25/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот “Судска надлежност за забрана на штрајк и отстранување од работа” и член 244 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот, се пропишувала можност со судска одлука да се забрани штрајк, меѓутоа правото на штрајк било уставно загарантирано право и не можело да се забранува. Од овие причини оспорениот поднаслов и оспорената одредба од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, член 38 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за работните односи во поднасловот „Судска надлежност за забрана на штрајк и отстранување од работа“ е предвиден членот 244 според кој:

„(1) Одлука за забрана на штрајк донесува надлежниот суд за работни спорови во прв степен.

(2) По жалба против одлуката од ставот (1) на овој член, одлучува надлежниот суд.

(3) Постапката по барањето за забрана на штрајк, односно отстранување од работа е итна“.

4. Според членот 8 став 1 алинеа 3 од Уставот владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 38 од Уставот се гарантира правото на штрајк.

Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Со одредбите од членовите 236-245 од Законот за работните односи е регулиран штрајкот од аспект на правата и обврските, отстранување од процесот на работа,правила на работа кои не смеат да се прекинат за време на штрајк, последици од организирањето и учеството во штрајк, придонеси од плата, организаторот на штрајкот може од свои средства да им обезбеди надомест на нето плата за време на штрајк на работниците кои учествувале во штрајк, судска забрана на незаконски штрајк и надомест на штета,судска забрана за незаконско исклучување од работа и надомест на штета, судска надлежност за забрана на штрајк и отстранување од работа, и штрајк во вооружените сили, полицијата, органите на државната управа и јавни служби.

Според членот 238 од Законот, на предлог на работодавачот, синдикатот и работодавачот спогодбено подготвува и донесува правила за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк.

Правилата од ставот (1) на овој член содржат особено одредби за работите и бројот на работниците кои на нив мора да работат за време на штрајк, а со цел за овозможување обновување на работата по завршување на штрајкот (производно одржувачки работи), односно со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните (нужни работи). Со определување на работите од ставот (1) на овој член не смее да се оневозможува или битно ограничува правото на штрајк. Ако синдикатот и работодавачот не се спогодат, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлогот на работодавачот до синдикатот за определување на работите од ставот (1) на овој член, работодавачот или синдикатот може во рок од наредните 15 дена да бара за тие работи да одлучи арбитража.

Според членот 239 од Законот, организирањето или учеството во штрајк организиран во согласност со одредбите на овој закон и колективен договор, не претставува повреда на договорот за вработување. Работникот не смее да биде ставен во понеповолна положба од другите работници поради организирање или учество во штрајк, организиран во согласност со одредбите на закон и колективен договор. На работникот може да му се даде отказ само ако организирал или учествувал во штрајк кој не е организиран во согласност со закон и колективен договор или ако за време на штрајкот направил некоја друга тешка повреда на договорот за вработување. Работникот не смее на кој било начин да биде присилен да учествува во штрајкот.

Според членот 242 од Законот, работодавачот, односно здружението на работодавачите може да бара од надлежниот суд да забрани организирање и спроведување на штрајк спротивно на одредбите на Законот. Надлежниот суд може да забрани организирање и спроведување на штрајк спротивно од одредбите на закон, а работодавачот може да бара надомест на штета која ја претрпел поради штрајкот кој не е организиран и спроведен во согласност со овој закон.

Според членот 243 од Законот, Синдикатот може да бара од надлежниот суд да забрани исклучување од работа за време на штрајк, спротивно од одредбите на закон. Синдикатот може да бара надомест на штета која тој или работниците ја претрпеле поради исклучувањето од работа за време на штрајк кое не е во согласност со закон.

Судот оцени дека со оспорениот поднаслов и со оспорениот член 244 од Законот е регулирана судската надлежност да одлучува за забрана на штрајк и отстранување од работа. Со оспорените одредби законодавецот не регулирал односи поврзани со забрана, туку регулирал надлежност на суд .

Имајќи предвид дека право на законодавецот е да го овластува судот да ги одлучува спорните односи во врска со штрајкот и кога тој се забранува поради законските услови за тоа, не постојат уставни пречки за предметното законско регулирање. Ова особено и поради тоа што Уставниот Суд во Решението У.број 187/2005 зазел став дека судската надлежност е гаранција и заштита од злоупотреби на остварувањето на штрајкот и судската постапка е итна.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот поднаслов и оспорените одредби од членот 244 од Законот за работните односи се во согласност со Уставот.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.25/2012
11 април 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски