285/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 24-а став 10 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006 и 114/2009) и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот, постапката и поблиските критериуми за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници и за формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред („Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2009), донесен од министерот за транспорт и врски на Република Македонија.

2. Данчо Давидовски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Во иницијативата општо се наведени причините за оспорување на членот 24-а од Законот и Правилникот. Имено, според наводите во иницијативата во Законот за превоз на патниот сообраќај немало критериуми за прашањата кои биле предмет на разработка во оспорениот Правилник, па поради тоа членот 24-а од Законот со кој се давало овластување на министерот за транспорт и врски да го донесе оспорениот Правилник бил спротивен на повеќе одредби од Уставот и тоа членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 33, членот 51, членот 68 став 1 алинеи 2 и 3, членот 91 алинеи 1 и 5 и членот 96, додека оспорениот Правилник не бил во согласност со Уставот, Законот за превоз на патниот сообраќај и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за првоз во патниот сообраќај во членот 24-а став 10 предвидел дека начинот, постапката и поблиските критериуми за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници, формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред, ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Правилникот за начинот, постапката и поблиските критериуми за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници и за формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред е донесен од министерот за транспорт и врски врз основа на член 24-а став 10 од Законот за превоз во патниот сообраќај. Предмет на уредување на овој правилник е начинот, постапката и поблиските критериуми за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници и за формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред. Со иницијативата се оспоруваат само измените и дополнувањата на овој правилник, кои министерот ги донел во 2009 година, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2009.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е определено дека Собранието на Република Македонија донесува закони, а според членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти кога за тоа е овластен со закон.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека органите на државната управа, како дел од извршната власт, со закон можат да се овластат да донесуваат правилници, наредби, упатства и други акти за извршување на законите и дека со тие акти може да се утврдуваат и разработуваат одделни одредби од законите заради нивно извршување и да се пропишува начинот на постапување во нивното извршување.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Со одредбите од овој закон, меѓу другото е предвидено дека за вршење на одделни видови на превоз во патниот сообраќај се издаваат посебни лиценци кои ги издава Министерството за транспорт и врски, освен за општинскиот превоз на патници и авто такси превоз на патници кои ги издава градоначалникот на општината односно на градот Скопје; превозот на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз, слободен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби; меѓуопштинскиот линиски превоз на патници може да врши само превозник кој има лиценца за вршење на овој вид на превоз, потоа овој превоз се врши на одредена линија по однапред одобрен возен ред и утврдена и објавена цената на превоз и овој вид на превоз може да се врши како патнички, директен и брз. Превозникот со вршење на меѓуопштинскиот линиски превоз на патници може да отпочне по добивање на дозвола за определена линија издадена од Министерството за транспорт и врски кое поради тоа секоја година објавува оглас за одобрување на возни редови за нови линии на кој оглас можат да се јават сите превозници кои имаат лиценца за меѓуопштински линиски превоз на патници. Меѓународниот линиски превоз на патници на територијата на Република Македонија може да се извршува врз основа на дозвола што ја издава Министерството за транспорт и врски.

Од наведените законски определби и од Законот во целина, произлегува дека за да може домашниот превозник да отпочен со вршење меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници, освен лиценца, потребно е да има и дозвола за вршење на овој вид сообраќај издадена од Министерството за транспорт и врски. Со одредбите од Законот, покрај утврдувањето на органот кој е надлежен за издавање и одземање на дозволата законодавецот ја утврдил и нејзината содржина, рокот на важење од 4 години, причините поради кои со решение на министерот за транспорт и врски може да се одземе, утврдувајќи дека против ова решение може да се изјави жалба до второстепениот орган утврден со Законот.

Со членот 24-а од Законот е уредено дека одобрување на возни редови за нови линии или промена на возните редови на одобрени линии врши Министерството за транспорт и врски по барања на заинтересираните превозници поднесени на објавениот годишен оглас на Министерството, на начин и во постапка која е детално уредена со одредбите од Законот. Во тие рамки, со оспорената одредба од ставот 10 на овој член од Законот е определено дека министерот за транспорт и врски ги пропишува само начинот, постапката и поблиските критериуми за одобрување на возните редови и формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред. Имајќи го предвид изнесеното, јасно произлегува дека со утврдувањето на овластувањето на министерот во оспорената законска одредба интенцијата на законодавецот не била со актот на министерот да се утврдуваат нови права и обврски на превозниците, ниту пак услови за нивно остварување, туку да се операционализират законските одредби со насоки во спроведувањето и извршувањето на законските одредби за начинот како да се определуваат возните редови за нови линии и за промена на одобрените линии во превозот на патници и во однос на формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред. Од овие причини Судот утврди дека не може уставно да се проблематизира законското овластување во оспорениот член 24-а став 10 од Законот. Исто така, не можат да се прифатат како основани ниту наводите во иницијативата дека Законот не содржел критериуми за уредување на законската материја со подзаконскиот акт на министерот за транспорт и врски, поради тоа што самите одредби од Законот во кои се регулираат елементите од постапката за одобрување на возните редови се законска рамка, за донесување на Правилникот, кој како предмет го има операционализирањето на одобрувањето на возните редови со образците за таа цел заради спроведување на законските одредби. Од друга страна, со оглед на тоа што возниот ред претставува стручно оперативен документ чија цел е обезбедување ефикасно и експедитивно давање на услугите во областа на патниот сообраќај, според Судот критериумите за утврдување и одобрување на возниот ред, исто така, не се исклучиво законска материја, па затоа и овластувањето на министерот за транспорт и врски со свој акт да ги пропише условите, не може да се проблематизира од уставноправен аспект.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 24-а став 10 од Законот со членовите од Уставот во однос на кои со иницијативата се оспорува неговата уставност. Конечно, бидејќи уставноста на оспорениот правилник се оспорува од истите причини како и законската одредба, не може да се постави прашањето за согласноста ниту на оспорениот правилник со одредбите од Уставот, затоа што членот 24-а став 10 од Законот врз основа на кој е донесен, е во согласност со Уставот па следствено на тоа и оспорениот правилник, исто така, е во согласност со Уставот. Освен тоа, Правилникот кој се оспорува со иницијативата во целина, не може да се проблематизира ниту од аспект на одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи има законски основ за негово донесување од страна на надлежниот министер, а посебни аргументи за оспорување од овој аспект не се ниту посочени со иницијативата за уставносудска анализа од страна на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.285/2009
19 мај 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски