Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Тарифниот систем за изменување и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи бр.01-1309/1, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на 30 јули 2012 година („Службен весник на РМ“ бр.97/2012).
2. Стрезо Стрезовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Тарифниот систем означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 од Уставот, со член 3 точка 44 и член 82 став 1 од Законот за енергетика како и со член 3 и 4 од Законот за облигационите односи.
Ова од причина што со оспорениот член била укината дневната ефтина тарифа на електрична енергија за домаќинства при што бил занемарен фактот дека според Законот за енергетика сите купувачи на електрична енергија се квалификувани купувачи кои по сопствен избор купуваат струја и во законот воопшто не е предвидено постоење на тарифни потрошувачи.
Потрошувачите и снабдувачите со електрична енергија во Република Македонија, одамна ги договориле и уредиле своите односи околу ниската и високата тарифа на електрична енергија. Со одредбата од овој член се наметнувале одредби спротивни на волјата на учесниците во облигациониот однос и на нивниот одамна постигнат договор. Со тоа со подзаконски акт на учесниците во облигациониот однос им се ограничувала слободата да ги уредуваат меѓусебните облигациони обврски.
Понатаму, подносителот на иницијативата дава образложение дека според член 82 став 1 од Законот за енергетика сите купувачи на електрична енергија се квалификувани купувачи и воопшто не е предвидено постоење на тарифни потрошувачи, а во член 3 точка 44 од Законот, односно во поимникот било наведено дека квалификувани купувачи се оние купувачи кои купуваат енергија по сопствен избор.
Постоењето на две тарифи на електрична енергија во Република Македонија е долго присутна и потекнувала од почетокот на 1985 година. Пред донесување на оспорениот член граѓаните користеле ефтина струја во време од 13 до 16 часот и од 22 до 07 часот секој работен ден, а во неделата од 00 до 24 часот, а односот меѓу високата и ниската тарифа бил 2:1.
Исто така, подносителот на иницијативата дава историски приказ како било уредено прашањето од 1985 година меѓу производителите и потрошувачите на електрична енергија организирани во Собранието на Самоуправна интересна заедница за енергетика на Македонија за поголемите и помалите дневни тарифи во периодот на зимско и летно сметање на времето.
Кон овие договори договорните страни се придржувале речиси три децении се додека Регулаторната комисија со подзаконски акт ја укинала помалата дневна тарифа без согласност на договорните страни, а на штета на потрошувачите.
3. Судот, на седницата утврди дека врз основа на член 197 став 6 точка 3 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика на 30 јуни 2011 година донела Тарифен систем за продажба на електрична енергија на тарифните потрошувачи („Службен весник на РМ“ бр.88/2011).
Според член 1 од наведениот Тарифен систем овој Тарифен систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи се однесува на тарифните потрошувачи на електрична енергија приклучени на дистрибутивниот систем на територијата на Република Македонија.
Со наведениот Тарифен систем се утврдуваат:
– критериуми за определување на категории, групи и подгрупи на тарифни потрошувачи,
– пресметковни елементи за утврдување на надоместокот за испорачаната електрична енергија и
– основите за формирање на цените на испорачана електрична енергија за соодветните пресметковни елементи, според напонско ниво, времето на испорака во текот на денот и видот на мерењето (член 2).
Во членот 5 став 3 од Тарифниот систем е предвидено дека според напонското ниво на точката на испорака на електрична енергија, покрај другото, во категоријата на тарифни потрошувачи на 0,4 KV (380/220V) напонско ниво се предвидени и домаќинствата.
Во членот 12 поместен во Глава III „Пресметковни елементи, цени на пресметковни елементи и начин на нивно утврдување“ од Тарифниот систем е предвидено дека за тарифните потрошувачи, цените за секој од пресметковните елементи, покрај другото се утврдува и според времето на користење во текот на денот на испорачаната електрична енергија.
Во членот 17 од наведениот Тарифен систем,кој е изменет било предвидено дека според времето на испорака на електрична енергија во текот на денот, се утврдуваат следните цени на електрична енергија:
– цени на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања на електроенергетскиот систем и
– цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања на електроенергетскиот систем.
За тарифните потрошувачи со вклопни часовници со автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цени на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања, се пресметува електрична енергија испорачана во траење од 12 часа дневно и тоа од 07.00 до 13.00 и од 16.00 до 22.00 во периодот за летно и зимско мерење на времето, за секој ден, освен недела.
За тарифните потрошувачи со вклопни часовници со автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања се пресметува електрична енергија испорачана за времето од 13.00 до 16.00 часот и од 22.00 до 7.00 часот наредниот ден во периодот за летно и зимско мерење на времето, за секој ден освен недела.
За тарифните потрошувачи со вклопни часовници без автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цени на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања се пресметува електрична енергија во траење од 12 часа дневно и тоа од 07.00 до 13.00 часот и од 16.00 до 22.00 во периодот за зимско мерење на времто од 08.00 до 14.000 и од 17.00 до 23.00 во периодот за летно мерење на времето, за секој ден, освен недела.
За тарифните потрошувачи со вклопни часовници без автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цена на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварување се пресметува електрична енергија испорачана за времето од 13.00 до 16.00 часот и од 22.00 до 07.00 часот период за зимско мерење на времето, а од 14.00 до 17.00 и од 23.00 до 08.00 часот во периодот за летно мерење на времето, за секој ден освен недела.
По цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања, се пресметува електричната енергија испорачана во недела од 00.00 до 24.00 часот.
Релативниот однос помеѓу цените на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања и цените на електрична енергија за време на ниска дневна оптовареност се утврдува во сооднос од 2,0 : 1,0.
4. Во натамошната постапка, Судот утврди дека Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија врз основа на член 24, став 1, алинеја 3 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија “ бр.16/11 и 136/11), на седницата одржана на ден 30 јули 2012 година, донела Тарифен систем за изменување и дополнување на Тарифен систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи („Службен весник на РМ“ бр.97/2012).
Во членот 1 од наведениот Тарифен систем кој е оспорен со иницијативата е предвидено дека;
(1) Во Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/11), членот 17 се менува и гласи:
„(1) Според времето на испорака на електрична енергија во текот на денот, се утврдуваат следниве цени на електрична енергија:
1) цени на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања на електроенергетскиот систем и
2) цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања на електроенергетскиот систем.
(2) За тарифни потрошувачи со вклопни часовници со автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цени на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања, се пресметува електричната енергија испорачана за временскиот период од 07:00 до 22:00 часот, во периодот за летно и зимско мерење на времето.
(3) За тарифни потрошувачи со вклопни часовници со автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања, се пресметува електричната енергија испорачана за временскиот период од 22:00 до 07:00 часот наредниот ден, во периодот за летно и зимско мерење на времето.
(4) За тарифни потрошувачи со вклопни часовници без автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цени на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања се пресметува електрична енергија испорачана испорачана за временскиот период од 07:00 до 22:00 часот, во периодот за зимско мерење на времето, а од 8:00 до 23:00 часот, во периодот за летно мерење на времето.
(5) За тарифни потрошувачи со вклопни часовници без автоматска промена на летно и зимско сметање на времето, по цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања се пресметува електрична енергија испорачана за временскиот период од 22:00 до 07:00 часот наредниот ден, во период за зимско мерење на времето, а од 23:00 до 08:00 часот наредниот ден во периодот за летно мерење на времето.
(6) По цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања, се пресметува електричната енергија испорачана во недела (од 00:00 до 24:00 часот).
(7) Релативниот однос помеѓу цените на електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања и цени на електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања се утврдува во сооднос од : 2,0 : 1,0”.
Во членот 2 од Тарифниот систем е предвидено дека: овој Тарифен систем влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на република Македонија “.
5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 7 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеење на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со членот 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 1 од Законот за енергетика („Службен весник на РМ“ бр.16/2011 и 136/2011), со овој закон се уредуваат: целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација; енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности; изградбата на енергетските објекти; статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија; пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија; условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката.
Согласно членот 2 од Законот за енергетика, целта на овој закон е да обезбеди: сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенти; создавање на ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор; ефикасен развој на енергетскиот сектор; поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари со почитување на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност; зголемување на енергетската ефикасност и поттикнување на искористувањето на обновливите извори на енергија и заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.
Во членот 3 точка 44 од Законот, е утврдено дека квалификуван купувач е купувач кој купува енергија или природен гас од производители, снабдувачи или трговци по сопствен избор, а во точката 89 од Законот, е утврдено дека Регулирана енергетска дејност е енергетска дејност преку која се извршува обврската за јавна услуга и се врши под услови, на начин, цени и тарифи пропишани, односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.
Според член 82 став 1 од Законот, сите купувачи на електрична енергија се квалификувани купувачи на електрична енергија.
Во Глава XVII „Преодни и завршни одредби,“поднасловот XVII.1. „Примена на поглавјето за пазар на електрична енергија“, односно во членот 197 став 1 од Законот е предвидено дека по исклучок од членот 82 став 1 на овој закон до 31 декември 2014 година, тарифни потрошувачи се домаќинствата, а другите потрошувачи на електрична енергија кои на денот на влегување во сила на овој закон се тарифни потрошувачи ќе стекнат статус на квалификувани потрошувачи со денот на влегување во сила на следните прописи:
1) правила за снабдување со електрична енергија,
2) правила за снабдување во краен случај со електрична енергија,
3) правило за пазарот на електрична енергија и
5) тарифни системи за пренос и дистрибудија на електрична енергија и за условите што ги обезбедува операторот на пазарот на електрична енергија.
Во ставовите 2 и 3 на член 197 од Законот се предвидуваат рокови за склучување на договори меѓу снабдувачот и потрошувачот кој стекнал статус на квалификуван потрошувач.
Во ставот 4 од Законот е предвидено дека до 31 декември 2014 година, снабдувачот за тарифни потрошувачи ќе ги снабдува потрошувачите кои во согласност со одредбите на овој член ќе го имаат својството на тарифни потрошувачи.
Во ставот 5 на наведениот член предвидено е дека по исклучок од членот 4 на овој закон, снабдувањето со електрична енергија на тарифните потрошувачи ќе се смета за регулирана енергетска дејност, а ќе престане да се извршува од 1 јануари 2015 година.
Според став 6 на член 197 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика најдоцна до 30 јуни 2011 година ќе донесе:
1) правила за снабдување на тарифните потрошувачи на електрична енергија во согласност со начелото од член 28 на овој закон.
2) правилник за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи во согласност со начелата од член 24 на овој закон и
3) тарифен систем за продажба на електрична енергија за тарифни потрошувачи врз основа на начелата од член 24 на овој закон.
Во став 7 на член 197 од Законот е предвидено дека во смисла на одредбите од оваа глава тарифен потрошувач на електрична енергија е потрошувач кој купува електрична енергија по пропишани услови и цени и не може да го избира својот снабдувач.
6.Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за енергетика,Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифните потрошувачи како и содржината на оспорениот Тарифен систем за измени и дополнувања, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека тие се неосновани.
Ова од причина што подносителот на иницијативата оспорениот тарифен систем го оспорува наспрема членот 82 став 1 без притоа да го има предвид членот 197 од Законот, според кој до 31 декември 2014 година домаќинствата не добиваат статус на квалификувани потрошувачи, туку тие се тарифни потрошувачи кои купуваат електрична енергија според пропишани услови и цени и до истекот на наведениот период тие не може да избираат свој снабдувач.
Тоа во суштина значи дека до истекот на преодниот режим домаќинствата немаат статус на квалификувани купувачи и не можат како учесници на пазарот слободно да ги уредуваат меѓусебните односи во областа на енергетиката, поради што не може да се постави ппрашањето за согласноста на оспорениот тарифен систем со Законот за енергетика и Законот за облигациони односи.
Во однос на наводите од иницијативата дека со измената на оспорениот Тарифен систем со кој не е предвидено т.н. евтина дневна тарифа која била предвидена уште од 1985 година, а постоела и со претходниот Тарифен систем и со тоа се повредувале уставните начела на владеење на правата и слободата на пазарот и претприемништвото исто така Судот оцени дека се неосновани.
Ова од причина што електричната енергија е специфичен вид на стока чие производство, пренос и дистрибуција до потрошувачите претставува значаен национален интерес поради кој државата има обврска да овозможи непречен континуитет на одвивање на овие јавни услуги, но и обврска да го воспостави балансот на односите на државното и приватното делување и нивното регулирање во Република Македонија во рамки на инфраструктурата, која секако е различна од други држави.
Република Македонија, заедно со други држави од една страна и Европската заедница од друга страна, на 19 мај 2005 година склучиле Договор за основање на Енергетска Заедница, а Собранието на Република Македонија со Закон го ратификувало овој договор, на 3 мај 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2006).
Задачата на Енергетската заедница е да ги организира односите меѓу страните и да создаде правна и економска рамка за мрежна енергија со цел меѓу другото да создаде стабилна регула-торна и пазарна рамка способна да привлече инвестиции во гасоводните мрежи, производството на електрична енергија и негов пренос и дистрибуција, така што сите страни ќе имаат стабилно и непрекинато снабдување со енергија, потоа сигурност на снабдувањето и стабилна инвестициска клима, а животната средина да се подобри, развивање на пазарната конкуренција и мрежната енергија ги вклучува секторите за електрична енергија и гас што потпаѓаат под полето на примена на Директивите на Европската заедница 2003/54/ЕС и 2003/55/ЕС.
При разгледување на иницијативата и содржината на оспорениот Тарифен систем, Судот го имаше предвид и фактот што подносителот на иницијативата го оспорува Тарифниот систем затоа што во него не била предвидена ефтина дневна тарифа, односно оспорува содржина која според него би требала да постои во Тарифниот систем за што Уставниот суд согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
Меѓутоа, имајќи предвид дека со иницијативата се покренуваат и други прашања како што е прашањето дека во Законот не постоеле тарифни потрошувачи, Судот оцени дека е целисходно да се впушти во анализа на оспорениот акт и да даде одговор на сите наводи во иницијативата.
7. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.26/2013
24 април 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски