25/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 70 точка 17 во делот “дава правна помош на осигурениците и корисниците на пензија” од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1994, 34/1995, 46/1999, 10/2002 и 5/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба се дозволувало правна помош да даваат и лица кои не се адвокати (во случајов: стручната служба на Фондот која со подзаконски пропис каков што бил оспорениот статут била овластена да дава правна помош на осигурениците и на корисниците на пензија).

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 70 точка 17 од Статутот стручната служба на Фондот обезбедува единствена примена на прописите и дава правна помош на осигурениците и на корисниците на пензија.

Согласно член 50 став 3 од Уставот на Република Македонија граѓанинот има право да биде запознаен со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Во член 168 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003) меѓу другото, е предвидено дека за вршење на управните, финансиските, стручните, административните и другите работи за спроведување на пензиското и инвалидското осигурување, Фондот образува единствена стручна служба која согласно членот 140 на овој закон донесува решенија за правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Членот 136 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување упатува во постапката за решавање на правата од пензиското и инвалидското осигурување да се применуваат прописите од Законот за општата управна постапка.

Законот за општа управна постапка предвидува давање помош на неуката странка во остварувањето на материјалните и процесните права во смисла дека службеното лице што ја води постапката е должно да ја предупреди странката на нејзините права во постапката и да и укаже на правните последици од дејствијата што ги преземала или што ги пропуштила (член 14 и член 40).

Во тој контекст, акцентот во точката 17 на членот 70 од Статутот не е ставен во смисла на изготвување на тужби, жалби и барања од страна на стручната служба на Фондот, туку во функција на обезбедување единствена примена на прописите во постапката на остварувањето на правото, односно признавање на она право кое му припаѓа на осигуреникот без оглед на фактот дали таа околност е содржана во барањето.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека правната помош што ја дава стручната служба на Фондот се врши во правната рамка на надлежностите содржани во Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за општата управна постапка, поради што оцени дека од овој аспект не може да се постави прашањето за уставноста на член 70 точка 17 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Во однос на одредбите од членовите 160 и 169 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на чија повреда се повикува подносителот на иницијативата, Судот смета дека наводите се неосновани поради следното.

Согласно членот 163 од Законот управниот одбор на Фондот, меѓу другото, донесува статут и други општи акти на Фондот.

Членот 169 од Законот предвидува дека со Статутот на Фондот се уредува организацијата и начинот на неговото работење; начинот на остварувањето на правата од пензиско и инвалидско осигурување; правата, обврските и одговорноста на органите на управување на Фондот и други прашања од организациона природа.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека овие одредби всушност претставуваат основ за негово донесување, поради што не може основано да се постави прашањето за неговата законитост од овој аспект.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.25/2004
15 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова