241/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на решението Уп.број 1203/дн број 112 од 19 октомври 2007 година, донесено од Државниот завод за геодетски работи, Одделение / Сектор за премер и катастар – Струмица.

2. Група граѓани од село Босилево, преку адвокатот Ацо Василев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на решението Уп.број 1203/дн број 112 од 19 октомври 2007 година, донесено од Државниот завод за геодетски работи, Одделение / Сектор за премер и катастар – Струмица.

Според наводите во иницијативата, Државниот завод за геодетски работи го донел оспореното решение со кое запишал имот во приватна сопственост како имот во државна сопственост, а вакви незаконити решенија донел и за останатите имоти на жителите од село Босилево.

Со оглед дека предметното земјиште опишано во оспореното решение било приватна сопственост на физичко лице, кое било стекнувано во семејството со купопродажба, наследување и подарување, не можело да стане збор дека Државниот завод за геодетски работи има основ да го запишува како државна сопственост со право на користење на физичкото лице, и така да ги запишува правата од земјиштето и во сите други решенија за жителите во село Босилево. Оттука, оспореното решение, како и другите решенија на жителите во селото Босилево, каде било незаконито извршено запишувањето на правата на земјиштето од страна на Државниот завод за геодетски работи, биле во несогласност со членот 112 од Законот за сопственост и други стварни права според кој правото на сопственост се стекнувало според закон врз основа на правна работа и со наследување, и во несогласност со членот 30 од Уставот со кој се гарантирало правото на сопственост.

3. Судот на седницата утврди дека Државниот завод за геодетски работи, Одделение / Сектор за премер и катастар – Струмица, по службена должност донело решението со кое врз основа на член 70 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на Република Македонија„ број 27/86, 17/91, 84/05 и 109/05), во диспозитивот утврдил во точката 1 дека недвижностите содржани во ПЛ број 1406 КО Босилево, и тоа земјиште од повеќе набројани катастарски парцели и површини, се запишува со право на сопственост на Република Македонија, потоа во точката 2 утврдил дека на земјиштето од точката 1 кое било државна сопственост на лицето Дедејски Живко од с.Босилево му припаѓа право на користење, а во точката 3 од диспозитивот на решението било утврдено дека се запишува право на сопственост на Дедејски Живко од с.Босилево само на објектите опишани на земјиштето.

Решението има образложение и правна поука дека против него може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од приемот до Комисијата за решавање на управни работи во втор степен од областа на премерот, катастарот и запишувањето на права на недвижностите, при Владата на Република Македонија.

Станува збор за конкретно решение донесено од управен орган, кое ги има сите елементи на конкретен управен акт и се однесува за запишување на права на недвижности кои се за конкретен имот и за конкретно лице.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Согласно членот 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија„ број 38/05 и 110/08) управни работи претставуваат сите акти и дејствија преку кои се изразуваат и извршуваат надлежностите на јавната администрација. Управни акти се сите оние акти и дејствија со коишто се решава за правата, обврските или правните интереси на странките во управната постапка.

Според членот 14 ставови 1 и 3 од овој закон, правото на жалба против поединечните правни акти, донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон, а против решението донесено во втор степен не е допуштена жалба.

Според членот 15 став 1 од овој закон, решението против кое не е изјавена жалба во управната постапка, или пак жалбата е искористена, а со кое странката се стекнала со некое право, односно со кое на странката и е определена некаква обврска, е конечно во управната постапка.

Според членот 16 од овој закон, решението против кое не може да се изјави жалба ниту да се поведе управен спор, а со кое странката стекнала определени права, односно со кое на странката и се определени обврски е правосилно решение. Решението станува правосилно и доколку странката се откаже од право на жалба.

Имено, со одредбите од членовите 15 и 16 од наведениот закон, јасно е определено дека во рамки на правосилното окончување на постапката, законитоста на управните акти може да се оспорува со жалба пред второстепен управен орган, и уставно гарантираната судска заштита на законитоста на управните акти, согласно членот 50 став 2 од Уставот, е обезбедена со правото на управен спор пред Управниот суд.

Согласно членот 209 став 3 од овој закон, управниот акт содржи увод, диспозитив, образложение, упатство за правно средство, назив на органот со број и датум, потпис на службеното лице и печат на органот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспореното решение ги има сите елементи на управен акт чија законитост можела да се оспорува на начин и во постапка предвидени со Законот за општата управна постапка, а не претставува пропис со кој се уредуваат односи на општ начин туку решава за права и обврски на конкретен субјект. Поради тоа, имајќи ги предвид уставните и деловничките одредби, произлегува дека Судот нема надлежност да ја цени уставноста и законитоста на оспореното решение и се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.241/2008
20 мај 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски