26/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 1, 4, 5, 6 и 8 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Манчо Манчев од Кавадарци, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив била исклучена можноста правна помош да даваат и дипломираните правници без положен правосуден испит кои би се решиле да даваат правна помош како посебна дејност од која би оствариле доход со што се создавала монополистичка положба на адвокатите што не било во согласност со членовите 9, 30, 32 и 55 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од Законот за адвокатурата е определена содржината на Законот со кој се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, другите органи и други правни лица, како и организацијата на адвокатурата, условите за упис во Именикот на адвокатите и правата и обврските на адвокатите.
Според членот 3 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во адвокатска комора, автономно донесување на општи акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите и донесување на Кодексот на адвокатската етика.
Со членот 4 од Законот се утврдува дека правната помош се состои во давање на правни совети, составување на исправи за правни работи, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, други органи и други правни и физички лица, одбрана на обвинетите лица и вршење на други работи на правна помош во согласност со закон.
Јавните овластувања се состојат во вршење на правни работи определени со посебен закон, под услови и на начин утврдени со тој закон.
Според членот 5 од Законот, адвокатската дејност ја вршат адвокати.
Адвокатската дејност адвокатите можат да ја вршат како адвокати поединци и како адвокати здружени во заедничка адвокатска канцеларија.
Облиците на организирање на адвокатите од ставот 2 на овој член може да имаат својство на правно лице под услови определени со посебен закон или друг пропис.
Понатаму, со членот 6 од Законот се утврдува дека адвокатите можат да вработуваат други адвокати, адвокатски приправници, адвокатски стручни соработници и работници за вршење административни и помошни работи, на начин и под услови определени со закон.
Според членот 8 од Законот, правото на вршење на адвокатската дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија.
Со членот 9 од Законот се утврдува дека во Именикот на адвокатите може да се запише државјанин на Република Македонија, кој ги исполнува општите услови за засновање работен однос, дипломиран правник со положен правосуден испит кој ужива углед за вршење на адвокатската дејност.
Во Именикот на адвокатите може да се запише и редовен или вонреден професор на Правен факултет кој држел настава по правен предмет.
4. Со членот 53 од Уставот на Република Македонија, адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Член 9 од Уставот на Република Македонија утврдува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното поеткло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законот се еднакви.
Врз основа на изречното уставно овластување, со Законот за адвокатурата се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што ја вршат адвокати запишани во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија. Во Именикот може да се запише државјанин на Република Македонија, кој ги исполнува општите услови за засновање работен однос, дипломиран правник со положен правосуден испит кој ужива углед за вршење на адвокатската дејност.
Според член 1 од Законот за правосудниот испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/80 и 7/88), правосудниот испит се полага заради проверка на стручната оспособеност на дипломираните правници на правен факултет за самостојно вршење на определени должности, работи и работни задачи.
Од наведените законски одредби произлегува дека за вршење на адвокатската дејност, покрај општите услови за засновање работен однос треба да се исполнуваат и посебни услови кои се однесуваат на сите лица кои се занимаваат со давање правна помош како адвокати. Судот смета дека пропишувањето посебни услови заради обезбедување проверка на стручноста и компетентноста за вршење на определени работи, а особено за вршење на работи во јавните служби не може да се смета како дискриминаторско, доколку не се однесува на граѓаните во зависност од нивниот пол, раса, уверување, национално и социјално потекло и другите основи утврдени во член 9 од Уставот, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со означената уставна одредба.
Исто така, Судот смета дека посебните услови за вршење определени работи не значат ограничување на слободниот избор на вработување ниту на слободата на пазарот и сопственоста, туку гаранција за стручност и компетентност во давањето правна помош на граѓаните и други субјекти, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби и со членовите 30, 32 и 55 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.