У.бр.29/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 74 став 3 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 74 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од ставот 3 на членот 74 од Законот за прекршоците, првостепениот орган добил законско овластување да одлучува во прв степен по барањето за прекршок, и потоа во втор степен по жалбата изјавена против одлуката што ја донел во прекршочната постапка, поради што првостепениот орган постапувал, одлучувал и решавал во прекршочната постапка, и во прв и во втор степен, што било спротивно на духот на двостепеност, загарантирано со Амандманот XXI со кој е заменет членот 15 од Уставот на Република Македонија. Воедно, со оспорената одредба од Законот, не било пропишано дали против новото решение што би го донел прекршочниот орган во прв степен постапувајќи по жалбата изјавена од лицата кои се наведени во ставот 2 на наведениот член од Законот, е дозволена жалба или друг вид на правна заштита во смисла на Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија, како што тоа било пропишано со членот 235 став 2 од Законот за општата управна постапка, дека и против новото решение била дозволена жалба.

Со оглед на наведеното, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на членот 74 став 3 од Законот за прекршоците со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 74 став 3 од Законот: „(3) Ако прекршочниот орган што го донел решението најде дека жалбата е основана, а не е потребно да се спроведува нова постапка, може да одлучи поинаку и со ново решение да го замени решението што се побива со жалбата“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XXI на Уставот, со кој е заменет членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Во делот од Законот за прекршоците, кој се однесува на „Прекршочна постапка“, во основните одредби со членот 54 пропишано е дека прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече само надлежен суд, а за одделни прекршоци определени со закон прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган, и против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита.

Имено, против управните акти е дозволен управен спор, согласно членот 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010).

Со членот 60 став 1 од Законот за прекршоците е пропишано дека постапката пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок утврдена со закон или друг пропис, а со одредбите од членовите 61 – 74 детално е пропишано постапувањето и одлучување на Комисијата. Во тие рамки со членот 73 од овој закон е пропишано дека прекршочниот орган при водењето на прекршочната постапка соодветно ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, освен ако со овој закон и со законот со кој е пропишан прекршокот поинаку не е определено. Со членот 74 од Законот е уредена постапката по жалба против одлуките на прекршочните органи, при што со оспорениот став 3 од овој член од Законот е пропишано дека „ако прекршочниот орган што го донел решението најде дека жалбата е основана, а не е потребно да се спроведува нова постапка, може да одлучи поинаку и со ново решение да го замени решението што се побива со жалбата“.

Со членот 75 став 1 од Законот, е пропишано дека: „Против одлуката за прекршок што ја донела Државната комисија (која е второстепен орган) може да се поднесе тужба за поведување на управен спор, а со ставот 4 дека Судот надлежен да одлучува за управен спор постапката на судска заштита ја води според Законот за управните спорови“.

Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка е основана со Законот за основање на оваа Државна комисија („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2014 и 53/2016), и согласно членот 1 став 2 од овој Закон, во постапката за решавање по жалби Државната комисија ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, Законот за инспекцискиот надзор и Законот за прекршоците, доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено.

Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) како системски закон кој има супсидијарна примена, во членот 2 став 2 определил дека со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон, доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загаранитирани со овој закон.

Со членот 107 став 5 од овој закон е пропишано дека кога првостепениот орган ќе утврди дека жалбата е допуштена и потполно оправдана, тој ќе го замени управниот акт што се побива со жалбата со нов акт и во рок од седум дена од приемот на жалбата во електронска форма ќе го достави управниот акт до второстепениот орган. Против новиот управен акт странката има право на жалба.

Од цитираните уставни норми и нормите од Законот за прекршоците, Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и Законот за општата управна постапка, Судот оцени дека законските решенија во однос на постапувањето и одлучување на првостепениот орган по жалба се конзистентни во правниот поредок во предметната управна материја, а во тие рамки и оспорениот член 74 став 3 од Законот за прекршоците има своја основа во одредбите од Уставот, и е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, Амандманот XXI со кој е заменет членот 15 од Уставот и членот 51 од Уставот, поради што со ниеден од наводите во иницијативата не може оспорената одредба од Законот уставно да се проблематизира.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.29/2016
16 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски