254/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 22 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 53 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делови од член 53 став 2 и член 64 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените делови ги правеле одредбите непотполни, непрецизни и нејасни и истите можеле да се злоупотребуваат и од самиот Управен суд. Имено, Судот можел секогаш да најде оправдување дека природата на работите не дозволувала да се донесе решението кое во се ќе го замени актот на надлежниот орган и на тој начин граѓаните и правните лица не ќе можеле на време да ги остваруваат своите повредени права и правни интереси. Од оспорениот дел на членот 64 од Законот, не можело да се утврди за кои органи станува збор, така што во практиката оваа додавка не можела ниту да се применува, од каде подносителот на иницијативата смета дека немало ни уставна основа за нејзино постоење во правниот поредок на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорените делови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 53 став 1 од Законот, ако надлежниот орган по поништувањето на управниот акт не донесе веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена нов управен акт, или акт за извршување на пресудата донесена врз основа на членот 40 став 5 од овој закон, странката може со посебен поднесок да бара донесување на таков акт. Ако надлежниот орган не донесе акт ни за седум дена од ова барање, странката може да бара донесување на таков акт од судот што ја донел пресудата.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, по барањето од ставот 1 на овој член, судот ќе побара од надлежниот орган известување за причините поради кои не го донел управниот акт. Надлежниот орган е должен да го даде ова известување веднаш, а најдоцна во рок од седум дена. Ако тој не го изврши тоа или ако даденото известување според мислењето на судот не го оправдува неизвршувањето на судската пресуда, судот ќе донесе решение што во се го заменува актот на надлежниот орган, ако природата на работата тоа го дозволува. Судот ова решение ќе го достави до органот надлежен за извршување и за тоа истовремено ќе го извести органот што врши надзор. Органот надлежен за извршување е должен без одлагање да го изврши ваквото решение.

Одредбата се оспорува во делот: “ако природата на работата тоа го дозволува.“

Според членот 64 од Законот, заради обезбедување и извршување на решението судот, според околностите на конкретниот случај, веднаш ќе преземе што е потребно, а може за решението да го извести функционерот на органот што врши надзор, јавниот обвинител и други органи, за да можат и тие да преземаат мерки утврдени од судот.

Одредбата се оспорува во делот: “и други органи.“

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владе-ењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XXV со кој е заменет член 98 од Уставот, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Видовите, надлежноста, основањето, укинува-њето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за управните спорови се определуваат правилата на постапката според кои Управниот суд ја обезбедува судската заштита на правата и интересите на физичките и правните лица кога тие се повредени со актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, како и за актите донесени во прекршочна постапка. Надлежноста на Управниот суд поконкретно е уредена во членот 2 од Законот за управните спорови.

Според оваа одредба Управниот суд одлучува за закони-тоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон (став 1). Според став 3 на истиот член, во управен спор судот решава и одлучува за спор што ќе произлезе од спроведувањето и извршувањето на одре-дбите на концесиските договори, договорите за јавни набавки, кои се од јавен интерес и за секој договор во кој една од страните е државен орган, организација со јавни овластувања, јавно претпријатие, општи-ните и градот Скопје, склучен од јавен интерес или заради вршење јавна служба (управни договори). Во управен спор судот одлучува и против поединечните акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таквиот акт не е обезбедена друга правна заштита (став 4). Во управен спор судот одлучува и за судир на надлежност меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините и градот Скопје и по спорови настанати за судир на надлежности меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавни овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита (став 5).

Тргнувајќи од карактерот на управно-судските спорови произлегува дека управната материја опфаќа проблематика од повеќе области (имотно правна област, катастар, урбанизам и градежништво, водостопанство, стопанство, сообраќај и врски, игри на среќа, трансформација, образование, јавни набавки, избори, пензии и права од пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување, здравствено-санитарен надзор и контрола, јавни давачки, даноци, царини, такси, статусни прашања, патни исправи, возила, оружје, права од индустриска сопственост и авторски права, банкарски работи, концесии, одбрана, работни односи, акцизи, разре-шување од должност и друго).

Во конкретниот случај, членот 53 став 2 од Законот и оспорениот дел: „ако природата на работата тоа го дозволува„ се поместени во Главата VII. Задолжителност на пресудите. Со овој дел од Законот законодавецот го уредува постапувањето на органот чиј акт бил поништен со пресудата на Управниот суд, го определува можниот начин на однесување на странките ако органот не постапува по она што е наложено од Судот, но исто така определува и начин на постапување на Судот во случај да не се постапува по неговите одлуки. Со ваквото уредување законодавецот направил нормативно уредување кое оди во правец на поефикасно, побрзо и взаемно контролирно остварување на правата на странките во управните спорови и покрај неспорната околност што неизвршувањето на судските одлуки подлежи на кривично казнување. Она што е предмет на оспорување е формулацијата „ако природата на работата тоа го дозволува„ како непотполен, непрецизен и нејасен дел од одредба што можело да се злоупотребува и од самиот Управен суд, бидејќи тој можел секогаш да најде оправдување дека природата на работите не дозволувала да се донесе решението кое во се ќе го замени актот на надлежниот орган и на тој начин граѓаните и правните лица не ќе можеле на време да ги остваруваат своите повредени права и правни интереси.

Можноста за донесување на решение кое во се го заменува актот на надлежниот орган, не следува по автоматизам, туку е определена за Управниот суд во ситуациите кога конкретен орган, задолжен за извршување не дал оправдани причини за неизвршу-вањето на судската пресуда. Таквата можност следува откако ќе изминат 30 дена по доставувањето на пресудата до органот надлежен за извршување, 7 дена од барањето на странката да се постапи по одлуката, периодот на обраќање на странката до Судот и уште 7 дена од барањето на Судот да се изврши неговата одлука, значи се работи за подолг временски период за неизвршување на пресудата без постоење на оправдани причини за тоа.

Според мислењето на Судот, во таков случај, уставно е оправдана дадената можност на Управниот суд да донесе решение кое во се го заменува актот за извршување на надлежниот орган, но не во секој случај, туку само онаму каде природата на работите тоа го дозволува, што според оцена на Судот зависи од карактерот на самиот управен спор, карактерот и видот на управниот акт, документацијата, односно податоците со кои располага Судот, како и карактерот и спецификата на дејствието што треба да се изврши од страна на надлежниот орган по донесувањето на пресудата. Според тоа, законодавецот за ваква правна ситуација и не можел да направи поконкретно, попрецизно формулирање.

Што се однесува пак до наводот за можните злоупотреби од самиот Управен суд и можноста за наоѓање оправдување дека природата на работите не дозволувала да се донесе решението кое во се ќе го замени актот на надлежниот орган Уставниот суд оцени дека е неоснован. Ова од причина што во интерес е на секој суд, па и на Управниот неговите одлуки да бидат извршени, а можните злоупо-треби според позитивните прописи подлежат на соодветни санкции, од кои не може да биде поштеден ни Управниот суд. Во крајна линија злоупотребите влегуваат во сверата на конкретна примена која не може да биде основа за уставно-судска оцена.

Оспорениот дел: „и други органи“ е составен дел на членот 64 Глава VII. Посебни одредби од Законот и како целина има за цел да ја уреди можноста за Управниот суд покрај функционерот на органот што врши надзор и јавниот обвинител да ги извести и другите органи за донесеното решение за обезбедување и извршување, а според околностите на конкретниот случај.

Според оцена на Уставниот суд и во овој случај се работи за нормативна неможност за поконкретно определување на сите органи, за кои, покрај прецизираните (функционерот на органот што врши надзор и јавниот обвинител) Управниот суд, за секој конкретен случај ќе има потреба да извести за донесеното решение. Имено, во прашање е мноштво на министерства, фондови, комисии, регистри, банки, катастар на недвижности, инспекции, регулаторни тела, банки и многу други органи за кои од секој конкретен случај, би произлегла обврска да постапат врз основа на донесеното решение или би имале потреба од сознание за донесеното решение, или би требало да преземат дејствија во правец на обезбедување, односно извршување на конкретното решение. Исто така, бројни надзорни органи, заедно со Управниот суд, по службена должност водат сметка за да се обезбеди извршувањето на судските одлуки, од каде оспорениот дел и неможел да се креира на поконкретен начин.

Од вака направената анализа произлегува дека во двата случаја се работи за општо нормативно формулирање кое по својата суштина значи отстапување од принципот на лесно препознатлив опис на нормата, бидејќи нејзиниот поконкретен опис зависи од низа однапред недефинирани околности, или пак кога би биле утврдени, заради ширината на материјата на која се однесуваат и енормноста на можното набројување би постоела опасност од испуштање на сите можни правни ситуации. Во крајна линија иако ваквите норми не се докрај определени тие се секогаш определиви и како такви не се про-блематични по однос на принципот на владеењето на правото и техниката на сочинување на нормите како нејзин составен дел.

Тргнувајќи од напред наведеното Судот оцени дека оспорениот дел: „ако природата на работата тоа го дозволува„ од членот 53 став 2 и делот: „и други органи“ од членот 64 од Законот за управните спорови се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.254/2008
22 април 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски