28/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 211 точка в) од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005, 25/2007, 7/2008 и 57/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била нејасна и непрецизна, затоа што од неа, како и од целината на Законот не можело да се разбере на кои други работи кои не биле поврзани со работење со хартии од вредност, се мислело.

Имено, не било јасно дали се мисли дека брокерот бил вработен во друго правно лице, како што било предвидено во член 105 став 1 од истиот закон, според кој физичко лице не можело да биде вработено или да биде член на надзорен одбор, управен одбор или на одборот на директори во повеќе од една брокерска куќа.

Врз основа на наведеното, произлегувало дека оспорената законска одредба била нејасна, непрецизна и не до крај дефинирана норма, која оставала простор за слободно толкување и неконзистентна примена, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 211 точка в) од Законот за хартии од вредност Комисијата донесува решение за одземање на дозвола на брокерот и во случај кога врши други работи кои не се поврзани со работење со хартии од вредност во согласност со овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за хартии од вредност, со овој закон се уредуваат начинот и условите на издавање и тргување со хартии од вредност, начинот и условите за регистрирање на хартиите од вредност, утврдување и порамнување на трговските трансакции и нетрговските преноси со хартии од вредност, како и ограничувањата на правата од сопственоста на хартиите од вредност, начинот и условите за функционирање на пазарот на хартии од вредност и на овластените учесници на пазарот, обврските за обелоденување од страна на акционерските друштва со посебни обврски за известување, членовите на органите на управување, директорите и одделни акционери, забранетите дејствија во врска со работењето со хартии од вредност, статусот и надлежностите на Комисијата, начинот и условите на работење на овластените учесници на пазарот при стечај и ликвидација и други прашања што се од значење за хартиите од вредност. Според член 112 од Законот услугите поврзани со извршувањето на налозите на клиентите, информирањето на клиентите за купување или продавање на хартии од вредност кое не претставува инвестициско советување во брокерска куќа можат да ги вршат само овластени брокери (став 1). Брокерот треба да биде полнолетен и да има положено стручен испит за работење со хартии од вредност (став 2).

Брокерот мора да има диплома за завршено најмалку четиригодишно средно образование (став 3). Комисијата ги пропишува начинот и условите за полагање на испит од ставот (2) на овој член (став 4).

Според член 113 став 3 од Законот, Комисијата дава дозвола за работење на брокер по утврдување дека се исполнети условите од членот 112 на овој закон. Според ставот 6 на овој член од Законот, дозволата за работење на брокер има важност од пет години.

Со Законот е основана Комисија за хартии од вредност, чиј статус, состав, функции и организација и работење се уредени во Глава VIII од Законот.

Според член 181 од Законот, во областа на пазарот на капитал се основа Комисија за хартии од вредност на Република Македонија, која претставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон. Комисијата го конттролира и регулира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија.

Комисијата во рамките на своите законски надлежности и овластувања се грижи за законско и ефикасно функционирање на пазарот на хартии од вредност и за заштита на правата на инвеститорите, со цел за постојано јакнење на довербата на јавноста во институциите на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија. Комисијата има својство на правно лице. Седиштето на Комисијата е во Скопје.

Надлежноста на Комисијата е детално утврдена во член 184 од Законот и според кој Комисијата ги врши следниве функции:

а) презема мерки за спроведување на овој закон и на законите кои се во нејзина надлежност,
б) донесува подзаконски акти врз основа на законите кои се во нејзина надлежност,
в) презема мерки за спроведување на подзаконски акти врз основа на законите кои се во нејзина надлежност,
г) врши контрола над целокупната документација на издавачите на хартии од вредност, презема мерки и донесува одлуки за заштита на интересите на лицата кои се сопственици или инвестираат во хартии од вредност и спречува нечесни и незаконски дејствија поврзани со работењето со хартии од вредност,
д) издава дозволи, одобренија и согласност врз основа на овој закон и другите закони во нејзина надлежност,
ѓ) го регулира начинот на тргување со хартии од вредност на берзите,
е) врши следење на работењето на учесниците на пазарот на хартии од вредност,
ж) врши контрола на работењето на учесниците на пазарот на хартии од вредност,
з) врши контрола на работењето на учесниците на пазарот на хартии од вредност,
ѕ) одредува стандарди на конкуренција меѓу учесниците на пазарто на хартии од вредност, како и овластените друштва за управување со фондови, односно инвестиционите фондови, по пат на контроли или на друг начин,
и) дава согласност за именување на директори на правни лица учесници на пазари на хартии од вредност, вклучувајќи и директори на организационата единица во банката која е надлежна за вршење на услуги со хартии од вредност, како и директори на друштвата за управување со инвестициони фондови од Законот за инвестиционите фондови,
ј) ги одобрува барањата за издавање на хартии од ввредност,
к) се грижи за законит, чесен и транспарентен пазар на хартии од вредност,
л) ги одобрува донесувањето на сите измени на актите на депозитарот и берзата,
љ) соработува со други институции во Република Македонија и надвор од неа,
м) донесува програма за работа, финансиски план и годишна сметка и го усвојува годишниот извештај за работењето на Комисијата,
н) врши избор на овластено друштво за ревизија и го усвојува извештајот на ревизијата на Комисијата,
њ) донесува акти, односно правилници за внатрешната организација на Комисијата и
о) врши други работи во врска со работењето со хартии од вредност согласно со овој закон и со други закони во нејзина надлежност.

Во член 199 од Законот е предвидено дека Комисијата е овластена да спроведува надзор заради утврдување дали овластен учесник на пазарот на хартии од вредност или друго физичко или правно лице го прекршило овој закон, правилниците донесени врз основа на овој закон, другите закони во нејзина надлежност и правилата на овластените учесници на пазарот.

Согласно член 2 точка 24 од Законот, овластен учесник на пазарот на хартии од вредност е секое физичко или правно лице вклучено во работењето на пазарот на хартии од вредност, кое има добиено соодветна дозвола од Комисијата вклучувајќи депозитери, берзи, банки, брокерски куќи, брокери и инвестициони советници.

Во Главата VIII, точка 5, потточка 5.3 со наслов: „Овластување за преземање на мерки против брокерите“, е содржан оспорениот член 211, кој носи поднаслов: „Одземање на дозвола“.

Имено, според овој член од Законот, Комисијата донесува решение за одземање на дозвола на брокерот и во случај кога:

а) податоците од членот 112 на овој закон се невистинити,
б) врши забранети дејствија и работи со хартии од вредност,
в) врши други работи кои не се поврзани со работење со хартии од вредност во согласност со овој закон, (оспорен дел)
г) не одбие барање за какво било дејствие со хартии од вредност ако знае или би морал да знае дека поради извршување на барањето може да дојде до кршење на овој закон, другите закони од надлежност на Комимсијата и правилата на саморегулирачките организации,
д) ако повеќе не ги исполнува условите кои се потребни за добивање на дозвола за бброкер,
ѓ) доколку по предупредување на Комисијата брокерот продолжи да постапува спротивно на правилата и обврските во согласност со овој закон, подзаконските акти донесени врз него и на правилата на саморегулирачките организации и
е) Комисијата, откако издала дозвола, добие информација која доколку била добиена навремено ќе била причина за неиздавање, или ако околностите се промениле до таа мера што Комисијата не би издала дозвола, или пак се случат и двете.

Од анализата на наведените уставни и законски норми, според Судот, од суштинско значење е статусот на Комисијата за хартии од вредност како независно регулаторно тело. Комисијата за хартии од вредност е институција чија основна задача е да го регулира и да врши надзор над финансискиот пазар во Република Македонија, поради што претставува регулатор на финансискиот пазар. Остварувањето на оваа основна цел, регулаторното тело, односно Комисијата за хартии од вредност, ја остварува преку регистрирање на емисиите на хартии од вредност наменети за јавна понуда, понатаму преку давање на дозвола за работа и контрола на овластените учесници на финансискиот пазар (депозитари, брокерски куќи, берзи, банки, инвестициони компании, брокери и инвестициони советници). Тоа се главните надлежности на регулаторните тела на финансиските пазари преку кои тие ја остваруваат својата основна улога – заштитата на инвеститорите во хартии од вредност и спречување на малверзации и измама на штета на купувачите.

Законот за хартии од вредност вклучува, односно регулира многу фундаментални принципи за однесување на брокерите. Ваквите принципи вклучуваат доминантност на интересот на клиентите, избегнување на судир на интереси, должност за информирање на клиентите. Во тој контекст, од суштинско значење, според Судот, е што брокерите со Законот за хартии од вредност, се предмет на построги процедури и обврска за обновување на дозволата за брокер на пет години.

Оттука, имајќи ја во вид основната задача на Комисијата за хартии од вредност како одговорна институција за заштита и ефикасно функционирање на пазарот на капитал во Република Македонија, како и одржување на интегритетот на пазарот на капитал и зголемување на довербата кај инвеститорите, која е неопходна за акумулацијата и концентрацијата на капиталот, Судот оцени дека право е на законодавецот, односно оценка е на Комисијата за хартии од вредност, како независно регулаторно тело со јавни овластувања, да одреди дека вршењето на брокерската дејност е неспоива со вршење на други дејности кои не се поврзани со работењето со хартии од вредност. Токму поради што и вршењето на други работи кои не се поврзани со конкретната дејност, претставува основа за одземање на дозволата на брокерот, кој што според Судот, не е во спротивност со принципот на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи вршењето на брокерската дејност е инкопатибилна со било која друга дејност надвор од овие рамки, а во интерес на обезбедување сигурен финансиски пазар во Република Македонија.

Имено, на овој начин, всушност се обезбедува регуларен, транспарентен и развоен пазар на капитал во земјата.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека наводите на подносителот на иницијативата дека оспорената законска одредба е нејасна и непрецизна не додефинирана и остава простор за слободно толкување, не се основани од причина што право е на законодавецот да утврди дека вршењето на брокерската дејност, со оглед на специфичниот карактер на истата е неспоиво со вршење на било каква друга дејност надвор од работењето со хартии од вредност и е една од причините за одземање на дозволата на брокерот поради што и не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 211 точка в) од Законот за хартии од вредност со принципот на владеењето на правото, утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.28/2011
6 април 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски