256/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јануари 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за поширокото централно градско подрачје Охрид со измени и дополнување во МЗ “Центар – дел, МЗ 11 стар град – дел, МЗ 6 Кошишта – дел и крајбрежниот појас од мостот Студенчишта до Канео, донесена од Собранието на Општина Охрид на 13 април 1995 година.

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето, до донесување на конечна одлука на Судот, за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Димитриовски Марјан и други од Охрид му поднесоа иницијатива со барање за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што постоела неусогласност на деталнкиот со основниот урбанистички план, што при изработката на Планот, надлежниот орган не прибавил претходно мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј – Охрид што надлежниот орган не му дал на Собранието на Општината писмено образложение за неприфатените забелешки и што постоела неусогласеност на графичкиот приказ со текстуалниот дел на планот, поради што истиот бил несогласен со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

4. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Одлуката предвидува усвојување на Деталниот урбанистички план за проширеното градско подрачје Охрид со измени и дополнување во МЗ 10 Центар-дел, МЗ 11 Стар град-дел, МЗ 6 Кошишта – дел и крајбрежниот појас од мостот Студенчишта до Канео, односно просторот од Втора урбана единица кој не е опфатен во границите на поширокото централно градско подрачје и просторот на по поширокото градско подрачје со границите на Студенчишка река (Канал), левата страна на кејот “Маршал Тито” до спојот со улицата “Јане Сандански”, од јужната страна Охридското езеро, улицата “Јане Сандански” (лева страна), улицата “Абас Емин” (левата страна), улицата “Гоце Делчев” (првиот ред), левата и десната страна до пресекот со улицата “Стив Наумов”, улицата “Кирил и Методиј” (левата страна) до Горна порта, од Горна порта до улицата “Илинденска” (левата страна) до пресекот со Охридското Езеро кај месноста Грдано.

Од овие граници се иззема просторот кој се протега на југозапад “Кеј Маршал Тито” до пресекот со улица “Колектроска” на југоисток, улицата “Колекторска” до пресекот со булевар Туристичка на североисток, пресекот со улица “Јане Сандански” на северо-западната страна до пресекот со улица “Партизанска” во продолжение на улица “Јане Сандански” од 62 метри западно до дворната ограда на Римокатоличката црква, јужно од неа кон кејот “Маршал Тито” во должина од 35 метри, на запад кон улицата “1-ви Мај” во должина од 75 метри, и на југ со границата на КП.16544/2 по должина од 35 метри до северната регулациона линија на Кеј “Маршал Тито” Р=17 ха.

Исто така, се иззема од овој план просторот од Кејот вдолж од Студенчишка река до Канео и просторот од 550 метри со граници на исток од КП.бр.16395 во површина од 6,6 м. должни, на север улицата “Коста Абраш” во ширина од 5,0 метри должни, на запад кон КП.бр.16370 во ширина од 8,0 метри должни и на југ обалата на Охридското Езеро.

Членот 2 од Одлуката предвидува просторот – Кејот од Студенчишка река до Канео како и просторот на ЈНА даден во границите на член 1 став 3 од оваа одлука да се уредува со урбанистички проект.

Член 3 од Одлуката предвидува на улицата “Даме Груев” наместо паркинг просторот на КП.бр.1457, 1458 и 1459 да се предвидат три индивидуални станбени згради содржани во графичкиот прилог, доставен на согласност во Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина од април 1995 година.

Член 4 предвидува составен дел на Одлуката да се: текстуалниот дел, графичкиот приказ бр.19-345 и одредбите за примена на планот изготвен од Институтот за урбанизам и архитектура “План” Охрид и согласноста на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

Со членот 5 од Одлуката, се задолжува изработувачот на планот во рок од 2 дена сметано од денот на усвојувањето на измените на деталниот урбанистички план за поширокото централно градско подрачје да изготви пречистен текст и истиот да го достави до стручната служба за собраниски работи при СО – Охрид.

Членот 6 од Одлуката, го овластува претседателот на Собранието на Општина Охрид со својот потпис да го завери планот што ќе биде доставен на чување на стручната служба за собраниски работи при Собрание на Општина Охрид.

Членот 7 од Одлуката предвидува таа да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Охирид”.

5. Согласно член 32 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, урбанистичкиот план, пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата, надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон.

Врз основа на оваа одредба од Законот, Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина на 7 април 1995 година издало Согласност на Предлог-деталниот урбанистички план, поради што не може да се поставува прашањето за законитоста на одлуката од овој аспект.

Што се однесува до прашањето дали при изработката на урбанистичкиот план, надлежниот орган е должен да прибави претходно мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата што е услов за одвивање на законски предвидената постапка при донесување на Планот, Судот оцени дека во случајов е постапено согласно одредбата од член 43 од Законот за заштита на спомениците на културата (“Службен весник на СРМ” бр.24/73 и 42/86), според која при подготовките и изработката на урбанистичкиот план односно одлука што ги заменува тие планови на населби и делови од населби што се запишани во регистарот на спомениците на културата како урбанистичка целина, надлежниот орган е должен да прибави мислење од надлежниот завод што, во случајов, е сторено (мислење бр.08-150 од 10.02.1994 година).

Исто така, согласно член 33 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, органот на управата надлежен за урбанизам е должен да му достави на Собранието на Република Македонија, односно собранието на општината предлог на просторен односно урбанистички план и општиот акт на општината заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Од наведената одредба произлегува дека забелешките по предлог-планот што ќе бидат дадени од граѓаните на јавната расправа не мора да бидат прифатени, но образложението за нивното неприфаќање е задолжително, односно составен дел на постапката за донесување на урбанистичкиот план.

Со оглед на тоа што, во конкретниов случај, надлежниот орган дал образложение за неприфатените забелешки по предлог-планот (бр.08-351 од 13.04.1994 година), Судот оцени дека не може да се постави прашањето за зконитоста на оспорената одлука од овој аспект.

Понатаму, во членот 19-а од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, меѓу другото, е предвидено дека графичкиот приказ е составен, односно задолжителен дел на урбанситичкиот план.

Од оваа одредба од Законот, произлегува дека графичкиот приказ како задолжителен дел на урбанистичкиот план треба да се софпаѓа со неговиот текстуелен дел.

Со оглед на тоа што, во конкретниов случај, Судот утврди дека графичкиот приказ е согласен со текстуалниот дел на Планот, оцени дека не може да се поставува прашањето за согласноста на оспорената одлука за усвојување на деталниот урбанистички иплан со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

6. Што се однесува до барањето, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за изрекување на ваква мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.256/95)