234/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеија 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 188 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 23 став 1 во делот: „и подзаконски акти што произлегуваат од него“ и членот 81 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 26 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 23 став 1 од Законот предвидувал дека основното училиште престанувало со работа, ако не се спроведувале одредбите од овој закон и подзаконските акти што произлегувале од него, меѓутоа од уставно-правен аспект било неодржливо да се уредува престанок на работа на училиштето не само заради неспроведување на законот туку и доколку не се спроведувале и подзаконските акти, како што тоа било уредено со оспорениот дел од одредбата од Законот. Поради тоа оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 44 и член 51.

Според наводите во иницијативата, со членот 26 од Законот било уредено дека во основното училиште можело да се остварува и верско образование како изборен предмет, меѓутоа, ова било во спротивност со уставниот принцип за одвоеност на државата од црквата, верските заедници и религиозни групи. Воедно, со членот 188 став 1 од Законот било предвидено дека членот 26 ќе се применувал од 1 септември 2008 година, што значело дека едно неуставно право во Законот ќе се применувало од наведениот временски период. Поради тоа оспорените одредби не биле во согласност со членот 16 став 1, членот 19 ставови 1 и 2 и амандманот VII од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека со членот 81 од Законот било уредено дека наставници за предметите за кои наставата се изведувала на странски јазик можеле да бидат и лица странски државјани кои имале соодветен вид на образование и го познавале јазикот на кој се изведувала наставата, за што согласност давало Министерството. Меѓутоа, неуставноста на ова законско решение произлегувало од различната положба која била утврдена со Уставот за граѓаните на Република Македонија кои се нејзини државјани и имале со тоа поголеми права, а такви не би можело да им се признаваат на странците и со тоа тие не би можеле да се изедначуваат и добиваат рамноправна положба со граѓаните во Република Македонија. Од овие причини оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 2 став 1, членот 4 став 1, членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека Законот за основното образование во членот 23 став 1 предвидел дека основното училиште престанува со работа, ако не се спроведуваат одредбите од овој закон и подзаконските акти што произлегуваат од него.

Членот 26 е укинат со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.202/2008 од 15 април 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2009).

Според членот 81 од Законот, наставници за предметите за кои наставата се изведува на странски јазик можат да бидат и лица странски државјани кои имаат соодветен вид на образование и го познаваат јазикот на кој се изведува наставата, за што согласност дава Министерството.

Според членот 188 став 1 од Законот, одредбата на членот 26 од овој закон ќе отпочне да се применува од 1 септември 2008 година.

6. Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, а според членот 91 став 1 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Законот за основното образование го уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем. Според Законот, основното училиште може да биде општинско кое го основа општината или државно кое го основа Владата на Република Македонија за основно образование на ученици со посебни потреби.

Со одредбата од членот 23 став 1 од Законот е уредено дека основното училиште престанува со работа, ако не се спроведуваат одредбите од овој закон и подзаконските акти што произлегуваат од него.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, според Судот за оспорениот дел од одредбата од членот 23 став 1 од Законот не може основано да се постави прашањето на уставноста поради тоа што јасно е определено дека работењето на основното училиште е условено со спроведувањето на одредбите од Законот со кој се регулирани правата и обврските во оваа сфера и е условено со спроведување на подзаконските акти што произлегуваат од законот, со кои се операционализира неговото извршување. Имено, станува збор за основно образование кое согласно членот 44 став 3 од Уставот е задолжително и бесплатно, тоа се спроведува во училиштата за основно образование кои се основани за таа цел, работата е уредена со закон и подзаконски акти и таа не може да се препушти да се остварува на начин и во услови надвор од правниот режим со кој е уредено работењето. Доколку работењето се спроведува спротивно на законот и подзаконските акти, со оспорената одредба од Законот се уредува дека престанува работењето на основното училиште, што подразбира прекин на работењето до отстранување на неправилностите, а не автоматски по сила на Законот престанок на основното училиште кое е основано со правен акт и има статус на правно лице. Воедно, со оспорената одредба јасно се упатува дека подзаконските акти треба да произлегуваат од Законот, а не надвор од него, поради што наводите во иницијативата кои се однесуваат на овој аспект од одредбата се неосновани и не можат да доведат до уставно проблематизирање на оспорениот дел од членот 23 став 1 од Законот.

Понатаму, со членот 29 став 1 од Уставот е определено дека странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Во делот на Уставот, кој се однесува на економските, социјалните и културните права, со членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно членот 20 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008 и 161/2008) странски државјанин или лице без државјанство може да склучат договор за вработување, ако ги исполнуваат условите определени со овој и со друг закон, со кој се уредува вработување на странци.

Со Законот за вработување и работа на странци („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007 и 5/2009) се уредени односите за остварување на вработувањето на лица странски државјани, на начин и под услови пропишани со одредбите од овој закон.

Според оспорениот член 81 од Законот за основното образование, наставници за предметите за кои наставата се изведува на странски јазик можат да бидат и лица странски државјани кои имаат соодветен вид на образование и го познаваат јазикот на кој се изведува наставата, за што согласност дава Министерството.

Тргнувајќи од уставно утврденото право дека странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори и секој има право на работа и слободен избор на вработување, а со законите е регулирано правото на работа на странски државјани во Република Македонија, произлегува дека со оспорената одредба од членот 81 од Законот за основното образование е дозволено под условите утврдени со овој закон, посебно и странски државјани да изведуваат настава како наставници со работен однос во основно училиште за определени предмети врз основа на согласност на Министерството за образование, со што не може уставно да се проблематизира оспорената законска одредба кога го регулира предметното право во основното образование, ниту со тоа се повредуваат уставно утврдените принципи на кои се повикува подносителот во иницијативата.

Со иницијативата се оспорува членот 26 од Законот за основното образование, меѓутоа Судот со Одлука У.бр.202/2008 од 15 април 2009 година го укина овој член од Законот, а поради тоа што со иницијативата се оспорува законска одредба што не е во правниот поредок, настапени се условите согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата. Со оспорениот член 188 став 1 од Законот за основното образование уредено е дека одредбата на членот 26 од овој закон ќе оточне да се применува од 1 септември 2008 година. Со оглед дека членот 26 од Законот не е во правниот поредок произлегува и дека за оспорениот член 188 став 1 од Законот основано може да се постави прашањето на уставноста бидејќи уредува примена на непостоечко право во Законот, со што се повредува уставниот принцип на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

Решението во однос на членот 23 став 1 во оспорениот дел од Законот, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.234/2008
6 мај 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски