261/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на финансиски извештај за работа на ЈПКД „Облешево“, бр.0701-1209/1, донесена од Советот на општина Чешиново-Облешево на 7 септември 2009 година.

2. Градоначалникот на општина Чешиново – Облешево Јордан Лефков, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, (1) Одлуката била донесена од Советот на Општината иако таа материја била во делокруг на градоначалникот според член 23-а ставовите 1 и 2 од Законот за дополнување на Законот за јавни претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.22/2007), (2) финансискиот извештај бил само табеларен приказ од кој не можело подетално да се утврдат расходите на Јавното претпријатие и (3) постоела иницијатива од истиот иницијатор до Уставниот суд за слична одлука, па без да било сочекано решението на Судот била донесена новата одлука.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука, донесена врз основа на Статутот на општината Чешиново-Облешево, се усвојува финансискиот извештај за работа на ЈПКД „Облешево“ изготвен од страна на ЈПКД „Облешево„ (член 1) и Одлуката влегува во сила 8 (осмиот) ден од денот на донесување и ќе се објави во „Службен гласник на општина Чешиново-Облешево“ (член 2). Финансискиот извештај, пак, содржи конкретни податоци за приходи на Претпријатието по месеци (од пазаришна такса, резервации, смет, други приходи) и расходи на Претпријатието (за материјални и канцелариски трошоци, струја, гориво, телефон, репрезентации, плати, …) за периодот од 1.01.- 30.06.2009 година.
4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува, покрај другото, за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува, покрај другото, за согласноста на подзаконските прописи со Уставот и со законите, а од наведената одредба на Деловникот произлегува дека барањата за кои Судот не е надлежен да одлучува, се отфрлаат.

Со оглед на тоа што оспорената одлука се однесува на усвојување на финансискиот извештај за работата на ЈПКД „Облешево“ во определен период, а не е акт со кој на општ начин се уредуваат односи на неопределени субјекти и за неопределено време, Судот оцени дека Одлуката не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.261/2009
16 декември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски