената конверзија, потоа не било предвидено право на жалба на запишаните права на недвижностите, или било каквo другo правнo средствo, како што било известувањето дека е извршено запишување на правата на недвижностите.

Во така предвидената постапка за конверзија не било предвидено учество на Јавниот правобранител на Република Македонија како што било предвидено во постапата за излагање на јавен увид (член 67 од Законот), а воедно не било предвидено право на жалба на запишаните права на недвижностите заради заштита на интересите на имотот на Република Македонија.

Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека оспорените одреби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 9 и став 2, член 15 и член 30 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, особено затоа што истите предвидувале донесеното решение да се објави во „Службен весник на Република Македонија без да биде конечно во управната постапка.

Во иницијативата е содржано и посебно барање Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби од Законот со оглед на тоа што за 2006 година било предвидено запишување на правата на недвижностите за повеќе катастарски општини во Република Македонија и при тоа можеле да настанат неодстранливи штетни последици за правото на сопственост на физичките и правните лица, како и за државната сопственост.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 35 од Законот за изменување и дополнување на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005), е предвидено по членот 81-д да се додаде нов наслов: „4) Конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности“ и нов член 81-ѓ.

Според член 81-ѓ од Законот, за земјиштето надвор од населените места, во катастарските општини за кои е во примена катастар на земјиште установен врз основа на извршен премер, ќе се изврши конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности (став 1).

Катастарските општини и земјиштето од ставот 1 на овој член ги определува директорот на Државниот завод за геодетски работи, согласно со програмите од членот 7 на овој закон (став 2).

Директорот на Државниот завод за геодетски работи ќе донесе решение за конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности (оспорениот став 3).

Решението од став 3 на овој член се објавува во „Службен весник на Република Македонија“ (оспорениот став 4).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 9 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македо-нија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Според точката 1 на Амандманот XXI на Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд (став 1). Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон (став 2).

Со овој Амандман на Уставот е заменет членот 15 од Уставот на Република Македонија.

Според член 30 став 1 и 3 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

5. Со донесувањето на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите во 1986 година во Република Македонија започна процесот на напуштање на таписко-интабулациониот систем на евиденција на недвижностите и се воведе новиот систем на единствeна евиденција на недвижностите – катастар на недвижностите.

Според член 3 став 2 од Законот, катастарот на недви-жностите е збир на податоци од премерот,
катастарското класирање на земјиштето и на запишаните права на недвижностите.

Оттаму, новиот модерен систем на евиденција на недвижностите преставува збир на податоци за земјиштето, зградите и другите објекти на земјиштето и на утврдените права на недвижностите, податоци за промените на недвижностите и правата што врз нив настануваат и тоа за секоја катастарска општина.

Законот во членот 10 став 1 предвидел два начина за запишување на правата во катастарот на недвижностите и тоа по службена должност и по барање на странката.

Во Главата V од Законот која носи наслов: „Установување на катастарот на недвижностите“опфатени се членовите 59 до 81-ѓ.

Според член 59 од Законот, установувањето на катаста-рот на недвижностите опфаќа: излагањ е на јавен увид на податоците за недвижностите со утврдување на правата на недвижностите (точка 1), изготвување на катастар на недвижностите (точка 2), поединечно запишување на правата на недвижностите (точка 3) и конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности (точка 4).

При тоа, оспорениот член 81-ѓ од Главата V од Законот е опфатен во посебна точка 4 со наслов: „Конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности“.

Тргнувајќи од систематската поставеност на оспорениот член во Законот произлегува дека тој е издвоен во посебна точка на Главата V со посебен наслов, како одредба во која е уреден еден од можните законски предвидени начини за установување на катастарот на недвижностите, според членот 59 од Законот.

Понатаму, анализирајќи го подетално овој комплексен Закон по однос на четирите начини за установување на катастарот на недвижностите произлегува дека во него се предвидени различни законски решенија по однос на постапките што се спроведуваат за секој од предвидените начини на установување на катастарот на недвижностите. Соодветно на разликите во постапките Законот содржи различни законски решенија по однос на обврската за донесување на акт за запишување на правата на недвижностите, право на жалба или други правни средства, како и по однос на известувањето дека е извршено запишување на правата на недвижностите.

Тргнувајќи од содржината на став 1 на членот 81-ѓ од Законот произлегува дека предвидената конверзија од катастар на земјиштето в о катастар на недвижностите се однесува само по однос на земјиштето што се наоѓа надвор од населените места и тоа за катастарските општини во кои е во примена катастарот на земјиштето, кој претходно бил установен врз основа на премер.

Имено, како и катастарот на земјиштето, така и катастарот на недвижностите по својот правен карактер е јавна книга (член 8 став 1 од Законот) поради што конверзијата на податоци всушност значи преземање, пренесување на податоците од еден во друг вид на јавна книга и тоа во овој случај не станува збор за поединечно пренесување на податоците, туку за пренесување кое се однесува на катастарска општина која има земјиште што се наоѓа надвор од населеното место.

Со оглед на фактот што во овој случај со конверзијата не доаѓа до промена на податоците по содржина туку нивно пренесување во поинаков начин на евиденција на недвижноста, законодавецот и немал правна обврска да предвиди донесување на поединечно решение, а потоа и да предвиди право на жалба особено што во овој случај не станува збор за поединечен правен акт донесен во постапка во прв степен пред орган на државна управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Во овој случај, актот што се носи е решение за направена конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности кое по својата правна природа има за цел да го декларира завршениот процес на конверзија на податоците за конкретна катастарска општина (оспорениот став 3) и истото нема конститутивен карактер по однос на запишувањет о на правата на недвижностите.

Понатаму, тргнувајќи од содржината на член 71 став 4 од Законот произлегува дека секое лице кое смета дека има појако право на недвижноста одколку лицето за кое е одлучено да биде запишано како носител на правата на недвижностите, може со тужба против запишаниот носител на правата на недвижностите, своето право да го докажува во судска постапка.

Според тоа, секој што смета дека со конверзијата на податоците, како процес што се спровел на територијата на конкретна катастарска општина, му е повредено правото на сопственост, ства-рните и личните службености, товари и ограничувања и други права, може според член 55 од Законот, со тужба кај редовниот суд да бара бришење на запишаните права на недвижностите и враќање на запи-шаните права во поранешна состојба (став 1). Тужбата од став 1 на овој член може да се поднесе во рок од три години од денот на извршеното запишување (став 2).

Од друга страна, според член 108 став 2 од Законот, Државниот завод за геодетски работи е должен, по барање на заинтересирано лице да издаде исправа за фактите што произлегуваат од податоците на премерот и катастарот на недвижностите, ако за определени податоци не е определено поинаку.

Оттаму, според Судот во овој случај не може да се прифати наводот од иницијативата за повреда на Амандманот XXI на Уставот.

Донесеното решението за коверзија на податоците се објавува во „Службен весник на Република Македонија“ (оспорениот став 4), со што се врши обнародување, одосно информирање на пошир оката јавност за завршената законски предвидена постапка за конверзија на податоците. Оттаму, неоснован е наводот од иницијативата дека во оспорената одредба не било предвидено сочинување на известување дека е извршено запишување на правата на недвижностите.

Што се однесува до наводот од иницијативата по однос на непредвиденото учество на Јавниот правобранител на Република Македонија во постапката за конверзија на податоците и можната повреда на членот 9 став 2 од Уставот, Судот оцени дека вака изнесените наводи се неосновани.

Имено, според концептот на постапката за конверзија на податоците и карактерот на дејствијата што се преземаат законодавецот не предвидел учество во постапката на било кое заинтересирано или засегнато лице, а со тоа не е предвидено учество и на Јавниот правобранител на Република Македонија.

Постапката за конверзија на податоците, според замислата на законодавецот е суштински различна од постапката за излагање на јавен увид на податоците за недвижностите со утврдување на правата на недвижностите (член 59 точка 1 од Законот) од каде не е можно да се бара учеството на Јавниот правобранител на Република Македонија во постапката за конверзија како што тоа е предвидено во постапката за излагање на јавен увид (член 67 од Законот на кој укажува подносителот на иницијативата) со цел информираност и заштита на интересите на имотот на Република Македонија. Ова од едноставна причина што во постапката за конверзија на податоците не се вклучува ниту една странка можен носител на правата на недвижностите, од каде и не се предвидува учество и за Јавниот правобранител на Република Македонија.

Оттаму, оспорените став 3 и 4 од членот 81-ѓ од Законот не можат да бидат ставени под сомнение по однос на нивната согласност со членот 9 став 2 од Уставот. Ова уште повеќе што оваа уставна одредба ја гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, но не и еднаквоста на граѓаните и институциите во дадена правна ситуација, кои како правни субјекти имаат поинаква правна положба од граѓаните.

По однос на можната повреда на членот 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, Судот оцени дека во овој случај станува збор за несоодветно посочување на уставна одредба по однос на која би требало да се врши оцената на уставноста. Ова и од причина што во иницијативата отсуствуваат конкретни наводи во што би се состоела таквата повреда. Сепак, ако се работи за сторено погрешно означување на алинејата и подносителот ја спротиставува законската одредба по однос на нејзината согласност со член 9 став 1 алинеја 6 од Уставот, од изнесените причини таква повреда не може да се констарира.

Имајќи го предвид сето наведено по однос на специфичниот концепт на Законот по однос на постапката за конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности и фактот што на овој начин се обезбедува побрз начин на евидентирање на сопственоста, без при тоа граѓаните и останатите засегнати субјекти да бидат на било кој начин оштетени, произлегува дека член 81-ѓ став 3 и 4 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 30 став 1 и 3 од Уставот.

Конечно, наводот за несогласност на оспорената законска одредба со член 8 став 2 од Уставот е во спротивност со останатите наводи во иницијативата и во исто време по однос на овој навод нема образложени причини.

Бидејќи не може основано да се постави прашањето за согласност на оспорената законска одредба со одредбите од Уставот, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 30/2006
20 септември 2006 год.
С к о п ј е
м.л./л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи