252/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 2, 3, 58, 73, 79-82 и 86-99 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Љупчо Христовски од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Деловникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се уредувале прашања кои излегувале од рамките на начинот на работата на Судот и на постапката пред Судот, како што определувал Уставот на Република Македонија, поради што тие одредби од Деловникот не биле во согласност со член 113 од Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорените одредби од Деловникот се уредуваат прашања за седиштето и печатот на Судот, обемот на имунитетот на Претседателот на Републиката, критериумите за тоа кога ќе се укине а кога поништи определен акт, дејството на одлуките на Судот, извршувањето на одлуките на Судот, соработката со уставните судови на други држави и внатрешната организација.
Понатаму, Судот утврди дека по друга иницијатива, еднаш веќе ги оценувал членовите 79-81 и членовите 86 и 87 од Деловникот оспорени со оваа иницијатива.
Со оглед на тоа што дел од одредбите на Деловникот оспорени со оваа иницијатива биле оценувани од Судот по друга инициијатива, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот за тие одредби, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Во однос на другите одредби од Деловникот оспорени со иницијативата, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по неа, затоа што, согласно член 13 од Деловникот, Судот не може истовремено да биде и страна и да суди по својата работа, поради што за тие одредби , согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Од друга страна, доколку би биле исполнети процесните претпоставки за постапување по иницијативата, Судот смета дека означените одредби од Деловникот имаат основ во член 113 од Уставот на Република Македонија бидејќи со оваа уставна одредба, овластувајќи го Судот со свој акт да ги уреди прашањата за начинот на работата и постапката пред него, Уставот всушност го определува степенот на самостојноста на Судот во однос на другите државни органи и, во таа смисла, го овластува Судот самиот да го определи обемот на уредувањето на наведените прашања. Во спротивно, доколку се смета дека содржината на оспорените одредби од Деловникот е материја што требало да ја уреди Собранието на Република Македонија или некој друг орган, таквото уредување на односите не би имало основа во означената уставна одредба.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Прое вски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.252/95
13 септември 1995 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Јован Проевски