29/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25 јануари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 169 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 36/2010, 23/11, 47/11 и 148/11).

2. Звонко Додевски од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, со оспорената законска одредба, граѓаните се ставале во нееднаква правна положба, бидејќи во случај на пензионирање таа предвидувала поголем износ на отпремнина, а со одредбата од законот кој претходел и не е во важност, се предвидувал помал износ на отпремнина. Од овие причини подносителот на иницијативата смета дека тој и други како него, кои заминале во пензија пред стапувањето во сила на актуелниот закон и примиле отпремнина по законот кој важел во периодот на нивното заминување во пензија, им се намалиле нивните права гарантирани со Уставот, односно не биле еднакви пред актуелниот закон затоа што нивните права биле редуцирани во однос на висината на отпремнината. Со иницијативата подносителот воедно бара Уставниот суд да донесе решение, со кое правата кои произлегувале од оспорениот член од Законот, да се однесувале и за воените лица кои го оствариле правото на пензионирање пред 15.03.2010 година, кога е објавен Законот во кој е содржана оспорената одредба.

Од наведените причини, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 32 став 2, членот 34 ставови 1 и 2, членот 51 ставови 1 и 2, членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 169 од Законот, определува дека во случај на престанок на работниот однос поради пензионирање, активниот воен персонал има право на еднократен надоместок во вид на отпремнина, во износ од три просечни месечни плати исплатени во Републиката во последните три месеци.

4. Спoред членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уведување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 52 став 4 од Уставот е определено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според членот 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, со овој закон се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со служба во Армијата.

Според оспорениот член 169 од Законот во случај на престанок на работниот однос поради пензионирање, активниот воен персонал има право на еднократен надоместок во вид на отпремнина, во износ од три просечни месечни плати исплатени во Републиката во последните три месеци.

Со членот 228 од Глава XXI. Преодни и завршни одредби од Законот, е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005, 134/2007 и 6/2009), а според членот 229 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Оспорената одредба од Законот, уредува право за воен персонал во случај на престанок на работниот однос поради пензионирање, односно право на еднократен надоместок во вид на отпремнина во висина од три просечни месечни плати исплатени во Републиката во последните три месеци, која оспорена одредба се применува од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Оспореното законско решение поинаку било уредено во членот 179 од Законот кој му претходел и не е во важност, на начин што било определено дека во случај на престанок на работниот однос поради пензионирање, професионален војник и воен старешина имал право на еднократен надоместок во вид на отпремнина кој бил ист како и за државните службеници. Согласно со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, во кој помеѓу другото се уредени и прашањата за плати и надоместоци на плати за буџетските корисници, во случај на заминување на работник во пензија му се исплатувал двократен износ за отпремнина пресметан врз основа на просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена до денот на исплатата, односно надоместокот во вид на испратнина бил во висина од две просечни месечни плати.

Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба содржела поповолно законско решение од претходно уреденото во Законот кој не е во важност, па оттука подносителот на иницијативата смета дека лицата во служба на Армијата кои го исполниле условот за пензионирање по стариот закон и примиле износ на отпремнина согласно тој закон, биле ставени во нееднаква правна положба во однос на лицата кои го исполнуваат или ќе го исполнуваат условот за пензионирање по влегувањето во сила на новиот закон, кои наводи според Судот се неосновани.

Имајќи предвид дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија во кој е содржана оспорената одредба, е објавен на 15.03.2010 година, а влегол во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија”, а со денот на влегувањето во сила на новиот закон, престанал да важи претходниот закон, па оттука оспорениот член 169 од Законот, се применува од денот на влегувањето во сила на Законот. Имено, оспорената одредба регулира пензиски односи кои во суштина се „односи во тек“, а правото на пензија осигуреникот го остварува според законот кој важел во времето на утврдување на исполнување на условите на пензија и сите во истите услови предвидени во Законот кој во моментот е во правна сила, еднакво се третираат, односно се однесуваат за сите осигуреници. Оттука, оспореното законско решение кое е содржано во новиот закон, се однесува подеднакво за сите осигуреници кои се наоѓаат во иста правна положба, односно подеднакво за сите кои ќе го остварат правото на пензионирање по влегувањето во сила на Законот и не може да се однесува на веќе завршени односи во правото и за субјекти кои веќе го оствариле правото на пензионирање според законот кој важел во времето на исполнувањето на условите за пензија. Имајќи го предвид наведеното оспорената одредба од Законот не може повратно да се однесува на субјекти кои веќе оствариле право по друг закон кој бил во сила и се применувал во моментот на остварувањето на правото, односно тоа не може да се однесува за завршени односи во правото, па оттука и неосновано подносителот на иницијативата се повикува на членот 52 став 4 од Уставот кој по исклучок го предвидува повратното дејство на законите и другите прописи, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Од овие причини неосновани се наводите во иницијативата дека ново уреденото оспорено законско решение требало да се однесува и за сите претходни осигуреници кои веќе го оствариле правото на пензионирање, а оттука неосновани се и наводите за правна нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

По однос на барањето во иницијативата, овој суд со свое решение да ги уреди правата кои произлегуваат од оспорениот член 169 од Законот, односно тие да се однесувале и на воените старешнини кои се пензионирале под исти услови и пред 15.03.2010 година, кога е објавен Законот во кој е содржана оспорената одредба, но, Уставниот суд нема надлежност да креира законски решенија, односно да создава закони и законски решенија. Ваквата надлежност, според уставната поставеност, ја има законодавниот дом, односно законодавецот е тој што ги донесува законите, истите ги менува и истовремено, законодавецот е тој што ја води политиката на законите, а не Уставниот суд, кој, според член 110 од Уставот, цени дали тие се во согласност со Уставот.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 29/2011
25 јануари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски