287/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 јули 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Одлуката за давање согласност на Одлуката за организрање на подружници на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи„ на општина Центар-Скопје, бр.07-3333/25 донесена од Советот на општина Центар на 29 декември 2008 година; („Службен гласник на општина Центар“ бр.13/2008) и

– Одлуката за давање на користење основни средства без надомест бр.07-1931/26 донесена од Советот на општина Центар на 15 јули 2009 година („Службен гласник на општина Центар“ бр.6/2009).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот изнесени во првиот поднесок се истакнува дека со воспоставување на наплатни рампи, огради и друга опрема извршено е оградување на четири градски кварта во т.н. Голем Ринг со цел да се врши наплата за паркирање на овие простори кои се наречени „паркиралишта„ или подружници. Пред да бидат воспоставени подружниците, односно паркиралиштата на Трготекстил, Зелен пазар, Автомакедонија и Дом на градежните работници, овие простори биле потполно изградени на земјиште во сопственост на Република Македонија, во различни временски периоди и од различни инвеститори кога биле градени згради, детски игралишта, пристапни улици и друго. При тоа, средствата за изградба на овие површини биле обезбедени од општината, градот или државата како и од самите граѓани кои живеат на територијата на овие објекти, поради што тешко би можело да се оцени дека општина Центар е сопственик на овие простори, а јавното претпријатие не може да се нарече сопственик кое може да им наметне обврска на граѓаните за плаќање надоместок за користење на овие паркиралишта.

Според подносителот на иницијативата единствена цел за воведување на ваквиот надоместок не било воведување на ред во евидентниот хаос во паркирањето на возилата, туку прибирање на средства, при што според подносителот проблематичен бил начинот на одредување на висината на надоместокот за секој изминат час, а посебно месечната претплата. Кај месечната претплата според која станарите плаќале 200 ден. месечно, а останатите граѓани за истата услуга плаќале 1.500 ден. месечно, граѓаните биле доведени во нееднаква положба. Со оглед на наведеното, подносителот бара Судот да одговори дали е уставно и законито да се воведува надоместок за паркирање, како и дали е уставно и законито, тој надоместок да биде нерамноправен, за едни граѓани понизок, а за други повисок.

Воедно, подносителот бара Судот да ги оценува и сите други одлуки кои ги донел Советот на општина Центар, а кои се однесувале на воспоставување на наведените паркиралишта.

Од подносителот на иницијативата е побарано да ја дополни и прецизира иницијативата. Во дополнувањето на иницијативата, подносителот останува на наводите изнесени во првиот поднесок при што ги оспорува одлуките бр.07-3333/25 од 29.12.2007 и 07-1931/26 од 15.07.2008 година, донесени од Советот на општина Центар од причини што со нив биле повредени член 8, член 9, член 12, член 27, член 30, член 55, член 114 од Уставот, како и член 15 од Законот за градот Скопје.

Според наводите на подносителот изнесени во дополнувањето на иницијативата, со донесување на оспорените одлуки, Советот на општината ги пречекорил законските овластувања бидејќи извршил оградување и на површини кои според урбанистичките планови имале друга намена, односно општината не била овластена да стопанисува, односно да наплатува надоместок за паркирање на овие површини кои не ги изградила.

3. Судот на седницата утврди дека согласно Статутот на општина Центар,Законот за локалната самоуправа, Законот за градот Скопје, Законот за јавните претпријатија и Законот за комунални дејности, Советот на општина Центар на 18 декември 2006 година донел Одлука за основање на Јавно претпријатие за јавни паркиралишта „ЈП Паркинзи на општина Центар„ – Скопје („Службен гласник на општина Центар„ бр.10/2006).

На 27 февруари 2008 година Управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар„ донел Одлука за формирање на цените на паркирањето на паркинзите кои се во надлежност на Јавното претпријатие на која одлука советот на општина Центар на 11.03.2008 година дал согласност и истата била објавена во „Службен гласник на општина Центар„ бр.3/2008.

На 23 декември 2008 година, а врз основа на член 26 од Статутот на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар„ Управниот одбор на претпријатието донел Одлука за организирање подружница на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар„ Скопје.

Според член 1 од наведената одлука Јавното претпријатие за потребите на своето работење организира подружници и тоа: Трготекстил, Зелен Пазар и Автомакедонија со назначување на дејност, назив на седиштето и определување на овластено лице.

Врз основа на член 26 став 1 точка 12 од Статутот на општина Центар – Скопје, и член 11 став 1 точка 2 од Законот за јавни претпријатија, Советот на општина Центар на 29 декември 2008 година, донел Одлука за давање на согласност на Одлуката за организирање подружници на општина Центар бр.07-3333/25.

Според член 1 од наведената одлука, се дава согласност на Одлуката за организирање подружници на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар„ Скопје бр.38/08 донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие („Службен гласник на општина Центар„ бр.13/2008).

На 23 декември 2008 година ,Управниот одбор на Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар„-Скопје, донел Одлука за формирање на цените на паркирањето на подружниците и Одлука за формирање на цени на месечен надоместок на паркинг карта на подружниците.

На 5 февруари 2009 година, Јавното претпријатие донесело Ценовник на услугите на јавните паркиралишта со кои управува ЈП „Паркинзи на општина центар„ бр.18/09.

На 15 јули 2009 година Советот на општина Центар донел Одлука за давање на користење основни средства без надоместок бр.07-1931/26. Со оваа одлука, општината Центар дава на користење без надоместок на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи” на општина Центар„ основни средства – четири паркинг системи за регистрирање, регулирање и евиденција на наплатата на услуги за користење на паркиралиштата.

Вкупната набавна вредност на основните средства изнесува 9.670.500,00 денари, односно поединечно:
– паркинг систем кај „Трготекстил„ – 2.200.650,50
– паркинг систем кај „Зелен Пазар„ – 2.421.689,00
– паркинг систем кај „Автомакедонија„ – 2. 272.069,50
– паркинг систем кај „Дом на градежниците„ – 2.776.091,00

Основните средства што со оваа одлука се пренесуваат на користење на Јавното претпријатие остануваат во сопственост на општина Центар, а трошоците за осигурување и амортизација на наведените основни средства паѓаат на товар на остварените приходи на ЈП за јавни паркиралишта „Паркинзи” на општина Центар„ Скопје, од денот на ставање во функција на истите.

Во натамошната постапка, исто така е утврдено дека Управниот одбор на Јавното претпријатие има донесено Одлука за формирање на цените на паркирањето на паркинзите бр.9/08 кои се во надлежност на Јавното претпријатие на која одлука Советот на општина Центар има дадено согласност („Службен гласник на општина Центар„ бр.3/2008) и Одлука за формирање на цени за универзални картички на ЈП од 13.08.2009 година, на која согласност дал сСоветот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.8/2009).

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согланоста на други прописи и на колективните договори со Уставот и со законот.

Согласно член 28 алинеа 1 од Делоловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 1 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија„ бр.38/06, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007 и 83/2009) јавните претпријатија се основаат заради вршење на стопански дејности од јавен интерес.

Во член 15 точка 4 алинеа 6 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија„ бр.55/2004) е предвидено дека надлежноста, односно работи од јавен интерес од локално значење на општините во градот се изградба, одржување и користење на јавни паркиралишта од значење за општината утврдени со урбанистички план.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, карактерот и содржината на оспорената одлука, Судот оцени дека во конкретниов случај тој не е надлежен да одлучува по барањето за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на согласност оспорена со иницијативата од причина што оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот. Ова од таму што одлуката за давање согласност во суштина претставува инструмент со кој се потврдува дека актот за кој се дава согласност, односно Одлуката за организирање подружници на ЈП за јавни паркинзи донесена од Управниот одбор на јавното претпријатие е донесена во постапка предвидена со закон и дури по дадената согласност од основачот на јавното претпријатие, а тоа е советот на општината таа станала полноважна.

Со оглед на наведеното, а во смисла на член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата во однос на Одлуката за давање на согласност на Одлуката за организирање на подружници на ЈП за јавни паркиралишта „Паркинзи “на општина Центар – Скопје, се отфрла.

5.Во однос на наводите од иницијативата за оспорување на Одлуката за давање на користење основни средства без надомест, донесена од Советот на општина Центар, Судот,исто така ,оцени дека исполнети се условите од член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Ова од причина што со оспорената одлука донесена од Советот на општина Центар се врши отстапување на точно утврдени основни средства на јавното претпријатие основано од општината –Центар, односно давање на користење на паркинг системи кои остануваат во сопственост на Општината.Имено, според Судот, со оспорената одлука не се утврдуваат прашања и односи од општ карактер, туку со неа се даваат на користење основни средства на подружниците на јавното комунално претпријатие „Паркинзи„ кои средства остануваат во сопственост на Општината.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорената одлука не претставува пропис подобен за уставно судска оценка, Судот оцени дека не постојат основи за одлучување и по однос на наведената одлука од иницијативата .

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.287/2009
7 јули 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски