234/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 мај 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 143 став 1 и член 188 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на РМ” бр.15/97).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 143 став 1 во делот “или да ги задржат до неговото доаѓање, ако тие лица би можеле да дадат податоци важни за кривичната постапка и ако е веројатно дека подоцна не би можело да се изврши нивно сослушување или тоа би било врзано со значително оддолжување или со други потешкотии. Задржувањето на овие лица на местото на извршувањето на кривичното дело не може да трае подолго од 6 часа” и член 188 од Законот за кривична постапка, затоа што со оспорените законски одредби било овозможено лицето затечено во извршување на кривично дело за кое се гони по службена должност да може да го лиши секој, а овластените службени лица на МВР можеле без одлука на суд да лишат од слобода и лице за кое постоело основано сомневање дека сторило кривично дело и тоа лице да го задржат 24 часа без постоење одлука на суд односно во него кумулативно не биле предвидени двата услови за лишување од слобода што било уставна обврска, поради што овие одредби не биле во согласност со член 12 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека во член 143 став 1 е предвидено дека овластените службени лица на министерството за внатрешни работи имаат право лицата затечени на местото на извршувањето на кривичното дело да ги упатат до истражниот судија или да ги задржат до неговото доаѓање ако тие лица би можеле да дадат податоци важни за кривичната постапка и ако е веројатно дека подоцна не би можело да се изврши нивно сослушување или тоа би било врзано со значително оддолжување или со други тешкотии. Задржувањето на овие лица на местото на извршувањето на кривичното дело не може да трае подолго од шест часа.

Според член 188 став 1 лицето затечено на извршување на кривично дело за кое се гони по службена должност може да го лиши од слобода секој. Лицето лишено од слобода мора веднаш да му се предаде на истражен судија или на Министерството за внатрешни работи, а ако неможе тоа да се стори, мора веднаш да се извести еден од овие органи. Министерството за внатрешни работи ќе постапи согласно со одредбите на овој член. Согласно став 2 на овој член овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат без одлука на суд да лишат од слобода и лице за кое постојат основи на сомнение дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност ако постои опасност од одлагање, а постои некоја од причините за притвор од член 184 став 1 на овој закон, но се должни веднаш да го приведат до надлежниот истражен судија. При доведувањето овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи ќе го извести истражниот судија за причините и за времето на лишувањето од слобода. Ако не е изготвена писмена информација, истражниот судија даденото известување ќе го внесе во записник. Според став 3 од овој член на Законот овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи, по исклучок, лицето од ставовите 1 и 2 на овој член можат да го задржат, ако задржувањето е потребно заради утврдување на истоветноста, проверување на алиби или од други причини е потребно да се соберат нужни податоци за водење на постапка против определено лице, а постојат и причини за притвор предвидени во член 184 став 1 точка 1 и 3 од овој закон. а во случај од член 184 став 1 точка 2 само доколку постои основано стравување дека тоа лице ќе ги уништи трагите на кривичното дело. Според ставот 4 лицето лишено од слобода мора да биде поучено според одредбата од член 3 од овој закон.

Во став 5 на овој член од Законот е предвидено ако во случај на задржување според став 3 на овој член лицето кое е лишено од слобода бара помош од бранител, овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи ќе го одложи извршувањето на сите дејствија до доаѓањето на бранителот, но најдолго 2 часа од времето кога на задржаното лице му била дадена можност да го извести бранителот.

Задржувањето според став 3 на овој член може да трае најдолго 24 часа. По истекот на овој рок овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи е должно задржаното лице да го пушти на слобода или да постапи според став 2 на овој член.

4. Според член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкоснована а спроед став 2 никому неможе да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Според став 4 на оовој член од Уставот, лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода да биде изведено пред суд кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишување од слобода.

Од цитираната уставна одредба произлегува дека слободата на човекот е неприкосновена и како таква Уставот истовремено ги утврдува основите, условите и начинот на нејзиното ограничување.

Притоа, Уставот прокламирајќи ја неприкосновеноста на слободата на човекот јасно ги определува и елементите за нејзиното ограничување. Имено, и покрај предвидените можности и ограничувања на оваа слобода во член 12 став 2 од Уставот (со одлука на суд и во случаи утврдени со закон) во ставот 4 на овој член од Уствот е утврдено како исклучок според кој лицето лишено од слобода веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа мора да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.

Од содржината на овој став произлегува дека кумулативноста на двата услова содржани во член 12 став 2 од Уставот не се однесуваат на приведувањето и задржувањето на лицето до моментот на предавањето на таквото лице на судот, а кој рок неможе да биде во никој случај над уставно утврдениот рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода на таквото лице, односно на лицето задржано на местото на еден криминален настан заради обезбедување на статичноста на настанот и селектирање на на доказите потребни за кривичната постапка, а кој рок не може да биде подолг од 6 часа.

Значи, според мислењето на Судот, Уставот допушта можност, под строго определени услови и време, едно лице да биде лишено од слобода и без судска одлука, а судот дополнително без одлагање да одлучи за законитоста на лишувањето од слобода, поради што Судот оцени дека неможе основано да се постави прашањето за согласноста на член 143 став 1 и член 188 со член 12 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.234/97)