24/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 19 април 2006 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1 на град Охрид, бр.07-2087/4 од 27 декември 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид и објавена во “Службен гласник на општина Охрид“ бр. 11 од 29 декември 2005 година;

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точка 1 од ова решение;

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план означена во точка 1 од ова решение, со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003) и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка за планот и начинот на постапката за донесување на урбанистички план (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).

4. Јованка Баракоска од Охрид, застапувана од адвокат Марјан Попески од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение.

Во иницијативата се укажува дека во постапката за донесување на оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1 на град Охрид (ДУП) не бил изготвен извештај за стручната расправа и јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки од страна на општината, со што биле повредени одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои се однесуваат на постапката за донесување и измена на деталните урбанистички планови на општините.

Со оспорената одлука, според подносителот на иницијативата, се вршела дехуманизација на животниот простор на граѓаните со што се повредувал член 43 од Уставот – правото на здрава животна средина.

Во иницијативата понатаму се укажува на повреда на одредбата од член 21 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во врска со обврската за почитување на нормативите и стандардите за уредување на просторот при изготвувањето на урбанистичките планови. Подносителот на иницијативата цитира повеќе одредби од Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистичките планови и од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, кои, според негово мислење, не биле почитувани при изработката на оспорениот ДУП.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја поништи оспорената одлука.

Подносителот во иницијативата истакнува и посебно барање за донесување на решение за запирање на извршување на дејствија за добивање на одобрение за градба на Кп. бр. 15065 што се преземаат врз основа на оспорената одлука, затоа што можеле да настанат сериозни, тешко отстранливи последици за стабилноста и сигурноста на делот на куќата на подносителот на иницијативата.

Во дополнувањето на иницијативата се наведува дека при донесувањето на оспорената одлука не било постапено согласно член 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро (“Службен весник на СРМ“ бр. 45/1977) кој се уште е во сила. Подносителот на иницијативата смета дека при изготвувањето на Деталниот урбанистички план за Шестата урбана единица, Урбан модул 1, не е изготвен проект за заштита на Охридското езеро согласно наведениот закон, поради што Советот на општината Охрид постапил спротивно на овој закон кога ја донел оспорената одлука без прибавено мислење од надлежниот орган за заштита на Охридското езеро.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да ја оцени законитоста на оспорената одлука и од аспект на Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро и да ја поништи оспорената одлука и по тој основ.

5. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи 6 члена. Со членот 1 од Одлуката се констатира дека се донесува Детален урбанистички план за дел од 6-та урбана единица, урбан блок 1 – Охрид, 2005-2010. Со членот 2 од Одлуката се определува дека со овој ДУП се опфаќа просторот со површина од 3,5 ха. Граници на урбаниот блок се улицата “Јане Сандански“ од југоисток, крак на улица “Јане Сандански“ од југозапад, новопроектирани улица 1 и 2 и дел од улица “Даме Груев“ од северозапад и улицата “Карпош Војвода“ од североисток. Со членот 3 од Одлуката се предвидува дека Деталниот урбанистички план со технички број 235/2003 изработен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА – Скопје содржи: Графички прилози (синтезен приказ и синтезен приказ – инфраструктурни системи и текстуален дел) просторен концепт, билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот. Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за уредување на просторот се составен дел на планот, изготвен според Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/1996, 27/1997, 18/1999, 102/2000, 53/2001 и 2/2002). Со членот 4 од Одлуката се предвидува дека ДУП со сите негови делови се чува, следи и реализира во Секторот за урбанистичко планирање и заштита на животната средина на општина Охрид. Со членот 5 од Одлуката се определува дека ДУП се заверува со печат на Советот на општина Охрид и потпис на претседателот на Советот на општина Охрид. Членот 6 од Одлуката содржи одредба за нејзино влегување во сила (осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Охрид”).

По поднесувањето на иницијативата, Советот на општина Охрид до Уставниот суд ја достави комплетната документација што претходела на донесување на оспорениот акт и тоа:

– Одлука за донесување на ДУП бр. 07-3087/4 од 27 декември 2005 година;
– Предлог-план изготвен од ДОО “ИН-ПУМА“ – Скопје, со тех. бр. 235-2003 од октомври 2004 година;
– Согласност на Предлог-ДУП бр. 13-16537 од 30 ноември 2004 година;
– Барање согласност бр. 08-1261/71 од 25 ноември 2004 година;
– Нацрт-план од декември 2003 година;
– Програма за изработка на урбанистички планови бр. 07-64/3 од 30 јануари 2004 година;
– Стручна ревизија на Нацрт-план изготвена од ДОО “Полигопроект-про“ – Гостивар од март 2004 година;
– Одговор на стручна ревизија од изготвувачот на планот од март 2004 година;
– Стручно мислење од Министерството за транспорт и врски бр. 12-2896 од 29 март 2004 година;
– Записник и заклучок за утврдување на Нацрт-планот, бр. 22-1261/31 од 28 мај 2004 година;
– Одлука за организирање на јавна анкета по Нацрт-планот, бр. 22-1261/32 од 28 мај 2004 година;
– Соопштение за јавна анкета за Нацрт-планот објавено во печатен медиум;
– Записник од стручна консултација по Нацрт-планот, бр. 22-1261/58 од 4 октомври 2004 година;
– Извештај од јавна анкета по Нацрт-планот со стручна консултација, бр. 08-1261/68 од 15 ноември 2004 година;
– Известување за постапување по Извештајот од јавната анкета бр. 08-1261/69 од 18 ноември 2004 година;

Врз основа на приложената документација, Судот утврди дека Нацрт-Деталниот урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, Урбан блок 1, Охрид е изработен од ДОО “ИН-ПУМА“ Институт за урбанизам, сообраќај и екологија, од Скопје, со технички број 235-03 во декември 2003 година.

На Нацрт-планот била извршена стручна ревизија од страна на ДОО “Полигопроект-про“ Гостивар во март 2004 година за што бил изготвен Извештај во кој биле содржани определени забелешки и сугестии.

Изработувачот на Нацрт-ДУП “ИН-ПУМА“ во март 2004 година дал одговор на стручната ревизија со кој биле прифатени забелешките и сугестиите од стручната ревизија.

На Нацрт-ДУП Министерството за транспорт и врски дало стручно мислење бр. 13-2896 од 29 март 2004 година, во кое се дадени определени забелешки, како и укажување дека е потребно во Нацрт-ДУП да се вградат сугестиите и забелешките од стручната ревизија и од стручното мислење.

Секторот за урбанистичко планирање и заштита на животната средина при општината Охрид, по констатирањето дека во планот се прифатени и вградени забелешките и сугестиите од стручната ревизија и стручното мислење, со записник и заклучок бр. 22-1261/31 од 28 мај 2004 година го утврдила Нацрт–Деталниот урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, Урбан модул 1 на општина Охрид, 2004-2009.

На 28 мај 2004 градоначалникот на општина Охрид донел решение бр. 08-1261/32 за организирање на јавна анкета по Нацрт–ДУП кое било објавено во дневен весник на 22 јуни 2004.

Јавната анкета по Нацрт – ДУП била спроведена од 23 јуни 2004 до 5 јули 2004 година.

На 5 јули 2004 година била извршена стручна консултација по Нацрт – ДУП, за која бил изготвен записник бр. 22-1261-58 од 4 октомври 2004 година.

Општина Охрид изготвила Извештај за спроведената јавна анкета и стручна консултација бр. 08 – 1261/68 од 15 ноември 2004 година. Во Извештајот се наведува дека биле доставени 18 анкетни листови со забелешки на планот. Биле прифатени забелешките по 8 анкетни листови, делумно биле прифатени забелешките по 5 анкетни листови, а забелешките по 5 анкетни листови не биле прифатени. Од Извештајот се гледа дека подносителот на иницијативата, Јованка Баракоска доставила 9 забелешки, кои не биле прифатени, но за кои бил даден одговор.

Во Известувањето за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и стручна консултација бр. 08-1261/69 од 18 ноември 2004 се констатира дека во предлог планот е постапено според образложението во Извештајот, односно дека прифатените забелешки се вградени во Предлог-планот.

На 25 ноември 2004 година со барање 08-1261/71, општина Охрид побарала согласност на Предлог-ДУП од Министерството за транспорт и врски.

Врз основа на доставената документација од општина Охрид, Министерството за транспорт и врски на 23 декември 2004 година дало согласност (бр. 13-16537) на Предлог ДУП за дел од Шестата урбана единица, Урбан блок 1 во Охрид.

На 27 декември 2005 година Советот на општината Охрид ја донел оспорената одлука за донесување на детален урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1, Охрид 2005-2010. Одлуката била објавена во “Службен гласник на општина Охрид“ бр. 11 од 29 декември 2005.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистиèко пла­нирање (“Службен весник на Репу­б­лика Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), просторното и урбанистичкото плани­рање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, доне­су­вање и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓу­себно се усогласуваат.

Според èлен 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистиèки план.

Деталниот урбанистиèки план, според èлен 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подраèја за кои е донесен генерален урбанистиèки план. Според содр­жината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбани­стиèки план сод­ржи синтезен графиèки приказ на планските решенија во границата на урбаното подраèје со билансни показатели за урбаните модули и инфра­структурата. Деталниот урбанистиèки план, како план од пони­ско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистиèки план. Во ставот 4, е определено дека докумен­тацијата на деталниот урбани­стиèки план за постојната состојба и проекциите претставуваат доку­мента­ци­она основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доста­вува на струèна ревизија според èлен 19 на овој Закон.

Од содржината на èлен 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од èлен 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистиèки план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистиèки план во општината донесува градонаèалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (èлен 17 став 7).

Според èлен 18 од Законот, јавната анкета по детал­ниот урбанистиèки план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтере­сираните граðани и правни лица од конкретното подраèје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до орга­низаторот на анкетата. За времето и местото каде æе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Во смисла на èлен 19 од Законот, на нацртот на плановите од èлен 7 од овој закон, пред организирањето на струèната расправа, односно јавата анкета, се врши струèна ревизија. Струèната ревизија на урбанистиèките планови според програмата од èленот 13 на овој закон ја врши струèна науèна институција или комисија што ја опре­де­лува, односно формира министерот надлежен за работите за уредува­ње на просторот.

Согласно èлен 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесу­вање, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според èлен 22 став 6 и 7 и член 23 од овој Закон, урбанистиèките планови се донесуваат по издавањето согласност од Минис­терството надлежно за работите на урбанизмот.

7. Имајќи ги предвид наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1 на град Охрид, бр.07-2087/4 од 27 декември 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид е спроведена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање, бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената одлука за наведениот ДУП се испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон. Од овие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Меѓутоа, имајќи ја предвид одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, од која произлегува дека при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законските прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата, според Судот, во постапката за донесување на урбанистички планови, општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран треба да ги почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро (“Службен весник на СРМ“ бр. 45/1977) со кои овие езера, како добро од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, нивните води, крајбрежија, извори и водотоци, поради карактеристичните одлики и природна убавина, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробилошки, лимнолошки
и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставени под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел редица превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриски објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Имајќи го во вид фактот што Советот на општина Охрид во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, пред Судот основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

8. Што се однесува до наводите во иницијативата за несогласноста на планот со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, на што е ставен главниот акцент во иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да се произнесува по истите, поради следното:

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со уставот и со законите.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи го предвид фактот дека оспорената одлука за Деталниот урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1 на град Охрид е од ист правен ранг со наведените правилници, Судот оцени дека иницијативата во овој дел треба да биде отфрлена.

9. При донесување на ова решение Судот оцени дека е оправдано да се очекува дека со извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука може да настанат тешко отстранливи последици и дека поради тоа се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на нивното извршување.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 24/2006
19 април 2006 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова