26/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2007).

2. Здружението на граѓани – Април 92 од Скопје, преку адвокат Владимир Туфегџиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија и Договорот во врска со дислокација на ЈНА од територијата на Република Македонија од 21.02.1992 година и Спогодбата заклучена на ден 28.02.1992 година помеѓу Сојузниот секретаријат на народна одбрана и Република Македонија за взаемна соработка, правата и обврските во врска со примопредавањето на воените недвижности, вклучувајќи ги тука и домовите на ЈНА и станбениот фонд на ЈНА што се наоѓаат на територијата на Република Македонија.

Имено, подносителите на иницијативата се поранешни припадници на ЈНА кои во целост се вклучиле во одбранбениот систем на АРМ на начин што постапиле согласно член 3 од Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, со што се стекнале со право за решавање на станбеното прашање по основ на нивно сопствено учество во создавањето на станбениот фонд на ЈНА кој подоцна, врз основа на наведените договор и спогодба прешле во надлежност на Министерството за одбрана, кое било должно да ја спроведе оваа одлука. Во конкретниот случај, се работело за стекнато право врз основа на државен правен акт кој е во правна сила и е потпишан од страна на претседателот на Република Македонија и највисоките државни органи на Република Македонија со кој одредена категорија на лица се стекнувала со одредено право, па оттаму во ниеден случај не можело со едностран акт на Владата на Република Македоноја, конкретно со оспорената одлука, вака стекнатото и утврдено право да биде укинато или ограничено особено поради фактот што Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија не била ниту започната да се реализира и спроведува од страна на Министерството за одбрана во делот на задолжението за решавање на станбеното прашање на оваа категорија лица. Во текот на важењето на Одлуката, Министерството за одбрана не само што не ја споровело и реализирало Одлуката, туку во меѓувреме донело низа правни акти кои биле во директна спротивност со закон, потпишаниот Договор од 21.02.1992 година, со Спогодбата од 28.02.1992 година и донесената Одлука за решавање на станбеното прашање на оваа категорија лица припадници на АРМ. Во оваа смисла, Министерството за одбрана, според постоечкиот Правилник за утврдување на критериумите, мерилата и постапката за доделување на користење на службени станови на воени старешини и цивилни лица на служба во АРМ, ја третира и уредува постапката за доделување само на службени станови, а укинато било правото за решавање на станбеното прашање на овие припадници на АРМ кое истите го стекнале согласно претходно цитираните државни правни акти и претходно важечките прописи за решавање на станбените прашања на припадниците на АРМ донесени од страна на Министерството за одбрана.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине, односно поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донела Одлука за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, заведена под број 19-8426/1.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука престанува да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, бр. 23-241/1 од 25.01.1992 година објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 3/1992).

Согласно член 2 на истата одлука, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да врши изменување и дополнување на законите и другите прописи ниту, пак е во негова надлежност да ја оценува уставноста на одредби што не се во правниот поредок.

Од друга страна, согласно членот 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и дргите прописи на Собранието и е одговорна за нивно извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според тоа, Владата има право да донесува соодветни прописи, да врши нивно изменување и дополнување, односно нивно укинување.

Со оспорената одлука, Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 26 декември 2007 година, врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија, одлучила да престане да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, која била донесена од Владата на Република Македонија во 1992 година, со што, оваа одлука престанала да опстојува во правниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на фактот што со иницијативата се оспорува отстранувањето од правниот поредок на одлука донесена од Владата на Република Македонија и всушност се бара Судот да ја врати во важење Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, која била донесена од Владата на Република Македонија во 1992 година, а имајќи во вид дека Судот не е надлежен да нормира прописи, односно да враќа во сила прописи кои не се во правниот поредок, ниту да ја цени основаноста на отстранувањето од правниот поредок на одредени прописи, како што се бара со иницијативата, Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува од рамките на надлежноста на Судот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.26/2008
26 март 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски