278/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 6 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 2 и 3 во делот “на подрачјето на кое кандидатот за возач или возачот има постојано место на живеење, односно престојувалиште” од Правилникот за начинот на вршење на здравствениот преглед на возачите на моторни возила, критериумите во однос на кадарот и опремата за вршење на здравствениот преглед, како и за начинот и постапката за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2008).

2.ПЗУ-Поликлиника“Медика-Плус”,преку полномошникот Јованка Лошкова, адвокат од Скопје и Драган Трпковски од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредби од актот oзначен во точкaта 1 од ова решение.

3.Според наводите во иницијативата поднесена од ПЗУ Поликлиника “Медика-Плус”, преку полномошникот Јованка Лошкова, адвокат од Скопје, кандидатите за возачи и возачите биле ограничувани да го поднесуваат барањето за издавање на уверение и вршењето на лекарски прегледи заради утврдување на здравствената способност само во оние установи на подрачјето каде кандидатот за возач или возачот има постојано место на живеење, односно престојувалиште, со што се доведувале во нееднаква положба останатите здравствени установи кои исто така ги исполнувале критериумите. Со оспорениот дел од одредбата се повредувал членот 8 став 2 и членoт 27 став 2 од Уставот. Наведениот подзаконски акт бил донесен врз основа на член 424 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и дека согласно оваа одредба од Законот, не се давало законско овластување на доносителот на овој правилник да го уредува оспорениот законски дел. Претпоставуваат дека оспорениот дел бил веројатно преземен од подзаконски акт кој престанал да важи (кој бил во сила пред донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, што можело да се заклучи од завршната одредба на овој правилник). Имено, со оспорениот дел од овој правилник се повредувало едно од економските основи утврдени во Уставот, а тоа е слободата на пазарот и претприемништвото и затоа истиот не бил во согласност со член 55 од Уставот. Имено, не била обезбедена еднаква правна положба на субјектите на пазарот и слободна конкуренција на домашниот пазар во услови на уставно загарантирана слобода на пазарот и претприемништвото.

Според наводите во иницијативата, поднесена од страна на Драган Трпковски од Велес, оспорениот дел од овој правилник бил во колизија со членовите 303 до 312 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Имено, со одредбите од овие членови не било предвидено Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство да можат да ги ограничуваат граѓаните и возачите да поднесуваат барање за добивање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, во местото на живеење и престојување. Подносителот на иницијативата смета дека требало да се пропише кандидатите за возачи и возачите да го поднесат барањето за добивање на уверение по свој избор зависно од цената на чинење на уверението.

Подносителите на двете иницијативи предлагаат да се укинат оспорениот член 9 ставови 2 и 3 од Правилникот бидејки се повредувале член 8 став 1 алинеа 3 и став 2; член 9 ставовите 2 и 3; член 27 ставовите 1 и 3; член 51; член 54 став 1; член 55; член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, како и одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека во член 9 став 1 од Правилникот е предвидено дека постапката за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила, трактори и работни машини се поведува со писмено барање од кандидатот за возач или возачот во кое се внесуваат следните податоци: име, име на еден од родителите и презиме, ден, месец, година и место на раѓање, место на живеење, школска подготовка, занимање и каде е вработен, ЕМБГ, број на лична карта и од кого е издадена, причина зошто се бара лекарско уверение (барање за нова возачка дозвола, замена или продолжување на постојната) и категоријата за која ќе полага односно категоријата која ја има положено. Во оспорениот став 2 е предвидено дека барањето за издавање на уверение се поднесува до здравствената установа која ги исполнува критериумите од член 8 на овој правилник на подрачјето на кое кандидатот за возач или возачот има постојано место на живеење, односно престојувалиште. Во оспорениот став 3 е утврдено дека доколку во местото на живеење односно во престојувалиштето нема таква здравствена установа барањето се поднесува до најблиската здравствена установа во која се вршат здравствени прегледи на кандидати за возачи и возачи.

5. Согласно член 8 став 1 алинеа 3 и став 2 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото. Во Република Македонија слободно е се што со уставот и законот не е забрането.

Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно членот 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/07, 86/08, 98/08, 106/08, 64/08 169/09), се уредува безбедноста и заштитата на патиштата; правилата на сообраќајот на патиштата; системот на сообраќајните знаци и опрема; должностите во случај на сообраќајна незгода; условите за стекнување право на управување со возила; оспособување на кандидатите за возачи; полагање возачки испит и проверка на оспособеноста на возачите; испитување на возила; уредите и опремата што задолжително треба да ги имаат возилата; димензиите; вкупната маса; основното оптоварување на возилата и условите кои задолжително треба да ги исполнуваат возилата во сообраќајот; технички преглед на возила; посебните мерки на безбедност; организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и прекршочните санкции и прекршочната постапка што се води по прекршоците во областа на сообраќајот на патиштата.

Според членот 1 од Правилникот за начинот на вршење на здравствениот преглед на возачите на моторни возила, критериумите во однос на кадарот и опремата за вршење на здравствениот преглед, како и за начинот и постапката за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило се пропишува начинот на вршење на здравствениот преглед на кандидатите за возачи и возачите на моторни возила, трактори, работни машини, трицикли и четирицикли (во натамошниот текст кандидати за возачи и возачи), критериумите во однос на кадарот и опремата за вршење на здравствениот преглед, како и за начинот и постапката за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина.

Согласно член 2 ставови 1 и 2 од Правилникот, дадени се одредбите за начинот на вршење на здравствен преглед. Здравствениот преглед на кандидатите за возачи и возачите се врши по правило во ист ден. Прегледот се врши од страна на комисија составена од: лекар специјалист по медицина на трудот или специјалист по општа медицина, специјалист по невропсихијатрија или психијатрија и неврологија, специјалист по офталмологија, специјалист по оториноларингологија и психолог.

Според член 3 од овој правилник, конечната оценка за здравствената и психофизичката способност односно неспособност на кандидатот за возач или возачот се дава од страна на комисијата во полн состав врз основа на наодите од извршените прегледи.

Согласно член 6 од овој правилник, критериуми за оценување на здравствената и психофизичката способност односно неспособност на кандидатот за возач или возачот се здравствените критериуми што задолжително треба да ги исполнуваат кандидатите за возачи и возачите на моторни возила за самостојно управување со моторно возило, трактор или работна машина во сообраќајот на јавните патишта пропишани со Правилникот за здравствените критериуми што задолжително треба да ги исполнуваат кандидатите за возачи на моторни возила.

Согласно член 7 од овој правилник, наведено е дека здравствени прегледи на кандидати за возачи заради оценување на здравствената способност за управување со моторни возила, трактори, работни машини, трицикли и четририцикли можат да вршат здравствени установи кои во поглед на кадарот и опремата ги исполнуваат условите утврдени со овој правилник.

Според членот 8 од Правилникот, критериумите што треба да ги исполнуваат овие здравствени установи во однос на кадарот е дека треба да имаат: здравствени работници со високо образование, специјалисти по одредени области, психолог и соодветен број на други здравствени работници оспособени за лабараториски испитувања, утврдени со прописите од областа на здравствената заштита; а во поглед на опремата треба да имаат: опрема потребна за ординација за општа медицина и трудова медицина и опрема за општа биохемиска лабораторија за вршење на соодветни лабораториски испитувања, офталмолошки преглед, вршење на невропсихијатриски преглед, преглед на уво и психолошко испитување.

Согласно член 9 став 1 од овој правилник, дадени се одредбите за постапката за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила, трактори и работни машини. Постапката се поведува со писмено барање од кандидатот за возач или возачот. Барањето за издавање на уверение се поднесува до здравствената установа која ги исполнува критериумите од член 8 на овој правилник на подрачјето на кое кандидатот за возач или возачот има постојано место на живеење, односно престојувалиште. Доколку во местото на живеење односно во престојувалиштето нема таква здравствена установа барањето се поднесува до најблиската здравствена установа во која се вршат здравствени прегледи на кандидати за возачи и возачи
.
Согласно член 12 став 1 од овој правилник, здравствената установа во која се извршени здравствените прегледи врз основа на наодот и мислењето на комисијата од член 2 став 2 на овој правилник издава уверение во кое означува дека кандидатот за возач или возачот е здравствено и психофизички способен/неспособен да управува со моторно возило, трактор или работна машина од одредена категорија. Уверението од ставот 1 на овој член се издава на образец кој е даден во прилог на овој правилник.

Според завршните одредби со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за начинот на вршење на здравствениот преглед на возачи на моторни возила, трактори и работни машини, условите во поглед на кадрите и опремата за вршење на здравствениот преглед, како и за начинот и постапката за издавање на уверение за телесна и душевна способност за управување со моторно возило, трактори и работна машина („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/86)

Согласно член 303 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кандидатите за возачи на моторни возила се должни пред почетокот на практичниот дел од обуката да се подложат на здравствен преглед. На здравствениот преглед од ставот 1 на овој член се утврдува дали кандидатот за возач или возачот ја има потребната здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила. Здравствениот преглед од ставот 1 на овој член го врши здравствена установа. За извршениот здравствен преглед здравствената установа од ставот 3 на овој член издава уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила. Возачите на моторни возила се должни да се подложат и на контролни здравствени прегледи. На автошколата која ќе нареди или дозволи обука на кандидати за возачи спротивно на одредбата од ставот 1 на овој член ќе и се изрече глоба во износ од 480 евра во денарска противвредност. За прекршокот од ставот 6 на овој член глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лицe во автошколата. Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот 5 на овој член.

Според членот 304 од овој закон, здравствената установа од членот 303 став 3 на овој закон задолжително треба да ги исполнува пропишаните критериуми во однос на кадарот и опремата за вршење на прегледите за здравствена и психофизичка способност на кандидатите за возачи и возачи на моторно возило. Исполнувањето на критериумите од ставот 1 на овој член го утврдува Министерството за здравство. Здравствената установа од членот 303 став 3 на овој закон води евиденција за извршените прегледи и за издадените уверенија за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило. На правното лицe кое постапува спротивно на одредбите од ставовите 1 и 3 на овој член ќе му се изрече глоба во износ од 520 до1.350 евра во денарска противвредност.5 За прекршокот од ставот 4 на овој член глоба во износ од 330 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лицe во правното лице.

Согласно член 305 од овој закон, уверението за здравствена и психофизичка способност на кандидатот за возач, во времето на оспособување со моторно возило, не смее да биде постаро од една година.

Според член 306 од овој закон, на контролен здравствен преглед задолжително подлежи: возач кој управува со моторно возило со кое се врши јавен превоз, во временски интервали што не можат да бидат подолги од три години; возач на кого му е издадена возачка дозвола за управување со моторни возила од категоријата “Д”; возач на моторно возило на кого му е издадена дозвола со пократок рок на важност заради несоодветна здравствена состојба; возач на моторно возило кој наполнил 65 години возраст, во временски интервали кои не можат да бидат подолги од три години и возач-инструктор пред секое продолжување на важноста на дозволата за возач-инструктор. Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот 1 на овој член.

Според член 308 на овој закон, на контролен здравствен преглед се упатува возач на моторно возило, за кого основано ќе се посомнева дека од здравствени причини повеќе не е способен сигурно да управува со моторно возило од оние категории за кои му е издадена возачката дозвола. Барање за упатување на контролен здравствен преглед може да поднесе Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, судот, како и правното или физичкото лице каде што возачот е вработен како возач.

Согласно член 310 на овој закон, ако при здравствен преглед на кандидатот за возач или возач на моторно возило се утврди дека постои здравствена или психофизичка неспособност за управување со овие возила, ќе се смета дека возачот не е способен за управување со возило, додека поинаку не биде утврдено од посебна комисија, што ја формира министерот за здравство. Комисијата од ставот 1 на овој член одлучува и по жалбите изјавени против уверенијата за здравствена и психофизичка способност.

Според член 312 од овој закон, надзор над работата на овластените здравствени установи за утврдување на здравствената и психофизичката способност за управување со моторно возило, врши Министерството за здравство. Ако здравствената установа од ставот 1 на овој член престане да ги исполнува утврдените критериуми во однос на кадарот и опремата за вршење на здравствените прегледи и ако не се придржува кон прописите што се однесуваат на овие прегледи, Министерството за здравство ќе го одземе овластувањето на здравствената установа.

Согласно член 424 од овој закон се овластува министерот за здравство во согласност со министерот за внатрешни работи, да донесе поблиски прописи за: здравствените критериуми што задолжително треба да ги исполнуваат кандидатите за возачи на моторни возила, содржините на програмата за обука за постапување во случај на сообраќајна незгода за кандидатите за возач и начинот на вршење на здравствениот преглед на возачите на моторни возила, критериумите во однос на кадарот и опремата за вршење на здравствените прегледи, како и за начинот и постапката за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило.

6. Анализирајќи ги наведените уставни одредби во однос на оспорените членови од подзаконскиот акт, одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата а во контекст на наводите во иницијативата, Судот утврди дека суптилноста на проблематиката на безбедноста на сообраќајот на патиштата е поврзана и влијае на безбедноста на граѓаните во Република Македонија. Оттука, како субјекти кои даваат оценка за здравствената и психофизичката способност за управување со моторно возило се предвидени здравствени установи, кои согласно Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/05 и 120/05), и Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/91, 46/93, 55/95,10/04, 84/05,111/05, 65/06,5/07, 77/08 и 67/09) се форми на организирање заради вршење на јавна услуга која е од нестопански карактер, односно е од јавен интерес.

Според мислењето на Судот, дадената можност на министерот за здравство во согласност со министерот за внатрешни работи да утврдува кои здравствени установи ги исполнуваат потребните критериуми и кои се наоѓаат на местото каде кандидатот за возач и возачите имаат место на живеење или престојување, е доверено јавно овластување како посебен институт прифатен во правниот систем.

Судот оцени дека со оспорената одредба од Правилникот не се навлегува во ограничувањето на слободата на пазарот и претприемништвото, затоа што прашањето за утврдување на здравствената способност или неспособност за управување со моторно возило не се слободни пазарни активности и слободно претприемништво. Тоа значи дека со ваквото законско решение не се фаворизираат определени јавни здравствени установи ниту пак се доведуваат во нееднаква положба во однос на останатите установи.

Судот, исто така оцени, дека решението на законодавецот, барањето за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило да се поднесува на подрачјето на кое кандидатот за возач или возачот има постојано место на живеење, односно престојувалиште, кое е содржано во оспорената одредба, има функционална смисла во спроведување на одредбите од законот и подзаконскиот акт. Имено, оценка е на законодавецот да пристапи кон примена на територијалниот принцип односно организирање и во повеќе други области на регулирање (барање за регистрација на возила, барање за стекнување, престанување или утврдување на државјанство на Република Македонија и друго). Оттука, имајќи го во предвид изнесеното Судот оцени дека оспорениот дел од Правилникот бил во согласност со одредбите од Уставот и законот поради што не го постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaтa 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.278/2009
6 октомври 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски