276/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 16 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17 став 1, член 21 и член 24 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90).

2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на:

а) Одлуката за избор на потпретседател на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93);

б) точките 2 и 4 од Одлуката за избор на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/92) и

в) Актот на Претседателот на Владата на Република Македонија бр.19-3466/1 од 8 декември 1993 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров, независен пратеник во Собранието на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точка 1 од ова решение и уставноста и законитоста на актите означени во точка 2 од ова решение, затоа што член 17 став 1 од Законот не бил во согласност со член 89 став 1 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што било предвидено кандидатот за претседател посебно да предлага и кандидат за потпретседател, иако Уставот не правел дистинкција меѓу министрите што раководат со одделни министерства и другите министри, туку сите тие заедно со претседателот биле членови на Владата. Членовите 21 и 24 од Законот не биле во согласност со истата уставна одредба, затоа што со укинувањето на член 4 од Законот од страна на Уставниот суд на Република Македонија, не постоела функцијата потпретседател на Владата.

Одлуката означена во точка 2 под “а” од Решението не била во согласност со Уставот и со Законот на Владата на Република Македонија, затоа што по одлуката на Уставниот суд не можеле веќе да се избираат потпретседатели на Владата. Оспорените точки од Одлуката означени во точка 2 под “б” од Решението не биле во согласност со член 89 став 1 од Уставот, затоа што според нив биле избрани потпретседатели на Владата како посебни функции, чии мандат како членови на Владата би требало да престане со донесувањето на одлуката на Уставниот суд. Актот на Претседателот на Владата не бил во согласност со член 89 став 1 и со член 112 став 3 од Уставот, затоа што потпретседателите на Владата не можеле да продолжат да учествуваат во Владата како нејзини членови односно министри, како и затоа што со него било предвидено одлуката на Уставниот суд да се применува од нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”, а не од нејзиното донесување.

4. Судот на седницата утврди дека во член 17 став 1 од Законот е предвидено при предлагањето на Владата кандидатот за претседател на Владата да предлага и потпретседател на Владата, а во членот 21 од Законот е предвидено дека во случај на отсутност или спреченост на претседателот на Владата, него да го заменува еден од потпретседателите на Владата, според распоредот што ќе го утврди претседателот, кој, исто така, на потпретседателите може да им довери вршење на определени работи од своја надлежност. Во членот 24 е предвидено дека претседателот, потпретседателите и членовите на Владата уживаат имунитет како и пратениците во Собранието.

Исто така, Судот утврди дека со своја Одлука У.бр.67/93 од 24 ноември 1993 година го укинал член 4 од Законот за Владата на Република Македонија, во делот кој се однесуваше на потпретседателите на Владата, како несогласен со член 89 став 1 од Уставот, затоа што, според оценката на Судот, со него беше утврден поинаков состав на Владата од составот предвиден со Уставот.

Со донесувањето на оваа одлука на Уставниот суд повеќе не постои функцијата потпретседател на Владата како посебна функција. Со оглед на тоа што оспорените членови од Законот се непосредно поврзани со укинатиот член 4 од Законот и претставуваа негова операционализација, со укинувањето на овој член од Законот, Судот смета дека тие го изгубиле своето правно дејство и не можат да се применуваат.

Поради тоа, Судот оцени дека поведувањето на постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот би било без правно значење, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во однос на оспорените одлуки означени во точка 2 од ова решение, Судот оцени дека тие не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што утврди дека не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост, а во однос на Одлуката за избор на Владата на Република Македонија, Судот веќе одлучувал и со Решение У.бр.245/92 го отфрлил барањето за оценување на нејзината уставност и законитост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец. (У.бр.276/93)