260/2008-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 30 став 1 точка 4 и 31 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 142/08 и 64/09);

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Национална класификација на дејностите – НКД РЕВ. 2, донесена од Владата на Република Македонија на 18.11.2008 година, број 19-5509/1, (“Службен весник на Република Македонија” број 147/08), во делот: “М/К-Стручни, научни и технички дејности, група 69.1-Правни работи, КЛАСА-69.10 ПРАВНИ РАБОТИ.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:
-член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 142/08) и
-член 410-а од Законот за парнична постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 79/05 и 110/08).

4. Зоран Петковиќ-Бакли и Гордана Каркалашева- Трајковска, адвокати од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 3 и уставноста и законитоста на одлуката означена во точка 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, членoвите 14 став 1 точка 4, 30 став 1 точка 4 и 31 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, биле спротивни на членот 8 став 1 алинеите 3, 7 и 8 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, на членот 9 од Уставот што се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, на членот 34 од Уставот што се однесува на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, на членот 51 од Уставот што се однесува на обврската за согласноста на законите и другите прописи со Уставот како и должноста за почитување на Уставот и законите и на членот 55 став 2 и 3 од Уставот што се однесува на Републиката да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Поконкретно со оспорените одредби биле ставени во нееднаква (понеповолна) положба субјектите на пазарот во однос на плаќањето на придонесите од задолжителното социјално осигурување, односно дека субјектите од оспорените членови (самовработени лице кои вршат професионална и друга интелектуална услуга), каде како основица била две просечни плати, биле ставени во понеповолна положба во однос на субјектите од член 14 став 1 точка 3 од Законот, кои се однесуваат на другите самовработени лица кои вршат самостојна економска дејност, бидејќи самовработените лица кои вршеле професионални и други интелектуални услуги, требало придонесите да ги плаќаат на двојно поголема основица и со поголема стапка (процент), без разлика на заработката, примената плата или други дополнителни примања. Исто така, со членовите 30 став 1 точка 4 и 31 став 1 точка 4 од Законот, биле ставени во нееднаква (понеповолна) положба субјектите на пазарот поради различно уредената стапка за пресметување на придонесите од задолжителното социјално осигурување, со што било прекршено темелното уставно начело на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во иницијативата, понатаму се наведува дека членот 410-а од Законот за парнична постапка, бил спротивен на членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот и се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, принципот на владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и на членот 9 од Уставот кој предвидувал дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло,политичко и верско уверување, имотната и општествената положба. Потоа, дека оспорената одредба била спротивна и на членот 5 став 2, член 14 став 1 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на Обединетите Нации од 16.12.1966 година и на членот 6 став 1 и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Според наводите во иницијативата, Одлуката за донесување на Националната класификација на дејностите-НКД РЕВ. 2, во делот: “М/К-Стручни, научни и технички дејности, група 69.1-Правни работи, КЛАСА-69.10 ПРАВНИ РАБОТИ, била спротивна на членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 53 од Уставот на Република Македонија и спротивна на членовите 1, 2 став 1, 3, 4 став 1, 6 ставовите 1 и 2 и членот 7 став 1 од Законот за адвокатурата, со образложение дека во претходната одлука постоела класа-шифра на дејност 74.11/1-АДВОКАТСКИ РАБОТИ, а со новодонесената одлука, оваа класа-шифра на дејност не постои, туку сектор М/К- Стручни, научни и технички дејности, оддел 69-Правни и сметководствени дејности, група 69.1-Правни работи, класа 69.10-ПРАВНИ РАБОТИ. Со новодонесената одлука адвокатската дејност била подведена под шифра на дејност “Правни работи” што според подносителите истото овозможувало на секого, дури и на нестручни и непрофесионални лица да регистрираат и обавуваат правни работи.

Од наведените причини, подносителите бараат да се поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 3, со предлог истите да се поништат како противуставни и да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точка 2 од решението, со предлог истата да се поништи како противуставна и противзаконита.

5. Судот на седницата утврди дека според членовите 30 став 1 точка 4 и 31 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, стапките по кои ќе се пресметуваат и плаќаат придонесите почнувајќи со исплата на плата за јануари 2009 и јануари 2010 година, за задолжително здравствено осигурување за обврзниците кои придонесот го плаќаат на основица утврдена во членот 14 точките 11 и 14 алинеи 1, 2, 3, 4 и 5 на овој закон, изнесува 10%. Утврди и дека стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите се утврдени во различен процентуален износ за одредена категорија на обврзници за задолжително социјално осигурување.

Судот, утврди дека Националната класификација на дејностите (НКД) е национален стандард усогласен со европската класификација на дејности (NACE) и се употребува за идентификување, групирање и дефинирање на дејностите според кои се врши распределувањето на деловните субјекти (правни и физички лица), како и за други административни цели и истата во статистиката се користела за прибирање, обработка и публикување статистички податоци.

Судот, утврди и дека членот 14 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, ги уредува основиците на кои се плаќаат придонесите од задолжителното социјално осигурување. Конкретно во став 1 точка 4 од истиот член, основица за пресметка и плаќање на придонеси за самовработено лице кое врши професионална и друга интелектуална услуга и за лицата од членот 7 став 1 точки 10 и 11 на овој закон, е износот од две просечни плати во Републиката објавен во тековниот месец.

Судот, утврди дека членот 410-а од Законот за парничната постапка, пропишува дека “тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса”.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.

Врз основа на овие уставни одредби, системот на социјалното осигурување е уреден со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Според член 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со овој закон се уредуваат видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување (во натамошниот текст:придонеси), обврзниците за плаќање на придонесите, обврзниците за пресметка и уплата на придонесите, основиците на кои се плаќаат придонесите, стапките на придонеси, потоа, начинот на пресметката, роковите на плаќањето на придонесите, контролата на пресметувањето и уплатата на придонесите и други прашања значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Според членот 2 од Законот, со плаќање на придонесите се обезбедуваат средства за финансирање на задолжителното социјално осигурување.

Според член 3 од Законот, во задолжително социјално осигурување спаѓаат придонесите за:
1) пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата;
2) задолжително капитално финансирано пензиско осигурување;
3) стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење;
4) здравствено осигурување и
5) осигурување во случај на невработеност.

Членот 30 во ставот 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, ги определува стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите од задолжителното социјално осигурување, почнувајќи со исплата на плата за јануари 2009 година, а членот 31 во ставот 1 од истиот закон, ги определува стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите од задолжителното социјално осигурување, почнувајќи со исплата на плата за јануари 2010 година.

Тргнувајќи од тоа дека согласно Уставот, правото на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните, а во тие рамки и на придонесите од задолжителното социјално осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредува со закон и колективен договор, право е на законодавецот во оваа сфера да ги утврдува видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување, обврзниците за плаќање на придонеси, обврзниците за пресметка и уплата на придонеси, основиците на кои се плаќаат придонесите, стапките на придонесите, начинот на пресметката, роковите на плаќање, контролата на пресметувањето и уплатата како и други прашања значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Утврдувањето на различна стапка за пресметка и плаќање на придонеси е легитимно право на законодавецот при што од уставно правен аспект од значење е дека сите правни субјекти во иста правна ситуација имаат иста обврска за плаќање на придонеси, што ги прави еднакви пред Уставот и законот. Поделбата на обврзниците во различни категории на субјекти и определување на различна стапка за пресметка и плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување, не значи нарушување на принципот на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот. Во таа смисла, право на законодавецот е да ја утврди и висината на стапката за пресметување и плаќање на придонесите, водејќи притоа сметка законските решенија еднакво да се однесуваат на граѓаните односно субјектите кои се наоѓаат во еднаква правна положба односно правен статус.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, неосновани се наводите во инцијативата дека со членот 30 став 1 точка 4 и членот 31 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, се ставени во нееднаква положба (понеповолна положба) субјектите на пазарот и дека се повредуваат членовите 8 став 1 алинеи 3, 7 и 8, 9, 34, 51 и 55 ставовите 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на овие одредби од Законот со Уставот.

7. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, при што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” број 59/02, 60/06 и 106/08), уредено е обезбедувањето на правната помош од страна на адвокатите на физичките и правните лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон засновани интереси во постапка пред надлежни органи.

Согласно член 2 ставовите 1 и 2 од Законот: “Aдвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош, согласно овој и друг закон” и “Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони”.

Во членот 3 од Законот за адвокатурата, начелно се објаснува од што се состои правната помош, обезбедена од страна на адвокатурата, односно дека истата се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на договори за основање, партнерство, соработка и слични акти во врска со основањето или работењето на деловните субјекти, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи и органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.

Во членот 4 став 1 од истиот закон, се објаснува од што се состојат јавните овластувања на адвокатите, односно дека истите се состојат во вршење на правни работи (право на составување на исправи со изјава за потврда на факти, освен за залог за подвижни предмети и права и хипотека, потврдување на заклучоци на собранија на трговски друштва, здруженија на граѓани, фондации и други правни лица и заверување на адвокатско полномошно и право на прибавување известувања врз основа на посебно полномошно од странките, од судовите и други државни органи, јавни служби и правни лица, кои се должни без одлагање да му ги достават на адвокатот за странката и спротивната странка, кои известувања се однесуваат на податоци за плата на вработен, односно висина на пензија на корисник на пензија и друго.

Адвокатската дејност, согласно членот 6 од Законот за адвокатурата, ја вршат исклучиво адвокати, кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија и адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво кои се запишуваат во Именик на адвокатите кој се води во Адвокатската комора на Република Македонија.

Согласно членот 10 од истиот закон, правото на вршење на адвокатска дејност, се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на адвокатот кој е запишан му се издава лиценца за работа, чија содржина и постапка за издавање и одземање, е уредена со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, а во членот 12 од Законот е пропишано кои лица можат да бидат запишани како адвокати во Именикот, односно лицето кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа и да биде дипломиран правник со положен правосуден испит, да има положено адвокатски испит и друго.

Согласно член 8 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица (“Службен весник на Република Македонија” број 84/05, 13/07 и 150/07), НКД ја донесува Владата на Република Македонија по предлог на Државниот завод за статистика.

Националната класификација на дејностите – НКД, во Република Македонија била воведена во 1998 година врз основа на статистичката класификација на економски дејности на Европската унија, NACE Rev. 1. Со тоа била обезбедена споредливост на статистичките податоци на Република Македонија на европско и светско ниво. Со оглед на тоа што се работело за преземен европски стандард, секоја промена во Европската класификација NACE повлекувала и промена на Националната класификација на дејности-НКД. Во 2006 година, Националната класификација на дејностите-НКД била ревидирана и Владата на Република Македонија со Одлука за донесување на Националната класификација на дејностите-НКД Рев.1 (“Службен весник на Република Македонија” број 9/06), ја донела новата Национална класификација на дејностите НКД Рев.1, како резултат на ревидираната европска класификација на дејности верзија на NACE Rev. 1.1, која во основа немала промени во нејзината основна структура. Со НКД Рев.1, најниско ниво на класификација била поткласата, кое претставувало национално воведено ниво за задоволување на националните потреби со цел податоците да се прикажат на подетално ниво.

Поради развојот на нови технологии кои создавале нови дејности и производи како и промени во структурата и организацијата на економијата, се наметнувала потреба од организирање голема ревизија на економските класификации: европската NACE и меѓународната ISIC. Заради обезбедување на европска и меѓународна споредливост на податоците во статистиката, била донесена европска класификација на дејности NACE Rev. 2.

Според член 4 од ЕУ регулативата за Европската класификација на дејности NACE Rev. 2, доколку се вовеле поткласи во класификација на дејности, било потребно Предлог-националната класификација на дејности- НКД Рев. 2, да се достави до Комисијата во Еуростат (Европски завод за статистика), со детални објаснувања и информации за поткласите. Република Македонија како земја кандидат за европско членство е во процес на усогласување со европското законодавство, при што заради усогласување со ново донесената европска класификација на дејности NACE Rev. 2, Владата на Република Македонија со Одлука број 19-5509/1 од 18 ноември 2008 година, донела нова Националната класификација на дејностите НКД Рев. 2 (“Службен весник на Република Македонија” број 147/08), која во потполност одговара на европската класификација NACE Rev. 2 и се состои од четири хиерархиски нивоа: сектор, оддел, група и класа, односно најниско ниво во структурата на класификацијата е нивото на класа.

Државниот завод за статистика оценил, најниско ниво на НКД Рев. 2 да биде класа, без детално национално расчленување, односно во целост во согласност со европската класификација на дејности NACE Rev. 2, а основна причина за укинувањето на поткласите била во тоа што постоечката НКД Рев. 2 била подетална во однос на претходната класификација НКД Рев.1, бидејќи бројот на класите бил зголемен за 102 категории, односно дел од поткласите станале класи.

Дејноста на класата во Националната класификација на дејности-НКД Рев. 2, согласно Introductory Guidelines Nace Rev. 2, Eurostat (воведни насоки на Европскиот завод за статистика), била формирана според сличностите на повеќе различни категории на дејности, кои се регулирале и вршеле според националната регулатива. Тоа значи дека НКД Рев. 2 не претставува акт врз основа на кој се утврдуваат или стекнуваат одредени права и надлежности, туку тие се утврдуваат со постоечката законска регулатива.

Согласно член 13 став 1 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, судовите, државните органи, коморите и другите институции коишто водат основни регистри (судски регистар, регистар на водни заедници, регистар на водостопанства, регистар на здруженија на граѓани и фондации, единствен регистар на политички партии, регистар на комори, регистар на синдикални организации, регистар на претставништва на странски друштва, регистар на верските заедници и религиозните групи, именик на адвокати, именик на нотари, регистар на занаетчии и други регистри и именици утврдени со закон) се должни по службена должност до Централниот регистар да достават примерок од решението за упис, заради обезбедување на податоците од членот 4 на овој закон кои се однесуваат на: определување и доделување на единствен матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС); определување на назив и шифра на регистрираната претежна дејност според НКД; определување на шифра на организациониот облик на субјектот; внесување на единствениот даночен број (ЕДБ) на субјектот на упис; внесување на сметка од банка по избор на субјектот на упис и други податоци од значење на субјектот на уписот.

Според подносителите на иницијативата Одлуката за донесување на Национална класификација на дејностите НКД Рев.2, била противуставна со образложение дека со ваквата класификација на дејности, се овозможувало на секого, дури и на нестручни и непрофесионални лица да регистрираат и обавуваат правни работи односно да даваат правна помош, на кој начин ќе им го одземале предметот на работа на адвокатите.

Околноста што согласно Националната класификација на дејностите НКД Рев. 2, дејноста на адвокатите е подведена под шифра-класа на дејност 69.10-правни работи, а не на шифра дејност 74.11/1-адвокатски работи од претходната НКД Рев. 1, според овој Суд, не влијае и не ги загрозува правата и овластување на адвокатите за вршење на нивната дејност. Ова од причини што давањето на правна помош е со закон уредена активност што ја обезбедува адвокатурата која е самостојна и независна јавна служба. Давањето на правна помош претпоставува исполнување на низа услови, предвидени со Законот за адвокатурата, а тоа значи само и исклучиво само адвокат може да дава правна помош и да врши други јавни овластувања. Секое дејствување на одредени субјекти во насока на вршење на работи и активности кои претставуваат адвокатска дејност, а за тоа не поседуваат лиценца за работа, значи незаконско вршење на дејност и истото би претставувало кривично дело надриписарство.

Од друга страна под шифрата 69.10-правни работи, се регистрираат и лицата кои вршат нотарски работи, извршителите на судски одлуки, медијаторите и други, чија надлежност за вршење на одредени работи е регулирана со соодветни закони.

Самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба не е детерминирана односно не се остварува со административното одредување на шифрата на дејноста туку со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Од наведените причини неосновани се наводите на подносителите на иницијативата дека предметната Одлука била спротивна на членот 53 од Уставот според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Поради изнесеното, Судот, оцени дека во конкретниот случај не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Национална класификација на дејностите-НКД РЕВ. 2, донесена од Владата на Република Македонија на 18.11.2008 година, број 19-5509/1, во делот: “М/К-Стручни, научни и технички дејности, група 69.1-Правни работи, КЛАСА-69.10 ПРАВНИ РАБОТИ.

8. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

а) После поднесувањето на иницијативата (18.12.2008 година), на 19 мај 2009 година, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 64/09), со кој оспорениот член 14 став 1 точка 4 е изменет.

Со оглед на тоа дека со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 64/09), оспорената одредба од член 14 став 1 точка 4 од Законот е изменета, а со тоа престанала да постои во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на истата.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

б) Според оспорениот член 410-а од Законот за парничната постапка “тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса”.

Оспорената одредба од Законот, била предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредби од Уставот, односно со Решение на Уставниот суд на Република Македонија број 188/2008 од 17.12.2008 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 410-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005 и 110/2008).

Имено, според ставот на Судот, неможело да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбите од Уставот наведени во иницијативите, бидејќи покрај законската определба дека судот нема да постапува по тужбата, ако не биде платена судската такса, односно дека тужбата ќе се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса, Законот истовремено ја уредил и постапката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, пропишувајќи обврска за тужителот, кој нема средства, заедно со тужбата да достави и барање за потполно или делумно ослободување од плаќање на трошоците, како и докази за основаноста на таквото барање (уверение за материјалната состојба, потврда за невработеност, акт за остварување на социјална помош, …). На тој начин Законот определил обврска за тужителот, кој нема средства, пред поднесувањето на тужбата да ги обезбеди потребните докази заради ослободување од плаќање на трошоците, од една страна и од друга страна обврска на судот да се произнесе по барањето без одлагање, а дотогаш тужбата не може да се смета за повлечена поради неплатена судска такса. Со тоа, Законот обезбедил забрзување и економичност во судските постапки врз уставниот принцип на итност, како и дисциплина во плаќањето на трошоците на постапката како јавни давачки, водејќи притоа сметка за остварување на правото на секој граѓанин на судска заштита на своите слободи и права независно од социјалното потекло и имотната положба.

Имајќи предвид дека овој Суд веќе ја оценувал уставноста на оспорениот член 410-а од Законот за парничната постапка и притоа со Решение број 188/2008 од 17.12.2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, Судот оцени дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

9. Врз основа на горе изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 260/2008
17 јуни 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски