У.бр.26/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 50 став 4, член 51 став 4, член 53 став 2, член 54 став 3 и член 55 став 6 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012, 15/2013, 79/2013, 164/2013, 187/2013, 38/2014, 44/2014, 116/2014, 180/2014, 33/2015, 72/2015, 104/2015, 150/2015, 173/2015, 192/2015 и 30/2016).

2. Здружението на граѓани Движење за одржлив социоекономски развој „Глобал“-Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, во членот 50 од Законот за социјалната заштита, се предвидувал условот според кој примателот на социјална парична помош е должен да ја потврди состојбата на месечните приходи за себе и сите членови во домаќинството кога поднесува барање за парична помош и во текот на користењето на правото. Документација за материјалната и бројната состојба на домаќинството се поднесува еднаш годишно. Доколку не постапи на овој начин, корисникот на правото го губи истото и не може да го оствари во период од шест месеци. Требало да се земе во предвид дека вака поставените одредби биле поставени премногу ригидно и ограничувачки, особено ако се знаело дека корисниците на социјална парична помош биле луѓе кои често немаат пристап ниту до елементарно образование, т.е. биле маргинализирани во секоја смисла на зборот. Нивното обременување со бирократски процедури при поднесување на документите, можело да ги доведе во ситуација да погрешат при пополнување на барањето или при доставувањето на документите. Па така, при правење на ненамерна процедурална грешка од страна на барателите на парична социјална помош, дополнително се загрозувала нивната егзистенција, што ги ставало во групата на апсолутно сиромашни граѓани. Со поставувањето на вакви услови, не се постигнувала социјална заштита и социјална сигурност од страна на Републиката и се кршеле темелните вредности на Уставот. Ова било во директна спротивност со член 1 став 1, член 8 алинеја 8 и членовите 34 и 35 од Уставот.

Согласно член 51 од Законот, Центарот за социјални работи врши непосреден увид во домот на барателот/корисник на социјална парична помош, без притоа да има обврска истиот да го најави. Притоа, барањето за добивање на социјална парична помош ќе се одбие или ќе се одлучи истото да престане доколку Центарот утврди дека барателот, односно корисникот не е изложен на социјален ризик. Доколку корисникот/барател не му дозволи на Центарот да изврши увид, се казнува 12 месеци, го губи правото на социјална парична помош во наредните 12 месеци и истото не може да го оствари во тој временски период. Вака поставените одредби биле недоволно јасни, бидејќи не било предвидено на кој начин можел Центарот да утврди дека корисникот/барател не бил изложен на ризик. Еден непосреден увид не бил воопшто доволен за да се направи квалитетна проценка на изложеноста на ризик на корисникот/барател. Ненајавениот непосреден увид навлегувал во приватноста на граѓаните и претставувал кршење на начелото на неповредливоста на домот, предвидена со членот 26 од Уставот, особено ако се имало предвид дека не постоела уставна основа за ваков тип на увид. Исто така, ова било во директна спротивност со член 1 став 1, член 8 алинеја 8 и членовите 34 и 35 од Уставот.

Според член 53 од Законот, доколку корисникот/барател даде невистинити или нецелосни податоци, или не извести за настанатата промена во материјалната, семејната и имотната состојба за себе и за членовите на домаќинството, го губи правото на социјална парична помош и истото не може да се оствари во наредните 12 месеци. Повторно, оваа одредба била нејасна и произволна бидејќи никаде не се предвидувал рок во кој корисникот/барател требало да извести за евентуално настанатите промени. Исто така, можноста за остварување на периодични приходи, како што се на пример добивки од игри на среќа, можело да игра улога во формалната промена на моменталната материјална состојба на корисникот/барател, но сепак тоа на долг рок не го решавало проблемот на социјална исклученост и маргинализираност. Со други зборови, во овој случај немало фактичка промена на материјалната состојба и ова не можело да биде услов за губење или нестекнување на правото на социјална парична помош. Ова било во директна спротивност со член 1 став 1, член 8 алинеја 8 и членовите 34 и 35 од Уставот.

Согласно член 54 од Законот, правото на социјална парична помош не може да користат лица кои два пати одбиле понуда за вработување, обука, преквалификација или доквалификација заради вработување, согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и носителите на правото на социјална парична помош кои не се лица кои активно барале работа и лицата на кои им престанал работниот однос по нивна вина или на нивно барање. Овие лица не може да користат социјална парична помош во период од шест месеци. Со овој член се вршела дискриминација кон невработените лица, особено ако се имало предвид дека во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, покрај категоријата на активни баратели, имало и категорија на пасивни баратели на работа, кои се должни на секои шест месеци да се јавуваат во Агенцијата за вработување. И покрај тоа што се сметале за пасивни баратели на работа, овие лица сепак биле невработени лица и аналогно на тоа спаѓале во категоријата социјално загрозени лица, кои се под закана за социјално исклучување. Затоа, противуставно било нивното изземање од правото на примање на социјална парична помош само поради тоа што не биле активни баратели на работа. Престанување на работен однос по вина или по барање на овие лица, исто така не можело да биде услов за губење на правото на социјална парична помош, бидејќи отказот можел да биде даден од оправдани причини, како што се на пример мобинг или повреда на достоинството и истиот да бил даден согласно предвидената законска процедура. Ова било во директна спротивност со член 1 став 1, член 8 алинеја 8 и членовите 34 и 35 од Уставот.

Според членот 55 од Законот, ако корисникот на социјална парична помош неоправдано одбие работно ангажирање, дефинирано со ставот 1 на истиот член, се исклучува од правото на користење на социјална парична помош во наредните 12 месеци. Овде не било дефинирано што би било неоправдано одбивање на работно ангажирање, а во кој случај истото би било оправдано.

Според подносителот на иницијативата, со наведените казнени репресивни законски решенија, во голема мера се подривал концептот на социјална држава, втемелен во членот 1 од Уставот. Покрај тоа, се прекршувало и начелото на уставност и законитост според кое сите закони треба да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи треба да бидат во согласност со Уставот и законите. Ова значело дека законите треба да бидат концизни и прецизни и истите да произведуваат правна сигурност.

Поради наведеното, со иницијативата се бара укинување на оспорените законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 50 став 4 од Законот за социјалната заштита, ако носителот на правото на социјална парична помош не постапи согласно со ставовите 2 и 3 на овој член, правото на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните шест месеци.

Според член 51 став 4 од Законот, увидот од ставот 1 на овој член надлежниот центар го врши без претходно најавување. Ако на овластениот работник од центарот не му се дозволи да направи увид во домот на домаќинството, правото на социјална парична помош не може да се оствари, односно престанува и истото не може да се оствари во наредните 12 месеци.

Согласно член 53 став 2 од истиот закон, ако носителот на правото даде невистинити или нецелосни податоци, односно не извести за настанатата промена во материјалната, семејната и имотната состојба за себе и членовите на домаќинството, правото на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните 12 месеци.

Според член 54 став 3 од Законот, лицето од ставот 1 на овој член не може да користи социјална парична помош во период од шест месеци.

Во согласност со член 55 став 6 од Законот за социјалната заштита, ако корисникот на социјална парична помош од ставот 1 на овој член неоправдано го одбие работното ангажирање, се смета за член на домаќинството при пресметување на вкупните приходи на домаќинството, а се исклучува од користење на правото на социјална парична помош во наредните 12 месеци.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорените одредби од Законот за социјалната заштита се систематизирани во главата 4.1, со наслов „социјална парична помош“ (членови 45-56). Со овие одредби се пропишува кој има право на социјална парична помош како право од социјална заштита и се определува висината на помошта, се пропишува кој не може да оствари право на социјална парична помош, се пропишуваат условите и времетраењето на прекинот во користењето на социјалната парична помош, како и се определува надлежност на Центарот за социјална работа да го определува носителот на социјалната парична помош.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените казнени репресивни законски решенија, кои се однесуваат на престанокот на користењето на правото на социјална парична помош за одреден период, во голема мера се подривал концептот на социјална држава, втемелен во членот 1 од Уставот и се прекршувало начелото на уставност и законитост според кое сите закони треба да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи треба да бидат во согласност со Уставот и законите, поради што одредбите биле во директна спротивност со член 1 став 1, член 8 алинеја 8 и членовите 34 и 35 од Уставот.

Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на член 50 став 4, член 51 став 4, член 53 став 2, член 54 став 2 и член 55 став 7 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009), при што со Решение У. Бр. 8/2010 од 09.06.2010 година, оценил дека нема основи да се поведе постапка за оценување на согласноста на овие законски одредби со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 34, член 35, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Во однос на овие законски одредби, во наведеното решение Судот оценил дека: „оспорените делови од членовите 50, 51, 53, 54 и 55 од Законот не можат да се гледаат изолирано сами за себе, туку во целина на Законот и на членот чиј составен дел се. Само ако оспорените делови на членовите се гледаат во целина се добива целосна слика, смисла и оправданост зошто законодавецот во точно определени случаи го предвидел институтот прекин на користење на правото на социјална парична помош за определен временски период. Притоа, до тој прекин доаѓа само во ситуациите кога корисникот на социјална парична помош нема да исполни некој од предвидените услови за остварување на правото, или поточно речено корисникот сам се доведува во ситуација да не може да го оствари тоа право.

Според тоа, Судот оцени дека законодавецот, сосема оправдано го предвидел институтот прекин на остварување на правото на социјална парична помош за лицата кои неодговорно се однесуваат кон државата која настојува во границите на можностите да ја ублажи нивната социјална положба и дека со уредувањето на ова прашање на ваков начин не се доведува во прашање нејзината социјална функција, ниту се повредува правото на социјална заштита и социјална сигурност на граѓанинот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорените делови на членовите со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.“

Во меѓувреме, од донесувањето на наведеното решение на Уставниот суд, до поднесувањето на сега доставената иницијатива за оценување на уставноста на оспорените законски одредби, донесени се одредени измени и дополнувања на Законот за социјалната заштита, кои се однесуваат и на дел од оспорените одредби.

Така, со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија, бр.79/2013), членот 55 се менува и гласи:

„Корисниците на социјална парична помош можат да бидат работно ангажирани за извршување на јавни работи, најмногу до 90 дена во календарската година, како и за извршување на сезонски работи и други повремени работи согласно со Законот за работните односи, од градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, од јавните претпријатија, јавните установи и кај работодавачи од приватниот сектор, освен пензионер, жена за време на бременоста и млади мајки до девет месеци на породилно отсуство, лице неспособно за работа поради старост, инвалидност или болест, лице во работен однос, ученик и студент.

Работното ангажирање од ставот 1 на овој член се врши во соработка меѓу градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и работодавачи од приватниот сектор со надлежниот центар за социјална работа, односно надлежниот центар за вработување.

За време на работното ангажирање корисниците од ставот 1 на овој член мора да бидат осигурани од организаторот на работата по основ на инвалидност и телесно оштетување, за повреда на работа или професионална болест.

На корисниците на социјална парична помош кои работно се ангажирани, правото на социјална парична помош им мирува за времето на работното ангажирање, а по престанувањето на работното ангажирање користењето на правото на социјална парична помош продолжува.

Организаторот на работата од ставот 1 на овој член со корисникот на социјална парична помош склучува договор за вработување.

Ако корисникот на социјална парична помош од ставот 1 на овој член неоправдано го одбие работното ангажирање, се смета за член на домаќинството при пресметување на вкупните приходи на домаќинството, а се исклучува од користење на правото на социјална парична помош во наредните 12 месеци.“

Од наведените законски измени произлегува дека ставот 6 од актуелниот член 55 од Законот, кој сега се оспорува со иницијативата, по својата содржина соодветствува на претходниот текст на член 55 став 7 од Законот за социјалната заштита, кој бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд со Решението У.бр. 8/2010, односно и во двата случаи е предвидено дека ако корисникот на социјалната парична помош неоправдано одбие работно ангажирање во смисла на ставот 1 на истиот член, истиот го губи правото на социјална парична помош во наредните 12 месеци.

Со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија, бр.116/2014), извршени се одредени измени на членот 54 од Законот, и тоа:

„Во членот 54 став 1 алинеја 1 по зборот: „кое,“ се додаваат зборовите: „два пати“, а сврзникот: „и“ се заменува со точка и запирка.
По алинеја 1 се додава нова алинеја 2, која гласи: „ – носителот на правото на социјална парична помош кој не е лице кое активно бара работа.“
По ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи: „Центарот е должен на лицето кое еднаш одбило понуда за вработување, обука, преквалификација или доквалификација заради вработување, да му достави писмено известување со опомена за последиците доколку по втор пат одбие понуда за вработување, обука, преквалификација или доквалификација.“
Во ставот 2 кој станува став 3 зборовите: „алинеи 1 и 2“ се бришат.
Ставот 3 станува став 4 .
Ставот 4, кој станува став 5 се менува и гласи: ,,Агенцијата за вработување на Република Македонија – надлежниот центар за вработување веднаш по евидентирање на податоците од ставот 1 на овој член по електронски пат го известува надлежниот центар.“

По наведените измени и дополнувања, членот 54 став 3 од Законот за социјалната заштита (кој се оспорува со сега доставената иницијатива), сега гласи:„Лицето од ставот 1 на овој член не може да користи социјална парична помош во период од шест месеци“. Тоа значи дека актуелниот став 3 на членот 54 на Законот е всушност ист со ставот 2 на членот 54 од Законот кој бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд со Решението У.бр.8/2010.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оценува согласноста на суштински истите одредби од Законот за социјалната заштита во однос на истите уставни одредби, како што е во предметот У.бр.8/2010.

Имајќи предвид дека наведените измени и дополнувања на член 54 и член 55 од Законот за социјалната заштита, како што е претходно наведено, не се од суштинско значење за прашањата на кои се однесуваат, а со оглед дека нема аргументи кои би влијаеле на промена на ставот на Судот по однос на изнесеното во Решението У.бр.8/2010, Судот оцени дека образложението во ова решение за уставноста на наведените законски одредби во целост се однесува и на сите сега оспорени одредби, поради што утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата за тоа дека во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, покрај категоријата на активни баратели, имало и категорија на пасивни баратели на работа, кои се должни на секои шест месеци да се јавуваат во Агенцијата за вработување, а кои не се опфатени во кругот на лица кои можат да остваруваат социјална парична помош, Судот оцени дека овие наводи претставуваат барање и оваа категорија на лица да бидат опфатени со Законот за социјалната заштита, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој согласно членот 110 од Уставот, нема надлежност да нормира односи, на што всушност се сведува иницијативата во овој дел.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.26/2017
17 мај 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски