24/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1, 2 и 3 од Статутот на Јавното Автотранспортно претпријатие “Полет” – Тетово, донесен од Управниот одбор на 13 декември 2001 година.

2. Јагнула Куновска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на членот 1, 2 и 3 од Статутот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој не бил во согласност со член 32 и 112 од Уставот и со законот. Според наводите од иницијативата општината Тетово иако не била оснивач на претпријатието основано од Народниот одбор на тетовска околија од 1953 година, во 1989 година со Одлука за основање на јавно претпријатие се јавува како оснивач на претпријатието без притоа да ги уреди меѓусебните односи меѓу оснивачот и претпријатието. Понатаму во иницијативата се наведува дека Статутот на ова претпријатие претставува непосреден основ за изигрување на правата на вработените, односно тие биле лишени од можноста да го приватизираат ова претпријатие и да ги остваруваат своите права согласно вложениот труд и капитал.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 20,а во врска со член 196 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88 и 40/89) Собранието на општина Тетово на одделната седница на Соборот на здружениот труд на 28 декември 1989 година донело Одлука за организирање на Автотранспортна организација на здружен труд “Полет”-Тетово како јавно претпријатие.

Во одлуката за основање на ова претпријатие било предвидено дека Статутот на Автотранспортното претпријатие ќе се донесе најдоцна до 31 март 1990 година.

Во оспорениот член 1 од Статутот е предвидено дека во член 1 со овој статут се уредуваат организацијата и положбата на Јавното претпријатие, во согласност со законот.

Во член 2 од Статутот е предвидено дека Јавното автотранспортно претпријатие е основано со решение на Народниот одбор на тетовска околија бр.5845 од 11.04.1953 година, под фирма: Околиско автотранспортно претпријатие “Полет”-Тетово, со обезбеден почетен капитал, односно средства за работа во износ од 5.163,390 тогашни динари, обезбедени од оснивачот.

Претпријатието, со Одлука на Собранието на општина Тетово, бр.08-5740/1 од 12.12.1989 година и Одлука бр.08-599/3 од 28.12.1989 година е организирано како јавно претпријатие со фирма: Автотранспортно претпријатие “Полет”-Тетово Ц.О. и е запишано во судскиот регистар на Основниот суд – Скопје, под срег.бр.242/299. Со одлука на Советот на општина Тетово бр.07-1421/5 од 15.12.1999 година и Одлука бр.08-5999/3 од 28.12.1999 година, претпријатието работи под фирма: Јавно автотранспортно претпријатие “Полет”-Тетово или со скратен назив на претпријатието ЈАТП “Полет”-Тетово.

Во член 3 од Статутот е предвидено дека правен следбеник на оснивачот на претпријатието со сите права и обврски како оснивач е Општина Тетово.

4. Според член 196-б од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90) постојните организации на здружениот труд од посебен општествен интерес може да се организираат како јавно претпријатие со донесување на одлука на надлежната општествено политичка заедница.

Општествено политичката заедница учествува во управувањето со јавното претпријатие сразмерно на вложениот капитал.

Капиталот од став 2 на овој член се смета за државна сопственост.

Според член 719 став 2 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на РМ” бр.28/96) одредбите од Законот за претпријатијата ќе продолжат да се применуваат на општествените претпријатија, јавните претпријатија и на задружните претпријатија се додека под услови и на начин и во рокови утврдени со друг закон не бидат претворени во некое од друштвата утврдени со овој закон.

Законот за комуналните дејности (“Службен весник на РМ” бр.45/97) ги уредува основните услови и начин на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности при што овој закон не го решава прашањето за статусот на постојните јавни претпријатија и нивниот начин на трансформирање.

Според член 3 став 4 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96), јавните претпријатија основани од Република Македонија се во сопственост на Република Македонија, а јавните претпријатија основни од општината односно градот Скопје се сопственост на општината односно градот Скопје.

Според член 19 од Законот за јавните претпријатија Управниот одбор на Јавното претпријатие, покрај другото, го донесува Статутот на јавното претпријатие.

Во член 29 од наведениот Закон е предвидено дека со Статутот на Јавното претпријтие се уредува организацијата, управувањето и раководењето со јавното претпријатие, општите акти и постапката за нивно донесување како и други прашања од значење за јавното претпријатие.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби како и содржината на оспорените одредби од Статутот произлегува дека Автотранспортното претпријатие “Полет” од Тетово е основано со Решение на Народниот одбор на тетовска околија од 1953 година со обезбеден почетен капитал, а со Одлуката на Општината Тетово од 1989 година донесена врз основа на Закон е организирано како јавно претпријатие кое врши дејност од јавен интерес и истото е запишано во Судскиот регистар како јавно претпријатие.

Според тоа Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Статутот со наведените законски одредби ниту, пак, со член 32 и 112 од Уставот.

5. Што се однесува до наводите од иницијативата за тоа дали општината е правен следбеник на оснивачот на претпријатието и со колкав капитал учествувал оснивачот Судот смета дека тоа се прашања кои се во надлежност и во постапка пред друг суд а не пред Уставниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.24/2002
3 април 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов