266/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 (Глава „VI-а Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ со членовите 130-а, 130-б, 130-в и 130-г) и членовите 43, 44, 55 и 56 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2007).

2. Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и поединечно неговите здруженија во Кратово, Струмица, Ново Село, Берово, Пехчево, Куманово, Кисела Вода, Радовиш со Подареш и Конче, Центар со Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров и ОВР, Прилеп, Охрид со Дебараца, Неготино, Штип, Велес и Кавадарци, Гази Баба, Чаир и Кардинци; Сојузот на инвалидите на трудот на Република Македонија и поединечно неговите здруженија во Прилеп, Велес, Охрид, Струга, Пробиштип, Кавадарци, Карпош, Тетово, Чаир, Кисела Вода, Центар, Куманово, Гевгелија, Гостивар, Штип, Струмица, Гази Баба, Берово, Кочани и Кичево; Сојузот на здруженијата на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија на Република Македонија; групи пензионери од Битола, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Велес и Кичево, Стамен Филипов од Скопје; Младен Веселинов од Штип; и Васил Калевски од с. Мешеишта (Охридско), на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите, со оспорените одредби од Законот, спротивно на Уставот се регулирал начинот на управување и располагање со средствата од солидарниот фонд за посмртната помош и членарина на корисниците на пензии. Имено, со Законот се воспоставила присилна солидарност на ниво на државата, според која корисниците на пензии биле должни да издвојуваат средства за солидарен фонд наменет како посмртна помош за членовите на семејствата на корисниците на пензијата, а оваа присилна солидарност ќе се реализирала преку Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, кој средствата ќе ги прибирал, висината ќе ја определувал, исплатата ќе ја остварувал а неискористените средства ќе ги вложувал во купување на државни хартии од вредност;

Во членот 130-б од Законот, се предвидувало дека износот и висината на средствата за посмртната помош Фондот ќе ги определувал во соработка со Сојуз на пензионерите во Република Македонија, во единствен износ за сите корисници на пензија, во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, меѓутоа не бил споменат Сојузот на иналидите на трудот во кој членувале инвалиди на трудот со загубена работна способност и кои примале инвалидска пензија, па затоа неможело да се одлучува за износот на членарината за посмртната помош и за висината на исплата на посмртната помош без волјата на Сојузот на инвалидите на трудот. Воедно, во оспорениот Закон не се регулирал и статусот на средствата на сопружниците на корисниците на пензија и корисниците на странска пензија кои членувале во солидарниот фонд уште од неговото основање од 1993 година, а во средствата кои со членот 56 од Законот се одземале од здруженијата на пензионери имало и нивни средства. Имено, со оспорениот закон не биле уредени сите прашања, па и од овој аспект одредбите не биле соодветно правно решени.

Според иницијативите со членот 56 од Законот се предвидувало одземање на неискористените и заштедените наменски средства за посмртната помош од пензионерите и префрлање на истите на посебна сметка на Фондот, што било вид на конфискација и располагање со туѓи средства преку државен интервенционизам и преку силата на еден закон, а тоа било спротивно на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните и нивните основани асоцијации. Владеењето на правото било повредено и со колизијата на одредбите од двата закона, односно од оспорениот закон и Законот за здруженијата на граѓаните. Ова особено што со членот 61 и членот 62 од Законот за здруженија на граѓаните било регулирано правото на сопственост на здружението на средствата со кои тоа здружение располагало и во статутите на здруженијата на граѓаните и фондациите се уредувало кој орган ќе ја врши контролата на трошењето на средствата и сите функции поврзани со средствата, односно контролната функција била оставена на самите здруженија на граѓаните и фондациите. Меѓутоа, со одредбите од оспорениот закон, се одземало по сила на закон ова право на здруженијата на граѓаните и фондациите, односно се одземале парите на здруженијата и асоцијациите на граѓаните.

Понатаму, Управниот одбор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување веќе имал обид за преземање на предметните средства и контрола, но Уставниот суд на Република Македонија со своја Одлука У.бр.148/2001, 153/2001 и 173/2002, од 6 март 2002 година („Службен весник на Република Македонија“ број 20/2002) ја укинал одлуката на Фондот како неуставна и незаконита.

Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, согласно членовите 130-б став 2 и 130-в став 2 од Законот, имал овластување со општ акт да го определува износот на средствата кој се издвојувал за посмртната помош и висината за исплаќање на посмртната помош, меѓутоа, овие одредби биле во несогласност со Уставот, бидејќи согласно членот 34 од Уставот тоа биле прашања кои се уредувале со закон и со колективен договор а не со општ акт на Фондот. Имено, Фондот немал уставен основ да располага и да управува со солидарните средства на пензионерите кои организирано се собирале преку нивните здруженија на граѓани.

Од изнесениве причини, според наводите во иницијативите оспорените одредби од Законот не биле во согласност со одредбите од Уставот, а посебно со членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8 кои се однесувале на владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, и со членот 30 со кој се гарантира правото на сопственоста.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се додава нова Глава „VI-а Солидарен фонд посмртна помош и членарина“, со четири нови члена 130-а, 130-б, 130-в и 130-г.

Според член 130-а од Законот, на корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата, за обезбедување на средства, потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство.

Средствата за солидарен фонд – посмртна помош, Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка, со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија.

Во согласност со член 130-б од Законот, издвојувањето на посмртната помош се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување.

Износот на издвоените средства и висината на посмртната помош Фондот во соработка со Сојузот на пензионерите на Република Македонија го определува во единствен износ за сите корисници на пензија во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија.

Износот од ставот 2 на овој член Фондот го објавува на почетокот на секоја година.

Слободните, односно неискористени средства, се вложуваат во купување на државни хартии од вредност.

Според член 130-в од Законот, издвојувањето на средствата и исплатата на посмртната помош од средствата на солидарниот фонд ја врши Стручната служба на Фондот преку подрачните единици.

Начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд се уредува со акт на Фондот.

Согласно член 130-г од Законот, на корисник на пензија Фондот со негова согласност му запира дел од пензијата, за членување во здружение на пензионери (членарина). Средствата по основ на членарина се дозначуваат до Сојузот на пензионерите на Република Македонија.

Членарината од ставот 1 на овој член секоја година ја објавува Сојузот.

Со членот 43 од оспорениот Закон, се додава нова точка 11-а во членот 160 став 1 од Законот, според која: „се врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина“.

Имено, Законот за пензиското и инвалидското осигурување во Главата IX „Фонд на пензиско и инвалидско осигурување“, во членот 160 ги набројал надлежностите на Фондот, и меѓу другото, со измена и дополнувањето на Законот, со оспорениот член 43, ја определил и новата надлежност на Фондот која е цитирана во точката 11-а.

Со членот 44 од оспорениот Закон, во членот 163 став 1 точката 6 од Законот се менува и гласи: „се грижи и ја следи исплатата на посмртната помош на корисниците на пензија и на издвоените средства на пензиите за членарина“.

Имено, Законот за пензиското и инвалидското осигурување во членот 163 став 1 ги набројал во повеќе точки надлежностите на Управниот одбор на Фондот, и меѓу другото, со измената на Законот, со оспорениот член 44 ја изменил точката 6 (која претходно гласела: „се грижи за остварување на доброволното осигурување“), и ја определил цитирната содржина на точката 6.

Понатаму, со членот 55 од оспорениот Закон, е предвидено: „Издвојувањето на средствата за солидарен фонд – посмртна помош и членарина се однесува и на корисниците на пензија кои правото на пензија го оствариле пред денот на влегувањето во сила на вој закон“.

Според членот 56 од оспорениот Закон: „дозначените а неискористени средства за исплата на посмртната помош за корисниците на пензија, до денот на влегувањето во сила на овој закон, општинските здруженија на пензионери и инвалидите на трудот се должни да ги повратат на посебната сметка на Фондот – средства за солидарен фонд за посмртна помош на корисници на пензија.

За првата исплата на посмртна помош, во случај на недостиг на средства Фондот може да ги позајми од средствата на Фондот.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 20 ставови 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 30 ставови 1 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006 и 153/2007), со оспорените членови 43 и 44 од измените и дополнувањата на Законот во 2007 година, како нова надлежност на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со точката 11-а на членот 160 став 1 предвидел дека тој: “врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина”, а како надлежност на Управниот одбор на Фондот со точката 6 на членот 163 став 1 од Законот, предвидел дека тој: “се грижи и ја следи исплатата на посмртната помош на корисниците на пензија и на издвоените средства од пензиите за членарина”.

На наведената законска основа за надлежностите на Фондот и Управниот одбор на Фондот, во Законот е предвидена и новата Глава “VI-а Солидарен фонд-посмртна помош и членарина” со четири нови члена 130-а, 130-б, 130-в и 130-г, со кои се уредува предметната материја.

Со членот 55 од Законот е предвидено дека издвојувањето на средствата за солидарен фонд-посмртна помош и членарината се однесува и на корисниците на пензија кои правото на пензија го оствариле пред денот на влегувањето во сила на овој закон, а со членот 56 од овој закон е предвидено дека дозначените а неискористени средства за исплата на посмртната помош за корисниците на пензија, до денот на влегувањето во сила на овој закон, општинските здруженија на пензионери и инвалидите на трудот се должни да ги повратат на посебната сметка на Фондот-средства за солидарен фонд за посмртна помош на корисници на пензија, а за првата исплата на посмртна помош, во случај на недостиг на средства Фондот може да ги позајми од средствата на Фондот.

Според членот 61 од овој закон, подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според членот 62, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а оспорените членови ќе се применуваат од 1 јануари 2008 година.

Тргнувајќи од анализата на изнесените одредби од Законот, произлегува дека законодавецот со Законот ги предвидел предметните надлежности на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Управнкиот одбор, како нови надлежности по влегување во сила на Законот, односно по 1 јануари 2008 година, меѓутоа овие одредби можат да се разгледуват како дел од анализата на останатите одредби од Законот, чија уставност се проблематизира. Имено, во вршењето на новите надлежности, Фондот и Управниот одбор, согласно членовите 55 и 56 од Законот, ги преземаат веќе издвоените средства за солидарниот фонд-посмртна помош кои се однесуваат за сите корисници на пензија кои правото на пензија веќе го оствариле пред денот на влегувањето во сила на овој закон, што значи автоматски по сила на закон тие ќе ги вршат предметните работи за сите лица без оглед дали дале или не “согласност” на која упатува членот 130-а од Законот.

Понатаму, со наведеното преземање на порано издвојуваните средства, законодавецот со членот 56 од Законот продолжил да го димензионира работењето на Фондот за односи од пред 1 јануари 2008 година повторно за сите корисници на пензија без нивна посебно изразена “согласност” и овластување на Фондот, а во насока дека општинските здруженија на пензионерите и инвалидите на трудот се должни да ги повратат на посебна сметка на Фондот сите средства за солидарен фонд за посмртна помош од поранешниот период (пред 1 јануари 2008 година). Притоа, се изоставени средствата за членарина кои биле исплатувани во здруженијата, што јасно покажува дека законодавецот внимавал да ги опфати средствата од посмртната помош, но не и од членарината.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека делувањето на Фондот и Управниот одбор не е само за корисниците на пензија кои согласно членот 130-а од Законот, ќе дадат согласност на Фондот и Управниот одбор да ги вршат предметните услуги по 1 јануари 2008 година, туку по сила на закон ги опфаќа сите корисници на пензија, сите средства но и воведува должност на сметка на Фондот да се повратат сите порано собрани а неискористени средства и идни средства, без постоење поединечна согласност на корисниците на пензија за овие димензии на делување.

Оттука, во врска со изнесената анализа овие одредби во регулирањето на односите за посмртната помош, очигледно и неспорно не се однесуваат само за идното работење на Фондот со “посебна согласност” на лицето-корисник на пензијата да ги сервисира услугите како на поединец по 1 јануари 2008 година само за неговите средства за предметната намена, туку овие одредби ги опфаќаат сите корисници на пензија и по сила на закон се централизира надлежноста за сервисирање на услугите со парите за посмртната помош во Фондот и Управниот одбор, преземајќи ги и оние средства кои веќе биле акумулирани преку здруженијата на граѓаните-пензионери.

Воедно, во членот 130-в став 2 и членот 61 од Законот е предвидено дека подзаконскиот акт на Фондот за уредување на начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидрниот фонд треба да се донесе во рок од 3 месеца од денот на влегување во сила на законот, меѓутоа од друга страна со преземањето на средствата од 1 јануари 2008 година Фондот, до донесување на подзаконскиот акт во предвидениот рок, произлегува дека ќе работи без тој пропис, на начин и постапка кои сам ќе ги практикува.

Со Законот не е посебно уредено прашањето за начинот и условите за давање согласност од страна на корисниците на пензија предвидена во членот 130-а, поради што чинот на согласноста е определив само во контекст на членот 56 од Законот, односно порано дадената согласност во здруженијата на граѓаните се смета за согласност во смисла на членот 130-а од Законот, и е основ за фондово преземање на средствата од здруженијата како што е уредено во членот 56 од Законот.

Судот, во текот на уставносудската анализа на оспорените одредби од Законот, утврди дека законодавецот со оспорените одредби ја уредил предметната материја за посмртната помош на корисниците на пензија како надлежност на Фондот да ги сервисира предметните услуги на корисниците на пензија без посебна согласност и овластување на корисниците во идните односи по влегување во сила и примена на Законот, и како надлежност на Фондот да ги преземе по сила на закон средствата и сервисирањето на услугите кои во голем дел на територијата на Република Македонија биле вршени од здруженија на граѓани основани од корисници на пензија во кои тие ја дале согласноста во поранешен период за издвојување на средства за посмртната помош, а во случајов преземањето се однесува за сите корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле пред и по влегување во сила на Законот и без оглед дали се или не се во здруженија.

Според Судот, поаѓајќи од правото на сопственост на граѓаните на средствата стекнати со правото на пензија, произлегува дека сопственоста која го детерминира начинот и условите на располагање и управување со средствата од страна на нивните носители, е повредена со правниот режим уреден со оспорените одредби од Законот. Имено, согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Со оглед на тоа што пензионерите преку своите здруженија врз доброволна основа одлучиле да издвојуваат средства за погребни трошоци како еден вид социјална помош каде доаѓаат до израз принципите на хуманост,социјална сигурност, взаемност и солидарност, нивното управување и располагање со сопствените средства не може да се одземе по сила на закон, како што е тоа сторено со оспорените одредби од Законот.

При анализа на оспорените одредби, Судот поаѓаше од фактот дека правата или обврските за издвојување на средства за погребни трошоци како вид на социјална сигурност, социјална помош или социјално право не е утврдено со закон и колективен договор, туку е тоа волја на категоријата на граѓани – пензионери и тие самите, преку своите здруженија одлучиле врз доброволна основа и за точно определени цели (посмртна помош) да издвојуваат дел од своите пензии како лично и материјално право на секој одделен пензионер. Според тоа, начинот и постапкатта за користење на овие средства е во нивна надлежност, а не во ингеренции на државата.

Од изнесената уставносудска анализа за оспорените одредби од Законот според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста со членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, членот 30 и членот 51 од Уставот.

Судот, исто така оцени по повод барањата во иницијативите дека не се настапени условите согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за донесување на решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.266/2007
26 март 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски