28/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 06 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6 став 1 точка 1 од Законот за денационализација („Службен Весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009 и 72/2010 и 171/2010) и Актот под број 1492 донесен на 3 октомври 1946 од страна на Комисијата за аграрна реформа и колонизација на Владата на Федеративна Народна Република Југославија.

2. Драгутин Вељковиќ и други од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите на иницијативата подносителите имале поднесено барање за денационализација врз основа на конкретни судски решенија и конкретен акт заведен под број 1492 донесен од страна на Комисијата за аграрна реформа и колонизација на Владата на Федеративна Народна Република Југославија за одземен имот. Понатаму во иницијативата се бара Уставниот суд да даде оценка за валидноста на наведениот акт и да се укине член 7 став 1 точка 1 од оспорениот закон.

Наведениот акт под број 1492, доставен како копие, се оспорува од аспект на прописите за архивското работење и од аспект на валидноста на неговото издавање од страна на Архивот на Република Македонија како и од други причини сврзани со постапката за денационализација по конкретен предмет и во однос на фактот дали истиот има правен основ за одлучување по поднесено барање за денационализација.

4. Судот на седница утврди дека според член 6 став 1 од овој закон предмет на денационализација не е имот: одземен според Законот за ревизија на доделување земја на колонистите и аграрните интересенти во Народна Република Македонија и во Автономната Косовско- Метохиска област, одземен по основа на губење државјанство по сила на закон или врз основа на правосилна пресуда и за кој е склучена меѓудржавна спогодба (договор) за обесштетување за одземен имот.

Предмет на денационализација не се предмети и објекти од особено културно и историско значење и природни реткости определени со закон.(став 2)

Согласно член 7 став 1 од Законот, предмет на денационализација не е одземен имот за кој е платен, односно даден надомест. По исклучок од став 1 на овој член, ако одземениот имот за кој е даден надомест постои, имотот може да се врати при што барателот е должен да врати надомест во износ, на начин и постапка утврдени со прописот на Владата на Република Македонија од членот 31 став 2 на овој закон.

5. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата може да се констатира дека во однос на прашањето дали со оспорениот акт под број 1492 донесен од страна на Комисијата за аграрна реформа и колонизација на Владата на Федеративна Народна Република Југославија на 3 октомври 1946 година, правилно е применет член 6 став 1 точка 1 од Законот за денационализација, не е прашање од уставно-судска надлежност, туку претставува предмет на решавање на сопственосно-правни односи во управна постапка пред други државни органи.

Од друга страна наводите во иницијативата за несогласност со Уставот, на оспорениот член 6 став 1 точка 1 од Законот за денационализација “Службен весник на Република Македонија” бр. 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009 и 72/2010 и 171/2010) со кој се уредува начинот, условите и постапката за враќање во сопственост на имот, односно давање надомест на физички лица државјани на Република Македонија за имот одземен во корист на државата , се сведуваат на изнесување на причини за оспорување на конкретен акт односно изнесување на фактичка состојба која претходи на донесувањето на споменатиот Акт 1492, а кои по својот карактер и квалитет не можат да го покренат механизмот за уставно-судска оценка.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се настапени наведените деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.28/2012
06 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски