252/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, на седницата одржана на 16 декември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА предлогот на независниот пратеник Тодор Петров за решавање судир на надлежност меѓу носителите на законодавната и извршната власт и за давање одговор во која власт спаѓа Претседателот на Републиката.
2. Независниот пратеник на Собранието на Република Македонија Тодор Петров му поднесе предлог на Уставниот суд на Република Македонија за решавање судир на надлежност што настанал меѓу Собранието на Републиката и Претседателот на Републиката, во врска со барањето упатено до ООН за испраќање на мировни сили во Македонија. Имено, со предлогот се бара Уставниот суд да одговори во која власт спаѓа Претседателот на Републиката и дали е во надлежност на Претседателот на Републиката да поднесува барање до ООН за испраќање на мировни сили на територијата на Републиката, односно дали со доставувањето на барање за испраќање мировни сили до Генералниот секретар на ООН не ги пречекорил своите уставни овластувања и ги презел ингеренциите на Собранието на Република Македонија.
3. Според член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен да решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.
Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) предлог за решавање судир на надлежност меѓу носителите на законодавната и извршната власт може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право. Според член 63 од Деловникот предлогот за решавање на судирот на надлежноста може да се поднесе откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифати или одбие надлежноста за решавање ист предмет или откако и двата органа ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.
Од изнесените одредби произлегува дека предлог за решавање судир на надлежност меѓу носителите на законодавната и извршната власт може да поднесе еден од органите меѓу кои настанал судирот или секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста од страна на овие органи не може да оствари некое свое право. Според тоа, основа за постапување на Судот во конкретниот случај би преставувал предлог поднесен од Собранието или Претседателот на Републиката. Според мислењето на Судот, пратеникот како член на Собранието не може да се јави како подносител на овој предлог, затоа што не му се оневозможува остварување на некое лично право како граѓанин, а како пратеник, пак, тој правото да ги претставува граѓаните и да одлучува по прашањата од надлежност на Собранието, во смисла на член 61, 62, 66, 68 и 69 од Уставот, го остварува во Собранието.
4. Во врска со барањето, Судот да одговори во која власт спаѓа Претседателот на Републиката и дали со своите активности Претседателот на Републиката ги пречекорил своите уставни овластувања, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да дава мислење за смислата на уставните одредби, освен кога одлучува по одделни прашања во рамките на својата надлежност. Во таа смисла ако предлогот за решавање на судир на надлежност е поднесен од овластен предлагач или ако е покрената постапка за одговорност на Претседателот на Републиката, во смисла на член 87 од Уставот, Судот ќе го изрази своето мислење и за прашањата содржани во предлогот на независниот пратеник.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.