28/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување на средства и начин на исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 70/94, 65/95 и 71/96).

2. Светозар Георгиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот, оспорениот закон не бил во согласност со член 30 став 3 од Уставот бидејќи на граѓаните им ја ограничувал сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на бесконечно време иако со истиот, отпрво средствата биле депонирани и ставени во мирување само за две години. Причината врз основа на која бил прогласен овој закон од јавен интерес – одржување на општата ликвидност на Републиката, веќе непостоела бидејќи со години наназад општата ликвидност била стабилна. Поради тоа иницијаторот бара Судот да оцени дали сеуште постои јавен интерес и дали може јавниот интерес бесконечно да се продолжува и постои односно колку време може државата да ги држи девизните заштеди. Исто така иницијаторот смета дека членот 5 од Законот не се спроведувал, а не било познато ниту каде девизните влогови се депонирани и каде мируваат. Со тоа бил повреден и принципот на владеењето на правото.

3. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.

Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Од наведеното произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост, при што не допушта да бидат одземени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Неспорно е дека Собранието, како носител на законодавната власт во Републиката има право во зависност од неговата оценка да определи постоење на јавен интерес. Во конкретниот случај Собранието со закон утврдило дека одржувањето на општата ликвидност на Републиката е јавен интерес и врз таа основа со закон пропишало ограничување на сопственоста на граѓаните во сферата на располагањето со девизните заштеди.

Дали сега општата ликвидност на државата е стабилна и дали јавниот интерес може бесконечно да постои, не се прашања за кои Уставниот суд одлучува во рамките на својата надлежност утврдена со Уставот. Единствено Собранието на Републиката кое со закон определило дека одржувањето на општата ликвидност на државата е од јавен интерес може врз основа на соодветни показатели да оцени дека потребата од постоењето на јавен интерес престанала.

Оттука Судот оцени дека во иницијативата всушност се поставува фактичко прашање дали општата ликвидност на државата е стабилна или не е стабилна, од што зависи и потребата од понатамошното постоење на јавниот интерес. Фактички прашања се и дали членот 5 од законот се спроведува, каде се депонирани штедните влогови и каде мируваат. Од оваа причина, а имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.28/2000
5 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков