У.бр.255/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 ставовите 1 и 3 од Законот за државните службеници ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006 и 36/2007).

2. Синдикална организација при Министерството за труд и социјална политика од Скопје, преку претседателот Јане Петрески на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одредби од Законот, создаваат нееднаквост на државните службеници со сите останати работници во Република Македонија, кои не биле опфатени со овој закон, од причини што минатиот труд кај останатите работници се пресметувал по 0,5% на започната година на остварен нето личен доход, што значело дека државните службеници биле деградирани во однос на сите останати со тоа што за нив не се
засметувала вредноста на минатиот труд на додатокот на плата за звање, кој заедно со основната плата го сочинувал вобичаено нето личниот доход, со што оштетувањето настанало од почетокот на примената на овој закон. Како пример се наведува дека државен службеник соработник има 200 бода за образование и 185 бода за звање,или вкупно 385 бода, а минатиот труд се сметал само на 200 бода, односно на половина од нето личниот доход, што не било случај со работниците во Република Македонија кои не се опфатени со овој закон.

3. Судот на седницата утврди дека според член 35 став 1 од основниот текст на Законот за државните службеници, со основната плата која се исплатува на државниот службеник се обезбедува вреднување на соодветниот степен на образование утврден со актот за систематизација за работните места, за работното место на кое тој е распореден и работното искуство.

Според ставот 2 на овој член од Законот, степенот на образование утврден за соодветната група во согласност со член 6 став 6 од овој закон се вреднува, и тоа за:
I група високо образование 200 бода
I I група високо образование 200 бода
I I I група вишо образование 150 бода
средно образование 100 бода

Според оспорениот став 3 од овој член на Законот, работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од Законот за државните службеници веќе била предмет на уставно-судска оценка. Имено, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.број. 121/2004 од 15 декември 2004 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 35 став 3 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001,103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004 и 69/2004).

Подносител на иницијативата бил Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани на Република Македонија, а одредбата била оспорена од истите причини како и во предметната иницијатива.

Во ова решение Судот утврдил дека Законот за државните службеници предвидел посебни правила од јавно правен карактер кои се разликуваат од оние што важат за вработените во стопанството на кои се применуваат Законот за работните односи и колективните договори.

Во однос на исплатата на платите и другите надоместоци на државните службеници, според Судот постои разлика во смисла што да се врши од Буџетот на Република Македонија кој ги опрелува буџетските рамки и општата политика на јавната потрошувачка наспроти исплатата на платите на вработените во стопанството и другите дејности што се врши од други извори на средства.

Судот оценил дека решенијата содржани во Законот за државните службеници имаат системски карактер, поради што и нивното наградување и нивните права по основ на работен однос во државен орган произлегуваат од видот и карактерот на работите што ги вршат.

Од тие причини, Судот утврдил дека законското решение според кое работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група за секоја година работен стаж, а најмногу до 20% е согласно со член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија кој предвидува секој вработен да има право на соодветна заработувачка.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.број. 165/2004 од 23 февруари 2005 година ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 и 3 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 85/2003, 17/2004 и 69/2004), врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Уставниот суд го оценувал оспорениот член 35 став 3 кој бил оспорен од истите причини како и во оваа иницијатива, а при тоа не наоѓа основ за поинакво одлучување, Судот одлучи да ја отфрли inicijativata согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

Судот исто така, одлучи да ја отфрли иницијативата и во однос на член 35 став 1 од Законот за државните службеници за кој во иницијативата воопшто не се наведени причини за неговото оспорување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 255/2007
19 декември 2007
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски