29/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлука за определување на имиња на улици во општина Свети Николе бр.0701-124 од 31 јануари 2014 година, донесена од Советот на општина Свети Николе („Службен гласник на општина Свети Николе“ бр.1/2014).

2. Министерството за локална самоуправа, преку Држав-ниот инспекторат за локална самоуправа-Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Инспекторатот по донесување на оспорената одлука, постапил согласно член 23 став 1 од Законот за локалната самоуправа и донел решение со кое ја запрел примената на одлуката. Потоа иницирал постапка за оцена на законитоста заради повреда на членот 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004). Според оваа одредба определување на имиња на улици не можело да се врши шест месеци пред одржувањето на редовни претседателски, парламентарни и локални избори и една година пред планираниот попис на населението.

Оттаму, оспорената одлука била незаконита и не можела да произведе правно дејствие и како таква не можела да опстане во правниот поредок, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, а потоа истата да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Свети Николе на седницата одржана на 31.01.2014 година ја донел оспорената одлука за определување на имиња на улици во Општината.

Во член 1 од Одлуката е определено дека, на улиците во населбата „Рудина” кои, на мапите во Одделението за урбанизам и заштита на животна средина при општина Свети Николе, се означени со букви од македонската азбука, и тоа почнувајки од буквата „А” заклучно со буквата „У” им се определуваат имиња како што следи во табеларниот приказ.

Според членот 2 од Одлуката, бидејќи со оваа Одлука се определуваат имиња на улици кои досега не беа евидентирани во електронската евиденција на општината, истите од страна на Централниот регистар на РМ ќе добијат и посебни матични броеви.

Според членот 3 од Одлуката, по стапувањето во сила на оваа Одлука, истата ќе биде доставена до Централниот регистар на РМ во рок од 15 дена, заради упис на податоците во електронската евиденција.

Според членот 4 од Одлуката, за имињата кои се определени за улиците од членот 1 на оваа Одлука, општина Свети Николе да ги информира граѓаните преку средствата за јавно информирање и други форми на информирање (огласна табла, Веб страна на општината и сл.)

Во членот 5 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Свети Николе”.
Иницијативата за поведување на постапка за оценка на законитоста на Одлуката до Уставниот суд на Република Македонија е поднесена на 25 февруари 2014 година.

Советот на општина Свети Николе со допис бр.0801-193 од 6 март 2014 година го извести Судот дека со одлука бр.0701-204 од 27.02.2014 година ја укинал оспорената одлука.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По поднесувањето на иницијативата, односно на 27.02.2014 година Советот на општина Свети Николе со одлука бр.0701-204 ја укинал оспорената одлука.

Судот оцени дека се исполнети процесните услови за примена на погоре цитираната деловничка одредба, бидејќи оспорената одлуката сметано од 27.02.2014 година не е повеќе во правниот поредок.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.29/2014
2 април 2014 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева