276/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.165/2008 и 18/2011).

2.АД „Макошпед“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, членот 17 ставовите 1 и 2 од наведениот закон ги дерогирал постапките кои биле започнати врз основа на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 и 13/2007) и Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2003, 59/2003, 84/2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004), при што новите законски одредби биле понеповолни за граѓаните и правните лица, поради што оспорените законски одредби го кршеле принципот на забрана на повратното дејство на законот определен во член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
Во однос на член 17 став 3 од наведениот закон, подносителот на иницијативата укажува дека предвидувањето на условите под кои започнатите постапки ќе продолжат според означената уредба не зависеле од барателите, ниту барателите можеле на било кој начин да влијаат на остварување на тие услови, туку зависеле од државниот орган (имено, плаќањето на данокот и на цената, како и примање на архивски заведен договор, зависело од испраќање на соодветните акти до барателите од страна на државниот орган), што значело дека државниот орган со развлекувањето на постапката влијаел барателите да не можеле да ги исполнат наведените услови за поповолно откупување на градежното земјиште, поради што членот 17 став 3 од Законот имал ретроактивно дејство, понеповолно за граѓаните. Инаку, подносителот на иницијативата наведува дека доколку државниот орган постапувал законито и благовремено ги доставувал потребните акти за реализација, а барателите не се придржувале до своите обврски, тогаш не би имало проблем со ретроактивното дејство на законската одредба.

3.Судот на седницата утврди дека членот 17 став 1 од Законот определува дека: „Започнатите постапки за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 и 13/2007), ќе продолжат според одредбите на овој закон.“
Во став 2 од истиот член на Законот се определува дека: „Започнатите постапки по барања за отуѓување на градежното изградено земјиште во сопственост на Република Македонија, согласно со Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2003, 59/2003, 84/2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004), до влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите на овој закон.“
Според став 3 од истиот член на Законот, „Започнатите постапки по барања за отуѓување на градежно изградено земјиште согласно Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2003, 59/2003, 84/2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004), ќе продолжат според Уредбата, ако:
-барателите го платиле данокот на промет на недвижности и права и е исплатена цената на земјиштето,
-барателите примиле архивски заведен договор од Министерството за финансии, заради плаќање на данок на промет на недвижности и цена за земјиштето и ако го платат во рокот определeн во договорот, односно до 31 март 2009 година, доколку не е определен рок во договорот и
-во случаите од алинеите 1 и 2 на овој член е во тек оставинска постапка или треба да се води оставинска постапка за барателот.“
Судот, исто така, утврди дека со Решение У бр.175/2009 од 21 октомври 2009 година одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република македонија“ бр.165/2008), затоа што оцени дека „…со оспорениот член од Законот не е пропишана ретроактивна примена на Законот, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член се повредувал принципот на владеењето на правото и принципот на забрана на повратното дејство на законите утврден во членот 52 став 4 од Уставот. Oва од причини што со оспорениот член се предвидува започнатите постапки (што значи незавршени) ќе продолжат (во иднина) според одредбите на овој закон. Ставот 1 од овој член на Законот ги регулира започнатите постапки за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост, а ставот 2, пак, од истиот член на Законот ги регулира започнатите постапки по барање за отуѓување на градежното изградено земјиште во сопственост на Република Македонија согласно со Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2003, 59/2003, 84/2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004). Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член на Законот има повратно дејство, бидејќи постапките за приватизација и постапките по барање за отуѓување се во тек, изменувањето и дополнувањето на Законот всушност е примена на законот по кој се води постапката која во моментот има карактер на позитивна законска регулатива односно истата ги обврзува органите веќе започнатите постапки да ги продолжат со примена на измените на Законот.
Во ставот 3 од членот 17 на Законот, законодавецот со право направил исклучок по однос на делегирањето на Уредбата односно на примената на Законот во случаи кога барателите го платиле данокот на промет на недвижности и права и е исплатена цената на земјиштето или барателите примиле архивски заведен договор од Министерството за финансии заради плаќање данок на промет на недвижности и цена за земјиштето и ако го платат во рокот определен во договорот, односно до 31 март 2009 година доколку не е определен рок во договорот, и во случаите од алинеите 1 и 2 на овој член ако е во тек оставинска постапка или треба да се води оставинска постапка за барателот.

Од наведеното јасно произлегува дека одредбите од овој член на Законот се однесуваат само на оние постапки кои се уште траат и се во определена фаза од постапката и немаат се уште своја завршница, поради што законската формулација на оспорениот закон, според Судот, не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот односно со неа не се повредува принципот на владеењето на правото и истата нема повратно дејство, како што тврди подносителот на иницијативата. Имено, важноста е за во иднина односно по нејзиното влегување во сила.“

4.Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што членот 17 од наведениот закон веќе беше предмет на оценување од страна на Судот од иницираниот аспект, при што со Решение У бр.175/2009 од 21 октомври 2009 година не се поведе постапка за оценување на неговата согласност со член 52 став 4 од Уставот од изнесените причини, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски, и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр. 276/2009
23 февруари 2011 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски