270/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 ставови 1, 2, 3 и 5 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000,112./2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009 и 35/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 6 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Мирко Савески од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорениот член 6 од Законот не бил во согласност со членот 32 став 2 од Уставот, според кој секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Ова поради тоа што во ставот 2 од оспорениот член од Законот било предвидено дека за раководно звање бил потребен VII/1 степен на образование или 300 кредити според ЕКТС (кредит трансфер систем според Болоњската декларација), додека во ставот 3 од овој член од Законот било предвидено дека за стручно звање бил потребен VII/1 степен на обрзование или најмалку 240 кредити според ЕКТС. На овој начин законодавецот и покрај тоа што регулирал дека е потребно VII/1 степен на образование како за раководно така и за стручно звање, тој неправилно направил разлика во однос на кредитите од кредит трансфер системот кај овие звања на тој начин што за раководно звање не предвидел 240 кредити како и за стручното звање, туку предвидел само 300 кредити и на овој начин степенот на образование не го изедначил со кредитниот систем.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 6 од Законот е предвидено: „(1) Во државната служба, во зависност од видот на образованието, работното искуство, одоговорноста и сложеноста на работните задачи, се утврдуваат 13 звања систематизирани во три групи:
– I раководни,
– II стручни и
– III стручно-административни.

(2) Раководни звања се:

– генерален секретар, секретар на градот Скопје и секретар на општина (во натамошниот текст: секретар),
– државен советник со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку шест години работно искуство во струката, од кои две години во државната служба,
– раководител на сектор со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку пет години работно искуство во струката, од кои две години во државната служба,
– помошник раководител на сектор со стекнати 300 лкредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба и
– раководител на одделение со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба.
(3) Стручни звања се:

– советник со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку три години работно искуство во струката,
-виш соработник со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку две години работно искуство во струката,
– соработник со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку една година работно искуство во струката и
– помлад соработник со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и без работно искуство.

(4) Стручно-административни звања се:

– самостоен референт со завршено више или средно образование и најмалку три години работно искуство во струката,
– виш референт со завршено више или средно образование и најмалку две години работно искуство во струката,
– референт со завршено више или средно образование и најмалку една година работно искуство во струката и
– помлад референт со завршено више или средно образование и без работно искуство.
(5) На предлог на Агенцијата за државни службеници, Владата на Република Македонија донесува уредба за описот на звањата утврдени со овој закон.

5. Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1), секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2) и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Во членот 3 став 1 од Законот за државните службеници е уредено дека државен службеник е лице вработено во државната служба кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управни, управно – надзорни, плански, материјално – финансиски, сметководствени, информатички и други работи од надлежност на органот во согласност со Уставот и со закон. Според ставот 2 од овој член од Законот, државна служба во смисла на овој закон, се органите на државната и локалната власт и другите државни органи, основани согласно со Уставот и со закон.

Со оспорениот член 6 од Законот се уредени 13 звања систематизирани во три групи на звања во државната служба, во зависност од видот на образованието, работното искуство, одговорноста и сложеноста на работните задачи.

Во овој дел, со одредбите од овој член од Законот, меѓу другото е утврдено дека за стекнување на раководните звања како услов е предвидено 300 кредити според ЕКТС или завршен VII1 степен на образование, а за стекнување на стручните звања како услов е предвидено најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII1 степен образование.

Со Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009 и 99/2009) во членот 93 е уредено дека студиските програми за стекнување на образование се распоредуваат во три циклуси на високо образование, и тоа, прв циклус на универзитетски студии, втор циклус на универзитетски студии и трет циклус докторски студии. Секој циклус на студии мора да биде во согласност со европскиот кредит трансфер систем на пренос и акумулација на кредити (ЕКТС), според кој за една година на студии по правило се стекнуваат 60 ЕКТС кредити.

Според членот 94 од овој Закон, првиот циклус на универзитетски студии, по правило трае три до четири години и со неговото завршување се стекнуваат 180 до 240 ЕКТС кредити. Овие студии ги оспособуваат студентите за влез во вториот циклус на универзитетски студии и им се дава можност за вработување на одредени стручни работни места.

Лицето кое ги завршило студиите од ставот 1 на овој член се стекнува со диплома со додавка на соодветната струка, ако со закон поинаку не е уредено.

Според членот 95 од овој Закон, академските универзитетски студии од вториот циклус траат од една до две години и со нивното завршување се стекнуваат од 60 до 120 ЕКТС кредити. Овие студии можат да траат и подолго доколку тоа е во согласност со меѓународно прифатените стандарди за даден профил.

Вкупниот број на кредити кои се стекнуваат на првиот и вториот циклус на универзитетски студии изнесува 300 ЕКТС кредити.

Лицето кое ги завршило студиите од ставот 1 на овој член со вкупно 300 ЕКТС кредити се стекнува со научен назив – магистер или со друг назив на студиите од членот 106 од овој закон.

Во членот 96 од Законот е уреден третиот циклус на универзитетски студии – докторски студии.

Врз основа на одредбите од Законот за високото образование, кои се однесуваат на високообразовната дејност што се остварува преку академски и стручни студии, соодветно е регулирано и во одредбите од оспорениот член 6 од Законот за државните службеници, преку определувањето на условите за стекнување на раководни звања и стручни звања. Во однос на раководните звања, законодавецот определил дека е потребно лицето да има стекнато 300 кредити според ЕКТС или завршен VII1 степен образование, како и соодветно работно искуство одделно за секое раководно звање, додека во однос на стручните звања, определил дека е потребно лицето да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или VII1 степен образование и соодветно работно искуство. Со овој начин на регулирање на степенот на образование, соодветно и на кредит трансфер системот на стекнати кредити во високото образование, е воспоставен континуитет во правното регулирање на високообразовната дејност и нејзино соодветно третирање во Законот за државните службеници. Од аспект на различното уредување на стекнати кредити според ЕКТС во однос на раководните и стручните звања, на што се приговара во иницијативата, не може да се доведе во прашање уставноста на оспорениот член 6 од Законот, со оглед на тоа што неспорно станува збор за различни звања на државни службеници, а во рамките на секое од нив важат еднакви услови за сите со исто звање. Во однос на приговорот во иницијативата дека во оспорениот член 6 од Законот, VII1 степен на образование се поврзувал различно со 300 кредити и со 240 кредити според ЕКТС, но дека требало да се дозволи 240 кредити да е алтернатива на VII1 степен на образование и за раководните звања, а не само за стручните звања, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и не можат да ја доведат во прашање уставноста на оспорениот член 6 од Законот. Ова поради тоа што во однос на стекнатиот VII1 степен на образование, еквивалент во постојниот правен режим е високообразовната дејност регулирана со одредбите од Законот за високото образование, соодветно на него се уредени и одредбите од овој член од Законот за државните службеници и не може уставно да се проблематизира предметното законско решение со кое законодавецот посебно го регулирал обрзованието како услов за различните групи на звања на државни службеници со истовремено третирање на VII1 степен на образование и кредит трансфер системот стекнати во високообразовната дејност.

Со оглед на тоа што за ставот 4 од членот 6 од Законот, Судот веќе одлучувал и со Решение У.бр.25/2010 од 7 јули 2010 година не повел постапка за оценување на уставноста, исполнети се условите, иницијативата во однос на оваа одредба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според која Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.270/2009
22 септември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски