258/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Урбанистички план за с. Сопиште-локалитет “Сончев град”, Општина Сопиште, донесена на седница на Советот, одржана на 20.02.2007 година, под број 07-444/1 од 21.02.2007 година, објавена во “Службен гласник” на Општината број 3/2007 од 22 февруари 2007 година.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа решение.

3. Трговското друштво за градежништво, трговија и услуги Ф.Х.И.Б.Ц. Сун Циту ДОО увоз-извоз Скопје, преку полномошникот Марија Марковиќ Давидовска, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и дополнувањето на иницијативата, оспорената одлука била донесена во незаконита постапка поради следното:

-Нацртот на Урбанистичкиот план за с. Сопиште-локалитет Сончев град, не бил изготвен врз основа на условите за планирање на просторот определени во Просторниот план на Република Македонија и не бил изготвен врз основа на ажурирана геодетска подлога. Според наводите, такво решение постоело но, не во фаза на изработка на урбанистичкиот план, туку по неговата изработка.

-Извештајот за постапување по забелешките, изготвен од изработувачот на нацрт-планот-Агенција за просторно планирање на просторот, немало датум, печат, архивски број, и потпис од третиот член на тимот што го изготвил Извештајот. Имајќи предвид дека конкретниот извештај ги немал потребните белези за негова правна релевантност, произлегувало дека и поради тоа Планот не бил донесен во согласност со Законот.

-Немало Одлука за организирање на јавна презентација, не било објавено Соопштение за организирање на јавна презентација, не била организирана јавна презентација и немало Извештај од јавна презентација по Нацртот на планот.

-Не било објавено Соопштение за организирање на јавна анкета, а имало Одлука за организирање на јавна анкета и Извештај за спроведена јавна анкета, но јавната анкета според подносителот на иницијативата не траела најмалку 15 работни дена, Комисијата за изготвување на извештај од јавната анкета не била во состав согласно Законот и не биле доставени поединечни писмени известувања од Комисијата до подносителите на анкетните листови.

-Не бил утврден предлог на Планот од страна на Општина Сопиште и не постоела Одлука за утврдување на Предлогот на планот, а со тоа неоснована била Согласноста од Министерството за транспорт и врски кое се повикувало на Предлог-План кој не постоел. Од друга страна, согласноста била примена во општината еден ден по донесувањето на оспорената Одлука, од кои причини и по овој основ Одлуката за донесување на предметниот план била незаконита.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата, предложи поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, бидејќи истата била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот на Република Македонија, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за спроведување на просторниот план на Република Македонија, а до донесувањето на конечната одлука, заради спречување на настанување материјална штета и други тешко отстранливи последици, предложи и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената Одлука.

4. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Сопишта, врз основа на член 26 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Макеоднија”, број 51/2005), член 22 став 1, точка 1 и член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија”, број 5/2002), на седницата одржана на 20.02.2007 година, донел Одлука за донесување на Урбанистичкиот план за с. Сопиште-локалитет “Сончев Град”, Општина Сопиште.

Во членот 1 од Одлуката, се утврдува донесувањето на оваа одлука.

Членот 2 уредува дека Урбанистичкиот план се состои од текстуален и графички дел кој не се објавуваат, а се чуваат во архивата на Општината, согласно прописите за архивско работење.
Со членот 3 од Одлуката е определено дека примерок од урбанистичкиот план и Одлуката, заверени се предаваат до органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

Согласно членот 4 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Сопиште”.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичко планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање, се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија”, број 51/2005), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Според членот 2 од Законот, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата кои меѓусебно се усогласуваат. Просторниот план на Република Македонија и урбанистичките планови континуирано меѓу себе се усогласуваат и дополнуваат и задолжително се донесуваат и спроведуваат.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и урбанистички план за село.

Со членот 12 ставови 1 и 2 од Законот, е определено дека урбанистички план за село, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за подрачје на населено место во општината од селски карактер и истиот содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и билансни показатели за планираните површини и градби според намената и за инфраструктурата. Според ставот 6 од истиот член од Законот, урбанистичкиот план за село се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон.

Според членот 15 ставови 1 и 2 од Законот, за согледување на планските можности за планирање на просторот односно изготвување на урбанистички планови освен детален урбанистички план, донесувачот на планот е должен да побара услови за планирање на просторот од органот на државната управа надлежен за вршење на работите, согласно со закон, кој се издаваат во рок од 30 дена од денот на поднесеното барање, а во случај на постоење на објективни причини рокот може да се продолжи најмногу за уште 15 дена.

Согласно членот 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место), општината и градот Скопје донесуваат годишна програма.

Според членот 21 став 1 од Законот, на нацрт плановите од членот 7 на овој закон, се врши стручна ревизија. Според ставот 3 од истиот член од Законот, стручната ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место), врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, а според ставот 5 од истиот член од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапување по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Со членот 22 став 1 на овој закон е уредено дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според членот 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според ставот 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно членот 24 став 6, од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Согласно членот 24 став 8 од Законот, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Според членот 24 став 9 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Согласно членот 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, со кој се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 2 на овој член од Законот, согласноста од ставот 1 на овој член се издава во рок од 30 работни денови од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека согласноста е издадена. Мислењето од ставот 2 на овој член се издава, исто така, во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Во став 3 на членот 25 од овој Закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 1 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука, Судот утврди дека Советот на Општината Сопиште како надлежен орган за донесување на Одлуката, во конкретниот случај, не ги спровел битните законски утврдени дејствија во постапката за донесување на оспорената одлука.

Имено, Решение за Услови за планирање на просторот број 15-707/1 од 01.02.2007 година, е донесено после изработката на нацрт-планот.

Градоначалникот на Општина Сопиште, донел Одлука за организирање на јавна анкета, но Соопштението за организирање на јавна анкета не било објавено во јавните гласила, а со тоа и било оневозможено јавноста да биде запозната со содржината на нацрт-планот, што претставува битна повреда на одредбите од постапката за донесување на урбанистичкиот план.

Со оглед дека Соопштението за организирање на јавна анкета не било јавно објавено, нетранспарентноста резултирала со отсуство на поднесени анкетни листови и од други правни и физички лица, туку во случајов само две правни лица поднеле анкетни листови и тоа Јавното Комунално Претпријатие “Сопиште” и ЕСМ-ЕВН, Електро-Скопје, кои во секој случај поради дејноста со која се занимаваат, биле вклучени во стручни расправи и мислења во врска со предметниот план.

Формална Одлука за организирање на јавна презентација нема, но Соопштението за организирање на јавна презентација било објавено во јавните гласила. Јавната презентација била одржана, но посебен Извештај за истото нема, туку во рамките на Извештајот за спроведена јавна анкета, односно во Заклучокот е споменато дека забелешките од јавната анкета биле и забелешки искажани на Стручната презентација.

Советот на Општина Сопиште ја донел оспорената Одлука на седница одржана на 20 февруари 2007 година, а согласноста од Министерството за транспорт и врски датира ден потоа, односно од 21 февруари 2007 година, спротивно на член 25 став 3 од Законот.

Од погоре изнесеното, Судот утврди дека отсуството на транпарентност во излагањето на планот, односно околноста дека во конкретниот случај не е постапено согласно законската обврска за објавување на соопштението за спроведување на јавна анкета во јавните гласила, резултира со неможност на граѓаните да бидат запознати со нацрт-планот, спротивно на одредбите од член 24 став 10 од Законот, според кој јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа и според кој јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставата забелешки, предлози и мислења на анкетните листови.

Судот, исто така, утврди дека оспорената Одлука, Советот на Општина Сопиште ја донел пред добивањето на согласноста на предлог-планот од страна на Министерството за транспорт и врски, односно спротивно на членот 25 став 3 од Законот, кој утврдува дека по добивањето на согласноста од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Тргнувајќи од изнесеното, според Судот, со вака донесената Одлука се доведува во прашање начелото на владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како и со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои е утврдена постапката за донесување на урбанистички план за село, поради што во случајов основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законот.

При донесување на решението за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, Судот оцени дека оправдано е да се очекува дека со извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Одлуката може да настанат тешко отстранливи последици и дека поради тоа се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 258/2009
14 април 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски