265/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 29-ѓ од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/1997, 16/2000, 17/2003, 65/2004, 62/2005, 111/2005 и 40/2007).

2. М-р Орданчо Пецов од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член од Законот не бил во согласност со членовите 1, 34 и 35 од Уставот на Република Македонија. Меѓутоа, ниту во дополнувањето на иницијативата не се наведени причините поради кои оспорената одредба од Законот не била во согласност со одредбите од Уставот, како што предвидува членот 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 29-ѓ од Законот за социјална заштита висината на социјалната прична помош се утврдува во зависност од периодот на користење на правото, и тоа:

– во првите две години, во висина утврдена во членот 29-а на овој закон;
– во текот на третта, четвртата и петтата година, во висина од 70% од утврденото ниво, согласно со членот 29-а на овој закон и
– по истекот на петтата година, во висина од 50% од утврденото ниво, согласно со членот 29-а на овој закон.

Во случај на прекин во користењето на правото на социјална парична помош до 60 месеца, корисникот има право да го доискористи преостанатото право на социјална парична помош, согласно со ставот 1 на овој член.

Ако прекинот на користењето на правото на социјална парична помош е подлг од 60 месеца корисникот има повторно право на социјална парична помош, согласно со ставот 1 на овој член.

По исклучок од ставот 1 на овој член, семејство или домаќинство во кое има невработено лице инвалид на трудот кој не користи надоместок во центарот за вработување или во Фондот за пензиско и инвалидск осигурување или носителот на правото е невработено лице на кое му недостасуваат најмногу пет години, пензиски стаж до остварувањето на правото на пензија, правото на социјална парична помош го остварува согласно со членот 29-а на овој закон.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниов случај, според Судот исполнети се условите за примена на цитираната деловничка одредба, а поради следново:

Со писмо Р.бр.103/2007 од 11 декември 2007 година, Уставниот суд на Република Македонија од подносителот на иницијативата побара да ја дополни иницијативата, согласно член 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и да прецизира со кои одредби од Уставот не е во согласност оспорената одредба од Законот.

Во предвидениот рок, подносителот на иницијативата, доставил дополнување на иницијативата, по кое е оформен предметот У.бр.265/2007.

Меѓутоа, видно од содржината на доставеното дополнување, според Судот, не се содржани причините поради кои подносителот смета дека оспорениот член 29-ѓ од Законот за социјална заштита не е во согласност со членовите 1, 34 и 35 од Уставот, со што не е во целост постапено по барањето за прецизирање, поради што во случајов постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.265/2007
5 март 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски