27/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 226-а во целина и посебно на став 1, став 3 во целина и посебно во делот „извршени согласно со динамичкиот план за трансформација на единиците, командите и штабовите на Армијата“, став 4 алинеја 1 и став 5 на овој член во делот „Министерството за одбрана“ и член 226-б став 1 и став 2 во делот „Министерството за одбрана“ од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003 и 112/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002).

3. Самостојниот синдикат на вработените од одбраната – Скопје, Звонко Додевски од Штип, Стамен Филипов и други, Томе Стојчевски, Тишовски Горги и други, Миле Петровски, Љупчо Врангеловски, Аце Ивановски, Јован Арсовски, Јован Спасевски, Димко Цветковски и Симо Спировски, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата поднесена од Звонко Додевски од Штип се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и на Законот означен во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од Самостојниот синдикат на вработените во одбраната, со ставот 1 на членот 226-а од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и 5 и член 51 од Уставот, затоа што согласно овој став работниот однос во Министерството за одбрана можел да престане само на воените старешини, а не и на цивилните лица на служба во Армијата, поради што тие во тој поглед биле дискриминирани во однос на воените старешини.

Како аргумент за тоа, во оваа иницијатива, меѓу другото, се наведува дека е несфатливо зошто во оспорениот став 1 на членот 226-а од Законот не биле опфатени и цивилните лица на служба во Армијата, кога во други членови од Законот било утврдено дека одредбите на овој закон, кои се однесуваат на воените лица, а се однесуваат на престанок на работниот однос по потреба на службата, соодветно се однесуваат и на цивилните лица на служба во Армијата.

Ставот 3 на членот 226-а од Законот со оваа иницијатива се оспорува од истите причини и во однос на истите одредби од Уставот како и ставот 1 на овој член. Меѓутоа, во делот „извршени согласно со динамичкиот план за трасформацијата на единиците, командите и штабовите“ овој став посебно се оспорува бидејќи ваквиот план не постоел како пропис, а ниту бил објавен во Службен весник на Република Македонија, поради што оспорениот став 3 на член 226-а од Законот во овој дел бил неуставен, односно спротивен и на членот 52 став 1 и 2 од Уставот.

Со оглед на тоа што според членот 68 алинеја 4 од Уставот постоел само Буџет на Република Македонија, а не и буџет на Министерството за одбрана, со ставот 5 на членот 226-а и со ставот 2 на член 226-б во делот „Министерството за одбрана“, според наводите во оваа иницијатива, се повредувала означената уставна одредба.

Решението на членот 226-б став 1 од Законот со оваа иницијатива се оспорува затоа што со него не се предвидувал докуп на стаж најмногу до пет години, како што тоа било предвидено во ставот 2 на член 4 од Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2003). Поради тоа подносителот на оваа иницијатива смета дека со оспорениот член 226-б став 1 од Законот се повредуваат член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и член 51 од Уставот. Со оваа оспорена одредба истовремено се повредувал и членот 34 од Уставот затоа што пензиската основа во висина од 80%, која била загарантирана за сите граѓани, со оваа одредба противуставно се намалувала за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години само за воените старешини од членот 226-а став 4 алинеја 1 од Законот.

Поради наведените причини, со оваа иницијатива се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 226-а став 1, став 3 и посебно во делот „извршени согласно со динамичкиот план за трансформација на единиците, командите и штабовите на Армијата, на став 5 во делот „Министерството за одбрана“, член 226-б став 1 и став 2 во делот „Министерството за одбрана“ од Законот.

Во оваа иницијатива исто така се предлага Судот, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се донесени, односно преземани врз основа на оспорените законски одредби.

Во иницијативата поднесена од група граѓани и тоа од Стамен Филипов и други, се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на целиот член 226-а од Законот. Од наводите изнесени во оваа иницијатива произлегува дека уставноста на членот 226-а од Законот се оспорува од истите причини и во однос на истите членови од Уставот, поради кои во иницијативата поднесена од Самостојниот синдикат на вработените во одбраната се оспоруват само ставот 1 и ставот 3 на членот 226-а од Законот.

Во сите останати иницијативи се бара оценување на уставноста само на членот 226-а став 4 алинеја 1 од Законот, затоа што во оваа одредба, а ниту во било која друга одредба од Законот, за групата воени старешини на која се однесувал членот 226-а од Законот не се предвидувал докуп на стаж, како што тоа било предвидено во членот 4 став 2 и 3 на Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2003). Поради тоа, овие подносители на иницијативи сметаат дека според сегашните законски одредби воените старешини биле ставени во нееднаква положба, затоа што една група можела да се пензионира без докуп на стаж и таа била оштетена, а друга, со докуп на стаж, која е привилегирана.

Со иницијативата поднесена од Звонко Додевски од Штип посебно се бара преиспитување на уставноста и на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002), „затоа што при одредување на лицата кои ги исполнувале условите за пензионирање според Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.112/2005), а истите остануваат на работа и понатаму, никаде не се регулирани критериумите за останување во работен однос“, како што на пример во членовите 52 и 61 во тој закон биле утврдени критериуми за оценувањето и унапредувањето на воените лица, односно на офицерите во повисок чин.

4. Судот на седницата утврди дека членот 226-а од Законот во целост гласи:

„На воен старешина може да му престане работниот однос во Министерството за одбрана и поради стрктурни промени во актот за формацијата на Армијата. (оспорен став)
Структурни промени во актот за формацијата на Армијата се промени кои се однесуваат на организационата поставеност на Армијата и кои предизвикуваат укинување или трансформација на единицата, командата или штабот, бараат промена на должностите или намалување на обемот на работата и укинување на формациски места.
На воениот старешина, кој во рок од 60 дена од структурните промени во актот за формација на Армијата извршени согласно со динамичкиот план за трансформација на единиците, командите и штабовите на Армијата, нема да биде поставен на формациско место согласно со одредбите на членовите 74, 75 или 76 став 1 точка 1 од овој закон или го одбие понуденото поставување, му престанува работниот однос во Министерството за одбрана (оспорен цел став и дел од ставот).
Во случај на престанок на работниот однос во смисла на ставот 3 на овој член, Министерството за одбрана на воениот старешина му обезбедува едно од следниве права:
– стекнување право на пензија под условите утврдени со овој закон, со најмалку 25 години пензиски стаж, без оглед на возраста, доколку не исполнува услови за старосна пензија; (оспорена алинеја)
– вработување кај друг работодавец – државен орган, јавно претпријатие, јавна установа, единица на локалната самоуправа и градот Скопје, фондови, агенции, заводи и други правни лица основани со закон, без огласување на работното место, со преземање и склучување договор за работа на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификација;
– стручно оспособување (додиплосмко и последипломско образование или обука преку определени курсеви) и исплата на еднократен паричен надоместок или
– еднократен паричен надоместок во висина утврдена со одлука на Владата на Република Македонија, но не помала од висината на испратнината утврдена со општите прописи во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини.
Средствата за реализирање на правата утврдени со ставот 4 на овој член се обезбедуваат од буџетот на Министерството за одбрана (оспорен дел).

Во однос на членот 226-б од Законот, чиј став 1, а во дел и ставот 2 на овој член, исто така, се оспоруваат со иницијативите, Судот утврди дека според став 1 на овој член од Законот висината на пензијата од членот 226-а став 4 алинеја 1 на овој закон се утврдува во зависност од должината на исполнетиот пензиски стаж, со тоа што пензиската основа во висина од 80%, се намалува за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години. (оспорен став)
Според ставот 2 на член 226-б од Законот, средствата за исплата на пензијата од ставот 1 на овој член до навршување на годините на живот за остварување на правото на старосна пензија по прописите за пензиското и инвалидското осигурување, се обезбедуваат од буџетот на Министерството за одбрана. (оспорен дел)
Правото на пензија од ставот 1 на овој член се остварува во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување.

5. Во член 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидрноста.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во членот 34 од Уставот утврдено е дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Членот 51 став 1 од Уставот предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.

Врз основа на овие уставни одредби е донесен Законот за работните односи, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија и ред други закони од овие сфери.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Во членот 3 од Законот е утврдено дека служба во Армијата вршат воени и цивилни лица. Воени лица во смисла на овој закон, покрај останатите, се и воените старешини – офицери и подофицери, на кои се однесуваат и оспорените одредби од Законот, а додека цивилни лица се лицата на служба во Армијата поставени на должности согласно со актот за формација на Армијата.

Концепцијата на Законот за служба во Армијата на Република Македонија е така поставена што во посебни глави и со посебни одредби се уредени статусот, правата, должностите и одговорностите на воените лица, а во посебна глава (XX) пак, се уредени сите овие прашања што се однесуваат на цивилните лица на служба во Армијата. Од анализата на Законот во целина произлегува дека основа за ваквата негова концепција всушност се различните права, обврски и одговорности утврдени во самиот закон за овие две категории лица на служба во Армијата на Република Македонија, (воени и цивилни), кои пак разлики се должат на специфичните по вид и сложеност работи и задачи што овие лица ги вршат, како и посебните услови за нивно извршување, а оттука и посебното место и улога што тие го имаат во остварувањето на одбраната на Републиката, воопшто.

Со оглед на тоа што според Законот за служба во Армијата на Република Македонија воените и цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија имаат различни по вид и обем права, должности и одговорности, произлегува дека тие согласно овој закон, а и другите закони, не се во еднаква, туку напротив се во различна правна положба. Оттука, и правото на законодавецот е, во рамките на утврдувањето на правата, должностите и одговорностите на лицата во служба во Армијата (член 1 од Законот) да го утврди правото во оспорените одредби од Законот само на воените старешини како воени лица, а не и за цивилните лица во служба на Армијата на Република Македонија, без притоа да се смета дека со тие одредби е повреден принципот на еднаквост. Ова од причини што за повреда на овој принцип може да стане збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со цивилните и воените лица на служба во Армијата на Република Македонија, меѓу кои не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на правата по било кој основ, па ниту по основ на престанок на работниот однос поради структурни промени во актот за формацијата на Армијата.

Според тоа, наводите во иницијативите дека со став 1, став 3 и став 4 алинеја 1 на член 226-а, како и со целиот овој член од Законот се повредувало начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот, бидејќи тие одредби не се однесувале и за цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија, според Судот, се неосновани и поради тоа не може да се изрази сомневање за нивната согласност со член 9 од Уставот.

Меѓутоа, со оглед на тоа што членот 226-а став 4 алинеја 1 од Законот во однос на членот 9 од Уставот со некои иницијативи се оспорува и од причини што со него се создавала правна нееднаквост меѓу самите воени старешини, затоа што тие до крајот на 2007 година можеле правото на пензија да го остваруваат под различни услови Судот при оценување на оспорениот став 4 алинеја 1 на член 226-а од Законот, ја имаше предвид и содржината на членот 4 од Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2003), на кој се повикуваат овие подносители.

Имено, според членот 4 од наведениот Закон, во преодниот период од денот на влегувањето во сила на овој закон до 31 декември 2007 година, воен старешина и цивилно лице на служба во Армијата стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни пензиски стаж 40 години (маж), односно 35 години (жена), без оглед на возраста. (став 1)
За исполнување на условите од ставот 1 на овој член се врши докуп на стаж, најмногу до пет години. (став 2)
Основицата за докуп на стаж се определува од платата исплатена последниот месец пред остварување на правото на пензија и времето на докупот на стаж, а средствата ги обезбедува Министерството за одбрана. (став 3)
Поблиски прописи за начинот и постапкаа за докуп на стаж донесува министерот за одбрана“. (став 4 на член 4 од овој закон)

Разгледувајќи ја оспорената одредба на ставот 4 алинеја 1 од Законот во однос на одредбата на членот 4 од Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија може да се констатира дека овие две одредби се со различно време на важење и тоа: оспорената одредба важи за неодредено време, а одредбата на членот 4 од означениот закон е од темпорален карактер, односно важи само за одреден временски период (до крајот на идната година).

Исто така, наведените две одредби се разликуваат и во однос на тоа кога може да се остварува правото на пензија под условите предвидени во нив. Така, правото на пензија согласно условите утврдени во оспорената одредба на членот 226-а ставот 4 алинеја 1 од Законот (кое е само едно од правата утврдени во овој член, а во чија целина треба да се посматра и оваа одредба за да се сфати нејзината цел и суштина), воениот старешина може да го остварува само ако работниот однос му престане поради структурни промени во актот за формација на Армијата и тоа во смисла на став 1, 2 и 3 од истиот член на овој Закон, додека остварувањето на правото на пензија под услови утврдени во членот 4 од означениот Закон за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, не се условува со престанок на работниот однос исклучиво по тој основ.

Оттука, не е случајно што во двете овие одредби, за правата што се стекнуваат под условите утврдени во нив законодавецот оперира со различни термини, односно дефиниции. Имено, во членот 4 од означениот закон станува збор за стекнување право на старосна пензија, кое е утврдено и во системскиот Закон за пензиското и инвалидско осигурување, кое осигурениците го стекнуваат под посебни услови утврдени во овој закон, додека во оспорениот став 4 алинеја 1 на членот 226-а од Законот се работи за право на пензија (без префиксот старосна), а ова право под услови утврдени во таа одредба воениот старешина може да го стекне доколку не ги исполнува условите за старосна пензија.

Од наведеното произлегува дека во тие две законски одредби всушност се работи за две различни, а не за исти права, како што сметаат подносителите на иницијативите. Поради тоа, според Судот во ваков случај не може да стане збор за нееднаквост на воените старешини затоа што основано и оправдано е законодавецот за две различни права да утврдува и различни услови за нивно остварување.

Оттука, наводите во иницијативите дека со оспорената одредба на ставот 4 алинеја 1 на членот 226-а од Законот воените старешини на служба во Армијата на Република Македонија се доведувале во нееднаква, односно нерамноправна положба, затоа што во неа не се предвидувала можност за докуп на стаж, како што тоа било предвидено во членот 4 на означениот закон, според Судот се неосновани, поради што и од аспект на овие наводи не може да се постави прашањето за согласноста на членот 226-а став 4 алинеја 1 од Законот со членот 9 од Уставот, ниту пак на членот 226-б став 1 од Законот, кој, исто така, од истите причини се оспорува во однос на овој член од Уставот со иницијативата на Самостојниот синдикат на вработени во одбраната.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај се оспоруваат законски одредби и тоа одредби на членовите 226-а и 226-б од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, кои се поместени во Глава XVIII – Престанок на работниот однос, а во кои како Lex specialis на специфичен, јасен и прецизен начин се уредува престанокот на работниот однос во Министерството за одбрана на воен старешина, при што едно од правата што во тој случај му се обезбедува на воениот старешина е и правото на пензија под услови и висина утврдени со овој закон, кое, пак, како право од социјалното осигурување е во функција на обезбедување на социјалната сигурност, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби ниту со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 32 став 5 и членот 34 од Уставот, во однос на кои, исто така, се оспорува нивната уставност.

Што се однесува до наводите во некои од иницијативите дека посебно оспорениот дел на ставот 3 на членот 226-а од Законот не бил во согласност со член 32 став 5, член 34 и со член 52 од Уставот, затоа што според овие членови правата од работниот однос и од социјалното осигурување се уредувале со закон и со колективен договор, а не и со „динамичкиот план за трасформацијата на единиците, командите и штабовите“ кој што не само што не постоел како пропис, туку не бил ниту објавен во „Службен весник на Република Македонија“, Судот оцени дека и овие наводи се неосновани од следните причини:

Динамичкиот план, на кој се однесува оспорениот дел на членот 226-а од Законот според известувањето од Министерството за одбрана под бр.16/4-1853/1 од 23 март 2006 година, бил утврден со Одлуката за организациско формациски промени во Армијата на Република Македонија, донесена од Претседателот на Републиката согласно член 18 став 1 точка 1 од Законот за одбрана, а во рамките на реализацијата на зацртаните активности, односно реформите во Армијата на Република Македонија по НАТО стандардите, што наметнуваат, меѓу другото, и редукција, односно намалување на офицерскиот и подофицерскиот кадар, за која цел и во чија функција се и оспорените одредби од Законот.

За сите овие и други мерки и активности, Самостојниот синдикат на вработените во одбраната преку свои претставници редовно бил информиран и активно учествувал и предлагал решенија по определени прашања, вклучувајќи го и прашањето за редукција на пресоналот.

Со оглед на тоа што со динамичкиот план за трансформација на единиците, командите, штабовите на Армијата на Република Македонија според известувањето на Министерството за одбрана се утврдени конкретни рокови и динамика на структурните промени и трансформација на единиците, командите и штабовите на Армијата, според кои ќе се вршат структурни промени во актот за формацијата на Армијата, кој, исто така, согласно Законот за одбрана го донесува Претседателот на Републиката, според Судот, овој план е од оперативно-техничка природа и нема карактер на пропис, кој би подлежел на уставната обврска за објавување во „Службен весник на Република Македонија“. Впрочем, таквиот карактер не произлегува ниту од оспорениот дел на ставот 3 на членот 226-а од Законот, ни од целината на овој член.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста и на овој посебно оспорен дел на ставот 3 на член 226-а од Законот, со членовите од Уставот, во однос на кои со иницијативите се оспорува неговата уставност.

6. Во врска пак оспорениот дел на ставот 5 од членот 226-а и ставот 2 на член 226-б од Законот, „од буџетот на Министерството за одбрана“ Судот утврди дека ваквата определба на законодавецот значи дека средствата за намената од овој член нема да се бараат дополнително од Буџетот на Република Македонија, бидејќи тие, според известувањето на Министерството за одбрана, во Буџетот на Република Македонија за 2006 година веќе биле предвидени и одобрени на Министерството за одбрана, а ќе се користеле според определена динамика.

Со оглед на наведеното, како и на фактот што Министерството за одбрана согласно постојната регулатива е корисник на Буџетот на Република Македонија, од каде се обезбедуваат и сите негови потребни средства, неспорно е дека во конкретниот случај иако формално е употребен терминот „од буџетот на Министерството за одбрана“ суштински под овој термин се подразбира и се мисли на Буџетот на Република Македонија. Од тие причини, Судот не изрази сомневање во уставноста на наведените оспорени делови на овие членови од Законот.

Во однос на барањето да се оценува уставноста на Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002) затоа што не содржел критериуми за останување на работа на лицата кои ги исполнувале условите за пензија, Судот утврди дека оваа измена на Законот, ниту Законот во целина, воопшто не го содржи институтот „останување на работа на лицата кои ги исполнуваат условите за пензија“, па затоа, безпредметно е да се утврдуваат критериуми за нешто што не содржи.

Оттука, со оглед на тоа што се бара оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поради тоа што тој не содржи одредби какви што подносителот смета дека треба да содржи, Судот одлучи иницијативата во тој дел, согласно член 28 од Деловникот, да ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.13/2006
У.бр.27/2006
15 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи