27/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 5 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011 и 53/2011 ).

2. Агенцијата „ПРО АГЕНС“– Скопје преку застапникот м-р Павле Гацов и Ирена Николовска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 15 став 5 од Законот за даноците на имот, не само што ја нарушувало правната сигурност на субјектот како потенцијален основ за двојно оданочување, туку уште повеќе тоа го прави на начин што не го регулира временското ограничување на даночната обврска во одреден временски период, така што законодавецот дозволил оданочувањето на единствената даночна обврска во одреден временски период, да може да трае без временски лимит, а со тоа допуштил даночниот орган да може даночниот долг да го наплатува во секој момент, независно од институтот на застареност на даночниот долг. Ваквата „флексибилна“ одредба го стимулирала даночниот обврзник да го одложува пријавувањето за оданочување на имотот примен како подарок (на пример, во тајминг кога има некаква институционална заштита) мотивиран од одредбата дека даночната обврска настанува на денот на откривањето на имотот примен како подарок.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поништи член 15 став 5 од Законот за даноците на имот, бидејќи истиот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9 став 2, член 30, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 15 став 5 од Законот е предвидено дека ако правосилното решение за наследување или договорот за подарок не се пријавени или не се пријавени навремено, даночната обврска настанува на денот на откривањето на наследениот имот, односно на подарок примениот имот.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владењето на правото и правната заштита на сопственоста претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Според став 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Според став 4, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1) и секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според Законот за даноците на имот („Службен весник не Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007 и 102/2008) е утврдено дека со овој закон се уредува начинот на оданочувањето на следниве видови даноци на имот: данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности.

Во членот 10 од овој Закон е регулиран предметот на оданочување со данокот на наследство и подарок. Имено, данок на наследство и подарок се плаќа на недвижен имот и право на плодоуживање и користење на недвижен имот, кои наследниците односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување односно договорот за подарок. Но, исто така данок на наследство и подарок се плаќа и на готови пари, парични побарувања, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во Република Македонија во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Даночната обврска за плаќање на данок на наследство и подарок, согласно со член 15 од Законот за даноците на имот, настанува во моментот на правосилноста на решението за наследување односно со денот на склучување на договорот за подарок.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека оваа одредба е во духот на остварувањето на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија односно владеењето на правото и е во согласност со член 33 од Уставот на Република Македонија, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 15 став 5 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011 и 53/2011) во кој се пропишува дека доколку правосилното решение за наследување или на договорот за подарок не се пријавени или не се пријавени навремено, даночната обврска настанува на денот на откривањето на наследениот имот, односно на подарок примениот имот, Судот утврди дека во контекст на наведеното, првенствено е потребно да се има во предвид и членот 31 од Законот за даноците на имот според кој обврзникот на данок на наследство и подарок е должен да поднесе даночна пријава во рок од 15 дена од денот на настанување на даночната обврска од членот 15 на овој закон. Пријавата се поднесува до општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и до администрацијата на Градот Скопје каде се наоѓа недвижниот имот кој обврзникот го наследува или прима на подарок, додека доколку даночниот обврзник кој наследува или прима на подарок подвижен имот пријавата се поднесува до општинската администрација, администрацијата на општините во Градот Скопје и до администрацијата на Градот Скопје каде се наоѓа наследниот имот. За неисполнување на обврската од членот 31 од овој закон е пропишана глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност.

Од наведеното произлегува дека законодавецот на јасен начин, во согласност со член 33 од Уставот, ја уредил обврската за обврзникот на данок на наследство и подарок да го пријави стекнатиот имот во рок од 15 дена од денот на настанување на даночната обврска од членот 15 на овој закон.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека членот 15 став 5 од Законот за даноците на имот, не е во несогласност со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.27/2011
28 декември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски