233/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 107 став 1 точка 4 од Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба се пропишувал престанок на вршење на определено право, односно должност – функција член на Прекршочна комисија, како правна последица од осуда за кривично дело што настапува по сила на закон. Од овие причини, според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1 и членовите 23, 51 и 54 ставовите 1 и 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 107 став 1 точка 4 од Законот за ветеринарно здравство, член на Прекршочна комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Со Амандманот XX од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за ветеринарно здравство се уредуваат организацијата и одговорноста во вршењето на ветеринарната дејност, начелата и постапките за имплементација на активностите поврзани со заштита на животните и луѓето од болести кои се пренесуваат преку животни, производи, нуспроизводи од животинско потекло и предмети, активности против заразните болести кај животните, вклучувајќи зоолози, работата на Ветеринарната комора и други прашања, од значење на ветеринарната дејност (член 1 став 1).

Оспорената одредба од член 107 став 1 точка 4 од Законот е поместена во прекршочните одредби со кои се утврдени прекршоците и прекршочните органи. Надлежен орган за изрекување на прекршочните санкции е Прекршочниот орган. Имено, Прекршочната постапка пред прекршочниот орган ја води Комисијата за одлучување на прекршокот (Прекршочна комисија), формирана од страна на министерот.

Против решенијата на Прекршочната комисија, со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.

Основите за разрешување на член на Прекршочната комисија се утврдени во ставот 1 на членот 107 од Законот, во кој е содржана и оспорената точка 4, според која член на Прекршочната комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Од содржината на оспорената одредба произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда за кривично дело, претставува основа за разрешување на член на Прекршочната комисија. Од тоа како е формулирана одредбата, произлегува дека оспорената одредба се однесува за осуда на кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина и независно од видот и висината на санкцијата. Според Судот, со тоа се ограничува по сила на закон правото на член на Прекршочната комисија да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можело да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Тргнувајќи од наведената уставно-судска анализа и од формулацијата на наведената законска одредба која е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеење на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради што Судот оцени дека основано може да се доведе под сомнение нејзината согласност со овој член од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.233/2009
24 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски